Акатист на Свети Климент архиепископ Охридски
Акатист на Свети Климент архиепископ Охридски
Кондак 1
Сепобедничкиот Војвода на светлите бесплотни сили те избра, светителу отче Клименте, да го изгониш бесовскиот мрак од нашата земја со светлината на Евангелието. Затоа ние, твоите чеда, просветени со твоето слово, пееме пофални песни во твоја чест: радувај се, отче Клименте, охридски чудотворче!
Икос 1
Те почитуваме како ангел на Охридската црква, светителу отче Клименте, ти, кој од словенските првоучители си ја добил евангелската просвета. Самиот ти шепни ни, во нашите смирени срца, та да ти ја пееме достојно оваа пофална песна:
Радувај се, од Бога даруван сине на твоите родители;
Радувај се, од Бога предизбран Христов светителу!
Радувај се, ти, кој од мајчиното млеко си воспитан во благочестие;
Радувај се, ти, кој од детството си го здобил вистинскиот Божји Дух!
Радувај се, ти, кој од младоста си го насочил погледот кон небото;
Радувај се, ти, кој од првиот здив си Го возљубил Бога!
Радувај се, ти, кој во молитва се вознесуваш кон Бога;
Радувај се, ти, кој си украсен со благомирисот на целомуреноста!
Радувај се, ти, кој си роден за просветување на македонскиот род;
Радувај се, зашто си ја научил вистинската вера од светите Методиј и Кирил!
Радувај се, зашто од нив премудро си се утврдил во православието;
Радувај се, зашто си неуморен трудбеник на Христовото благовестие!
Радувај се, отче Клименте, охридски чудотворче!
Кондак 2
Кога го видоа во Моравија, по смртта на свети Методиј, лутото гонење од германските духовници, неговите ученици, заедно со тебе, светителу отче Клименте, паднаа во голема мака. Од никаде не очекуваа спасение и кога ја положија сета своја надеж на Бога, со солзи пееја: Алијуја!
Икос 2
Помрачен од латинската ерес кнезот Светополк те фрли в затвор заедно со останатите ученици и по долги маки, светителу Клименте, те протера до бреговите на Дунав. Ние, пак, ти ја пееме оваа пофална песна, како на исповедник на православието:
Радувај се, ти, кој стапи во храбра борба со латините;
Радувај се, ти, кој претрпе од нив луто гонење
Радувај се, ти, кој покажа ревност апостолска;
Радувај се, зашто над сè го покажа благочестието!
Радувај се, зашто не се исплаши од жестоките маки за православието;
Радувај се, зашто се предаде заради Бога на апостолска сиромаштија!
Радувај се, пазителу на заповедите Господови;
Радувај се, исполнителу на заветите на твоите наставници!
Радувај се, велегласен проповеднику на Евангелието меѓу Словените;
Радувај се, ревносен пазителу на чистотата на православието!
Радувај се, прекрасно живеалиште на Светиот Дух;
Радувај се, изобличителу на тројазичната заслепеност!
Радувај се, отче Клименте, охридски чудотворче!
Кондак 3
Силата Божја те чуваше, светителу отче Клименте, да се упатиш заедно со светите Ангелариј и Наум во Богопазената ни Македонија, каде што започна да ја распространуваш, со цврста надеж, евангелската проповед на словенски јазик, благодарствено воскликнувајќи: Алилуја!
Икос 3
Со содејството на Светиот Дух, свети Клименте, си влегол во домот на богољубивиот човек, чијшто мртов син си го воскреснал со молитва. Восхитувајќи се на рамноапостолната сила што во тебе пребива, побожно ти пееме вака:
Радувај се, зашто ги претрпе негодувањата од натажениот татко;
Радувај се, зашто доби благодарност од него по воскреснувањето на детето!
Радувај се, ти, кој го поттикна на таква љубов кон тебе;
Радувај се, зашто преку тебе посрамен беше лукавиот!
Радувај се, ти, кој со својата љубов ги привлече сите кон себе;
Радувај се, зашто можеш да твориш сè во името на Христа!
Радувај се, извршителу на великото чудо;
Радувај се, воскресителу на умреното чедо!
