Надежта е она што му дава радост и мир на срцето...


 




Надежта е она што му дава радост и мир на срцето



Тешко нам ако, грижејќи се премногу за себе, нашата грижа и надеж не ја фрлиме на Бога, Кој се грижи за нас!

Ако не признаеме дека Му ги должиме добрата што ги користиме во овој живот, како можеме да ги очекуваме од Него добрата што Тој ни ги ветил во идниот живот? Да не бидеме слабоверни, туку да го бараме „прво царството Божјо и сето тоа ќе ни се додаде“ според зборовите на нашиот Спасител (Мат. 6:33).

Оние кои имаат постојана надеж во Бога се приближуваат до Него и се осветлени со сјајот на вечната светлина.

Човекот, кој поради љубовта кон Бога не се грижи за себе, има вистинска надеж. Тој верува дека Бог се грижи за него.

Но, ако се надева на своите дела и се сврти кон Бога само кога ќе наиде на непредвидени тешкотии кои не може да ги надмине со своја сила, тогаш таквата надеж е залудна и лажна. Кој има вистинска надеж, го бара само царството Божјо.

Што се однесува до потребните добра на привремениот живот, тој е сигурен дека тие ќе му бидат дадени.

Ако нема таква надеж во срцето, не е можно да има мир.

Надежта е она што му дава радост и мир на срцето.

За таа надеж, Господ рекол: Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам (Мат. 11:28).

Односно, вие се надевате на мене, а јас ќе ве ослободам од вашите трудови и стравови.

Сегашниот живот ни е даден само за да Го славиме Бога, да му користиме на нашиот ближен и да се бориме за стекнување на Царството Небесно, одејќи по „тесниот“ и „тешкиот“ пат што ни го посочува Евангелието (Мат. 7,14). 

Во секоја ситуација да ѝ се предадеме на волјата Божја. Ова е најспасително за нас.

Внимавајте да не станете огорчени пред какви било тешкотии. Неволјите не се појавуваат случајно во нашите животи, туку се дадени по Божја промисла, со цел наше осветување и спасение.

За таа цел, на Апостол Павле му беше дадено да се соочи со огромен број опасности:  опасност од реки, во опасност од сонародници, во опасност од разбојници, во опасност од друговерци, во опасност по градови, во опасност по пустини, во опасност по море, во опасност меѓу лажни браќа (2.Кор.11:26).

Знаејќи ја оваа вистина, не се грижи за тоа кој и зошто ти згрешил. Само запомнете дека без Божја дозвола никој не би се осмелил да ве допре. Затоа, подобро е да му се заблагодариме на Господа, бидејќи искушенијата што Тој ги дозволува докажуваат дека сте Негови деца.

Тој се грижи за вас и ве води на секој начин кон Царството Небесно.Ако трпите казна, Бог со вас постапува како со синови. Зашто кој е тој син, кого што таткото не го казнува? (Евр. 12:7).

Скапоцениот камен и убавината на сите доблести е смирението. За човечката душа е тоа што е дождот за исушената земја. Вистинското смирение го има својот почеток во понизниот Исус Христос. Учете од мене, нè поттикнува Господ, дека сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете одмор за своите души (Мат. 11,29).

Во оваа добродетел Бог почива и е задоволен. 

Comments