Епитимија - лек за душата и патот кон незлобноста...
Епитимија - лек за душата и патот кон незлобноста
Денеска многумина ќе се причестат, пристапувајќи кон Светиот Олтар со вера и надеж, а други ќе останат во молитвен молк, набљудувајќи ги оние кои ги примаат Телото и Крвта Христови.
Ќе има и такви кои не можат да се причестат, бидејќи носат епитимија - духовен лек кој им бил даден за исцелување на нивните души.
Епитимија не е казна, туку благодат Божја која нè потсетува дека нашиот пат кон Бога често е проследен со препреки кои ни помагаат духовно да се исчистиме и да се вратиме на вистинскиот пат.
Како што лекарот го лечи телото, така и духовникот, како мудар пастир, ја пропишува епитимија како терапија за душата. Можеби изгледа како тежок товар, цел е секогаш иста – покајание, промена на мислењето и вистинско помирување со Бога и со ближните.
Во тој процес, покајанието нè учи да бидеме како мали деца.
Децата, колку и да грешат или да се прекоруваат, никогаш не им замеруваат на родителите. Нивното срце останува полно со љубов и подготвеност да простуваат.
Така и ние, преку епитимијата, сме повикани да научиме за незлобност, да ги очистиме нашите срца од осуда и горчина и да бидеме пример за љубов и хармонија.
Како што децата, и покрај сите недоразбирања, никогаш не ја губат довербата во своите родители, така и ние треба да ја негуваме оваа чистота на срцето во нашите односи – со Бога, со ближните и со самите себе.
Епитимија не нè одвојува засекогаш од заедништвото, туку нè подготвува за тоа, учејќи не само да се гледаме себеси, туку и кон другите, да бидеме поддршка и пример еден на друг.
Затоа, кога денес ќе ги видиме редовите пред Светиот Олтар, да се потсетиме дека Божјата љубов е достапна за секого – и за оние кои се причестуваат и за оние кои моментално стојат на страна.
Сите ние сме повикани, како деца, да останеме отворени за простување, жива љубов и хармонија овде и сега, бидејќи преку таа љубов, веќе во овој момент, го допираме спасението.
Comments
Post a Comment
Напиши коментар