Радувај се, ти, кој со смирение го покри чудотворството;
Радувај се, ти, кој со чудотворство ги обрати сите кон Бога!
Радувај се, зашто си укрепен со Божјата благодат;
Радувај се, зашто во срцето носиш дух на умиление!
Радувај се, отче Клименте, охридски чудотворче!
Кондак 4
Духовна радост им донесе на благочестивите, светителу отче Клименте, кога стапна на македонската земја. Само бесовите на идолослужењето, претчувствувајќи го крајот на царството на мракот, се кренаа против тебе, зашто само тие не можеа да ти пеат: Алилуја!
Икос 4
Кога слушна благоверниот цар Борис, дека ќе проповедаш со своите ученици во Македонија, светителу отче Клименте, заповеда да бидете испратени кај него со долична чест, зашто бараше мажи за да го проповедаат Божјото слово меѓу новопокрстениот народ. Радувајќи се со него, ти пееме вака:
Радувај се, ти, кој нè озари со Божествената светлина;
Радувај се, ти, кој нè просветли со чистите догмати!
Радувај се, ти, кој Го прослави Бога со апостолски трудови;
Радувај се, зашто во животот заблеска како земен ангел!
Радувај се, учителу на верата православна;
Радувај се, зашто го засака црковното служење!
Радувај се, зашто блескаш со кротост и смирение;
Радувај се, подражателу на небесните ангели!
Радувај се, розо расцутена крај водните потоци;
Радувај се, ти, кој имаш жива вера во срцето!
Радувај се, зашто благоухаш во Црквата како крин благодатен;
Радувај се, зашто си стекнал небесни венци и на земјата!
Радувај се, отче Клименте, охридски чудотворче!
Кондак 5
Како испратена од Бога ѕвезда ја осветли Богопазената Македонија, светителу отче Клименте, кога управителот на Белград те испрати кај цар Борис да го научиш народот да ја разбира православната вера и да Му воспева на Христа: Алилуја!
Икос 5
Кога те виде благоверниот цар Борис, светителу отче Клименте, те пречека како исповедник на православието; кога дозна за твоето благочестие, пројавено во Дух и сила, и кога го доби од тебе усвоеното Божествено Писмо заедно со добродетелите, голема чест ти воздаде, фалејќи те со зборовите:
Радувај се, непоколеблив чувару на верата;
Радувај се, насадителу на побожноста!
Радувај се, ти, кој не ги криеш талантите во земјата;
Радувај се, ти, кој го обогати нашиот народ со православието!
Радувај се, усрден просветителу на народот со вера;
Радувај се, зашто си покажал апостолски подвизи!
Радувај се, зашто блескаш со сите добродетели;
Радувај се, зашто светиш со правда и љубов!
Радувај се, зашто иако почитуван, остана смирен;
Радувај се, зашто со молитва му користиш на народот!
Радувај се, извршителу на чудеса за оние, кои те почитуваат;
Радувај се, зашто им покажуваш чудеса на оние, кои ти се молат!
Радувај се, отче Клименте, охридски чудотворче!
Кондак 6
Велегласен проповедник на евангелието си бил во земјата македонска, светителу отче Клименте, затоа мнозина се упатија кај тебе, за да го чујат од богоглаголивата уста душеспасителното учење; и за осветување на домовите те канеа, за да ги научиш умилително да ја пеат Христовата песна: Алилуја!
Икос 6
Кога заблеска со светлината на православното благовестие во источните краишта, светителу отче Клименте, благоверниот кнез Борис те испрати во западните краишта, за да му го проповедаш на народот Словото на Вистината и да бидеш прославуван вака:
Радувај се, првоучителу на нашиот народ;
Радувај се, просветителу на цела Македонија!
Радувај се, разрушителу на паганските жртвеници;
Радувај се, градителу на Божјите храмови!
Радувај се, прогонителу на мрачните суеверија;
Радувај се, зашто ги утврдуваш Божјите заповеди во животот!
Радувај се, ревнителу за чистотата на православието;
Радувај се, застапнику, за сите нас пред Бога!
Радувај се, зашто ја скрши прелеста на идолослужењето;
Радувај се, зашто го насади вистинското богопочитување!
