Крајниот непријател е смртта...


 



Крајниот непријател е смртта


Христос плаче пред гробот на Неговиот пријател Лазар...од тој мал момент на солзи во историјата се појавува единствена мутација на воспоставениот религиозен пристап кон смртта. Дотогаш целта на религијата се состоеше во тоа да го направи човекот способен да се помири со смртта, прикажувајќи ја како ослободување од угнетувањето на телото и страдањето… како почетна точка на вечниот живот.

Но Христос плаче пред споменикот на Својот пријател и со овој чин ја открива сопствената борба со смртта, одбивањето да ја игнорира смртта и фаталистички да се помири со неа. Таа е препознаена како непријател: „Крајниот непријател е смртта“.

Изворот на овој нов пристап кон смртта може да се најде во една кратка фраза од Светото Писмо: „Бог ниту ја создал смртта, ниту има задоволство во загубата на живите“. Тоа значи дека постои сила во светот која го нема својот корен во Бога. Сила која Тој не ја создал и на која не се согласува.

Бог го создал животот. Секаде и секогаш Самиот Тој се нарекува Живот и Животворец. Човек би можел да ја постави работата вака: смртта е негирање на Бога. Ако смртта е „нормална“ состојба, ако е крајната вистина за животот, тогаш не постои Бог, целата приказна за Создавањето, радоста и светлината на животот е лага.

Затоа, најсуштинското прашање е како и од каде настапила смртта. Што е тоа што ја направи посилна од животот?

Христијанството одговара на ова прашање преку зборовите на Апостол Павле: смртта влезе во светот „преку гревот“.

Светот е вечно откровение на Бога за човекот. Тоа е местото на непрекината, слободна и радосна средба на човекот со единствениот вистински живот, Бог.

Но, трагичната иронија лежи во тоа што човекот не сакал живот со Бога и за Бога. Човекот сакаше живот за себе. Дестинацијата, целта и содржината на својот живот ја нашол во себе. И со овој слободен избор на себе, а не на Бога, човекот без да го сфати тоа стана роб на светот, стана роб на сопствената зависност од светот... на тој начин учествува во смртноста...


Извадок од книгата: „Смртта е последниот непријател што ќе биде укинат“ - отец Александар Шмеман

Comments