Радувај се, зашто ги искорени развратните обичаи;
Радувај се, зашто ги посеа христијанските навики!
Радувај се, отче Клименте, охридски чудотворче!
Кондак 7
По Божја волја цар Борис те возвеличи, светителу отче Клименте, со почести и дарови, но ти го запазуваше смирението и како слуга неугоден, по зборовите Господови, го направи она што беше должен да го сториш, и на Христа непрестајно Му пееше: Алилуја!
Икос 7
Како нов Павле се покажа во македонската земја, светителу отче Клименте, проповедајќи му ги на народот догматите на верата и спасителните заповеди за православното знаење и побожен живот. Восхитувајќи се на длабочините на твоето учење, со песни те славословиме вака:
Радувај се, пастиреначалнику, кој нè водиш кон Бога;
Радувај се, духовен предводнику на твоите луѓе!
Радувај се, сострадален архипастиру на Христа;
Радувај се, родителу снисходлив кон твоите чеда!
Радувај се, ти, кој имаш ангелоподобно житие;
Радувај се, ти, кој Му пееш на Бога со бесплотните хорови!
Радувај се, зашто се оддалечи од земската пристрасност;
Радувај се, зашто достигна ангелска бестрасност!
Радувај се, зашто ни го покажа патот кон небесата;
Радувај се, зашто ги исцелуваш сите бесплатно!
Радувај се, зашто ги избавуваш од неволји оние кои те почитуваат;
Радувај се, зашто им даваш исцеление на душите и телата!
Радувај се, отче Клименте, охридски чудотворче!
Кондак 8
Кога размислуваме за твоето житие, светителу отче Клименте, осознаваме, дека сме туѓинци, кои не треба да се приврзуваат, во текот на земното патување, кон суетата на овој век, затоа секогаш со зборови и дела го воспеваме подвигоположникот, Христос нашиот Спасител, пеејќи Му: Алилуја!
Икос 8
Целосно си бил предаден на благовестието, светителу отче Клименте, од секаде си примал мноштво ученици и си се грижел за нивните души, како за новонасадени фиданки; си им ги разоткривал длабочините на Писмото; прими ги од своите духовни чеда овие ублажителни слова:
Радувај се, зашто ги објасни длабочините на Свештеното Писмо;
Радувај се, зашто на своите ученици им ја откри тајната на богословието!
Радувај се, зашто ги уништи замките на латинската ерес;
Радувај се, зашто потполно ја обессили демонската прелест!
Радувај се, благогласна трубо на благовестието;
Радувај се, пчело, која изобилно црпеш нектар од Писанието!
Радувај се, составителу на проповеднички поученија;
Радувај се, љубителу на духовни созерцанија!
Радувај се, тихувателу среде многусловното учителство;
Радувај се, зашто го постави смирението за основа на животот!
Радувај се, зашто се смири со најтешки трудови;
Радувај се, зашто пребиваше во пост и молитви!
Радувај се, отче Клименте, охридски чудотворче!
Кондак 9
Ти покажа исклучителна усрдност како учител на македонскиот народ, светителу отче Клименте, затоа тогашниот цар Симеон те постави за епископ на градот Охрид. Луѓето кога го видоа новиот архиереј од својот род, Му заблагодарија на Бога и со радост пееја: Алилуја!
Икос 9
Слаткоречивите говорници не успеваат да ги пофалат сите твои трудови, светителу отче Клименте; за свештенството си се грижел, достојните си ги возведувал во чин, неуките си ги описменувал, на напредните си им ја предавал длабочината на Премудроста Божја, за сите си бил во служењето полнота на совршенството. Затоа ние те прославуваме, воскликнувајќи вака:
Радувај се, светило на архиерејското служење;
Радувај се, поразу на разнообразните ереси!
Радувај се, архипастиру на словесните овци;
Радувај се, сместилиште на небесните дарови!
Радувај се, образецу на светителско подвизување;
Радувај се, правило на благоразумно расудување!
Радувај се, побожен украсу на свештенството;
Радувај се, освежителен потоку на духовната утеха!
Радувај се, извору на славното усрдие;
Радувај се, наставнику на кроткото поучение!
Радувај се, непоколеблив стожеру на православието;
Радувај се, посебно достоинство на Македонија!
Радувај се, отче Клименте, охридски чудотворче!
Кондак 10
Бидејќи сакаше да го спасиш довереното ти од Бога стадо на словесни овци, светителу отче Клименте, со апостолска усрдност ја обиколи целата земја и го искорени идолослужењето, повикувајќи ја паствата кон спасение и утврдувајќи ја во православието, затоа со една уста и едно срце Го воспеваме Христа: Алилуја!
Икос 10
Бедем и ограда на сите си бил, светителу отче Клименте, си им помагал на беспомошните и за навредените си се застапувал, со дар на чудотворство си ги укрепувал раслабените, хромите си ги исправал, на слепите прогледување си им дарувал. Затоа те прославуваме, пеејќи ти:
Радувај се, зашто изгради манастир на целителот Пантелејмон;
Радувај се, зашто го подражаваш со благодатното исцелување!
Радувај се, зашто ги избавуваш од злоба оние кои те почитуваат;
Радувај се, зашто ги развеселуваш душите на оние кои итаат при тебе!
Радувај се, зашто нè чуваш од несреќи нас, кои доаѓаме кај тебе;
Радувај се, зашто пред твоето лице горко се каеме за гревовите!
Радувај се, зашто се издигнуваш кон совршенството на Небесниот Отец;
Радувај се, зашто си ја придобил љубовта на добриот пастир – Христос!
Радувај се, зашто ги имаш сите евангелски добродетели;
Радувај се, зашто имаш житие подобно на бесплотните сили!
Радувај се, зашто ликувајќи те слави цела Македонија;
Радувај се, зашто те почитува секоја Православна црква!
Радувај се, отче Клименте, охридски чудотворче!
Кондак 11
Во пустинско безмолвие си принесувал песни на Бога и да го напуштиш светот си се подготвувал, во манастир да заминеш и на твоето место друг да изберат си молел, кој бодро ќе Му пее на Семоќниот Бог: Алилуја!
Икос 11
Како светлоносна свеќа те виде, светителу отче Клименте, царот Симеон, и не сакаше да те пушти, така и ние, кои духовно ги следиме твоите чекори, се молиме постојано да пребиваш со нас и до сесрце ти пееме вака:
Радувај се, зашто си ја стекнал бестрасноста на бесплотните сили;
Радувај се, зашто уште на земјата имаше ангелско достоинство!
Радувај се, зашто си ја замразил фарисејската гордост;
Радувај се, зашто си го подражавал смирението на митникот!
Радувај се, наставнику на паствата со боговдахновено учење;
Радувај се, зашто си го сочувал својот народ од секакви ереси!
Радувај се, првопрестолнику на светите архиереи;
Радувај се, наставнику на побожните свештеници!
Радувај се, угоднику на Бога со чисти добродетели;
Радувај се, зашто си ги радувал ангелите со својата правда!
Радувај се, зашто си наследил вечен блажен живот;
Радувај се, зашто излеваш благодат на оние, кои притекнуваат при тебе!
Радувај се, отче Клименте, охридски чудотворче!
Кондак 12
Кога сакаше да ти ја испрати благодатта на вечната награда, светителу отче Клименте, Небесниот Цар ти испрати претсмртна болест. Ти смртниот час го предвиде и раздаде сè што имаше, го поучи народот и сите ги благослови; имајќи христијански крај и својата света душа ја предаде во рацете Божји, зашто Му пееше на твојот Бог во вечни векови: Алилуја!
Икос 12
Фалејќи те со песни, светителу отче Клименте, ги прославуваме многујавените чудеса од твоите мошти – бесови се изгонуваат, исушени раце и нозе оживуваат, слепи очи според верата примаат од твојот гроб исцеление. Затоа ти пееме вака:
Радувај се, зашто твоите мошти даваат духовно исцеление;
Радувај се, зашто молитвата во твојот храм носи од смрт избавление!
Радувај се, чудотворче, зашто ги исцелуваш нашите исушени органи;
Радувај се, поборнику, кој ги ослободуваш луѓето од бесови!
Радувај се, зашто заштитуваш од демонски напади;
Радувај се, исцелителу, кој ја лекуваш секоја страст!
Радувај се, зашто ги просветуваш луѓето во патот на православието;
Радувај се, зашто душите од мрак ги изведуваш на светлина!
Радувај се, извору на неброени чудеса;
Радувај се, пофалбо на сите православни!
Радувај се, блескава славо на градот Охрид;
Радувај се, непоколеблива заштито на македонскиот народ!
Радувај се, отче Клименте, охридски чудотворче!
Кондак 13
О, преблажен светителу отче Клименте, прими ја оваа наша мала прослава, која ти ја принесуваме од длабочините на своето срце, и не престанувај да го утврдуваш својот народ во православната вера и да испросуваш во молитва простување на гревовите, откако ќе нè удостиш заедно со тебе и со сите светии да ја воспеваме Света Троица непрестајно пеејќи: Алилуја! (овој кондак се чита три пати)
Потоа Икос 1 и Кондак 1
Икос 1
Те почитуваме како ангел на Охридската црква, светителу отче Клименте, ти, кој од словенските првоучители си ја добил евангелската просвета. Самиот ти шепни ни, во нашите смирени срца, та да ти ја пееме достојно оваа пофална песна:
Радувај се, од Бога даруван сине на твоите родители;
Радувај се, од Бога предизбран Христов светителу!
Радувај се, ти, кој од мајчиното млеко си воспитан во благочестие;
Радувај се, ти, кој од детството си го здобил вистинскиот Божји Дух!
Радувај се, ти, кој од младоста си го насочил погледот кон небото;
Радувај се, ти, кој од првиот здив си Го возљубил Бога!
Радувај се, ти, кој во молитва се вознесуваш кон Бога;
Радувај се, ти, кој си украсен со благомирисот на целомуреноста!
Радувај се, ти, кој си роден за просветување на македонскиот род;
Радувај се, зашто си ја научил вистинската вера од светите Методиј и Кирил!
Радувај се, зашто од нив премудро си се утврдил во православието;
Радувај се, зашто си неуморен трудбеник на Христовото благовестие!
Радувај се, отче Клименте, охридски чудотворче!
Кондак 1
Сепобедничкиот Војвода на светлите бесплотни сили те избра, светителу отче Клименте, да го изгониш бесовскиот мрак од нашата земја со светлината на Евангелието. Затоа ние, твоите чеда, просветени со твоето слово, пееме пофални песни во твоја чест: радувај се, отче Клименте, охридски чудотворче!
Молитва кон Свети Климент Архиепископ Охридски
О, велик Божји угоднику и седобар наш отче Клименте, Охридски чудотворче! Ти кој во должина и широчина цела Македонија ја озари со евангелската вистина, послушај нè нас, кои со вера прибегнуваме кон твоето застапништво и со горешта молитва те повикуваме на помош! Дарувај ни добро здравје и секакви земни дарови, избави нè од стрелите на лукавиот, утврди нè во евангелската правда, укрепи нè во љубовта кон Бога и кон ближните и поткрепи нè во подвигот на благодатното искачување по небесната скала на вечното спасение. Оградувај го и понатаму со душеспасителни грижи твојот македонски народ и запази го од воени напади, внатрешни немири, од земјотреси, од глад, и од секое зло и несреќа. Биди му вечен небесен покровител, за да опстојува во слобода и долгоденствие, во љубов и благочестие, во мир и добар напредок. Како некогаш што си ги удостоил со милоста сите, кои со вера и надеж прибегнувале до твојот светителски престол, така и сега помилуј нè сите нас, кои со жива вера се поклонуваме пред твоите свети мошти и усрдно те молиме: облечи нè во духовна сила, за да ги исполнуваме заветите на Христовото Евангелие и утврди нè во патот на евангелските добродетели, та преку подвигот на благочестието и преку твоето невидливо застапништво да го поминеме мирно и безбедно животниот мегдан, да минуваме тивок и безгрешен живот во овој век, а во идниот да се удостоиме да го чуеме Христовиот блажен и спасителен повик: „Дојдете вие, благословени од Мојот Отец, и наследете го царството, приготвено за вас од создавањето на светот!“
Comments
Post a Comment
Напиши коментар