Акатист на преподобниот отец наш Наум Охридски чудотворец

   Акатист на преподобниот отец наш Наум Охридски чудотворец



Радоста твоја Науме свети, заблеска вис небеса, кога Вишниот по твоите молитви погледна на родот човечки, затоа со едно срце и една уста повикуваме:


Радувај се, оче преподобен Науме по чии молитви, небесната благодат срце и души ни лекува!


Икос 1

Вишно небо утеха подарува кога милоста Божја во тебе за човека се застапува, непријателот од тоа во тага потонува, а ние ти воскликнуваме:


Радувај се, смирен патниче под сводот небесен!

Радувај се, подвижниче по чии молитви природата се скротуваше!

Радувај се, од Совршениот поучувајќи се, мирот Негов на учениците го подаваше!

Радувај се, благодатен човеку, од чие присуство демоните треперат!

Радувај се, болните пред тебе припаѓајќи Христа Бога Го прославуваат!

Радувај се, преку тебе славословието на слабите на небесата се послушува!

Радувај се, ги оплемени со словото оние кои за слобода мечтаеја и на Бога се надеваа!

Радувај се, оче преподобен Науме по чии молитви, небесната благодат срце и души ни лекува!


Кондак 2

Науме преподобен, горски цвету во пустината, преку тебе вера и надеж во срца ни се раѓа, со љубов Еден во Троица, Пат, Вистина и Живот ни постанува, нам кои незапирливо повикуваме: Алилуја!


Икос 2

О, велики Науме, плоду достојнославен на благочестивите твои родители, украсу на земјата, кој раце кон небото за секого подигнува, слушни сега од срца отворени и очи солзливи:


Радувај се, воину Христов, кој во срце и душа дете остана!

Радувај се, Словото Божјо од младоста ум ти заљубува!

Радувај се, ангелски пој самарјанска песна ти запеа!

Радувај се, Архангелска ревност вистина и храброст во тебе подигна!

Радувај се, ти над кого небото детска глава со благодат оросуваше!

Радувај се, ти под чии нозе земјата со милост се додворуваше!

Радувај се, оче преподобен Науме по чии молитви, небесната благодат срце и души ни лекува!


Кондак 3

Фиданка плодоносна постана со послушание залеана, од Христова благодат зацврстена, надеж Кирилометодиева, која сега род породува за оние кои Му воскликнуваат на Бога: Алилуја!

Икос 3

Патека се отвори кон Храм за душа подготвен кој во црноризец те роди, Христови стапалки да следиш имајќи во Кирил и Методиј, светите, смирени мудри учители. Благодарејќи за тоа Господа Го фалиме и тебе ти пееме:

Радувај се Науме, чие срце во поход кон вистината го поведе!

Радувај се, бура светска смири во монашка тишина!

Радувај се, очи кон небесата од келија храбро подигна!

Радувај се, науката над науките, храна насушна ти постана!

Радувај се, обручник стана на вистината која ослободува!

Радувај се, сопатнику на оние кои од водата на Животот пиеја!

Радувај се, Кирил со мудрост те хранеше, а Методиј со смирение те покриваше!

Радувај се, оче преподобен Науме по чии молитви, небесната благодат срце и души ни лекува!


Кондак 4

Промислата Божја во тебе плодна почва пронајде, кон спасение те поведе и свето – Јованова патека ти отвори: народ поучувајќи, кон покајание поведувајќи, слово за славословие на евангелско познание подари, о, Науме свети, поради кого кон Бога повикуваме: Алилуја!

Икос 4

Ефата повика, Оној Кој очи на слепороден отвори, подателе со слово кое лето Господово објавува – уста твоја проглаголи, за народ кој за вистина жеднееше тебе да ти благодари:

Радувај се, преку тебе Вишниот вода жива до родот човечки испрати!

Радувај се, Ростислав мудар како еден од своите учители, во срцето на својот народ те приви!

Радувај се, Кирилово перо непотрошливо!

Радувај се, Методиева службо незапирлива!

Радувај се, Моравската планина, заради тебе и твоите, плодоносна долина постана!

Радувај се, штит на верата и копје на вистината против ересите постана!

Радувај се, оние кои во смртна сенка седеа за рамноапостолен те признаа!

Радувај се, оче преподобен Науме по чии молитви, небесната благодат срце и души ни лекува!


Кондак 5

Ангелските чинови не заборавија на избраните од родот човечки, кои крстот свој носејќи го поитаа да сеат семе Христово: Кирил и Методиј, Климент и Наум, Сава, Горазд и Ангелариј. Заедно денес со нив и Небесата пее: Алилуја!

Икос 5

Не ја забораваме, о Науме, светата дружина твоја, и затоа кон тебе воскликнуваме:

Радувај се, ученику, кој словото Кирилометодиево го распространуваше!

Радувај се, ти кој за чистотата на верата се бореше!

Радувај се, неуморен патнику по нивата Божја неорана!

Радувај се, свето – Климентов сотрудниче!

Радувај се, собрат на Горазд епископот Моравски!

Радувајте се, со Сава и Ангелариј неуморни молитвеници!

Радувајте се, од земја во земја, како од небо до небо, благодат зголемувавте!

Радувај се, оче преподобен Науме по чии молитви, небесната благодат срце и души ни лекува!


Кондак 6

Слава и благодарност кон Тебе вознесуваме, о, Боже на силите, неуморни коленопреклонувања пред икона Твоја принесуваме, и за сѐ што за нас правиш преку избраниот од светиите Наум, повикуваме катадневно: Алилуја!

Икос 6

Ревноста твоја по Христа умносрдие ти подари, ум се отвори за писание кое многумина ќе разбуди, кои со глас радосен глаголаат:

Радувај се, учителе кој за многумина родител постана!

Радувај се, пастиру кој во Христа мноштво души приведе!

Радувај се, беседниче, кој мудроста од овој свет ја посрами!

Радувај се, војниче кој троглавата змија под нозете со вистината Христова ја понижи!

Радувај се, утеха стана за напатените!

Радувај се, прибежиште си за отфрлените!

Радувај се, небесен гласнику на волјата Господова!

Радувај се, оче преподобен Науме по чии молитви, небесната благодат срце и души ни лекува!


Кондак 7

Патишта далечни и крстосници немили, нозе твои поминаа, крстот свој носејќи го Божја волја исполнуваше, и затоа сега нам благодат спасителна Христова ни испраќаш, за да ние воскликнуваме кон Бога: Алилуја!

Икос 7

Архипастирот Адријан ја препозна волјата Господова словото народ да не поробува, туку спасение да подава во писмо кое ум ќе избиструва и усти отвора од кои се слуша непрестајно:

Слава Ти Господи Кој Наум свети при нас го испрати!

Слава Ти Предвечен Кој по неговите молитви нас нѐ запази!

Слава Ти Господи, Кој коленопреклонувањето негово за нас, не го отфрли!

Слава Ти Господи жедното глаголање наше кон Тебе, во писмо го преточи!

Слава Ти Господи, кој за навек за пастир наш Наума го постави!

Слава Ти Господи, Адријан твојот слуга Наума во виш чин пред престолот на светите таинства го подигна!

Слава Ти Господи, поради Кој и ние денес кон нашиот небесен застапник Наум повикуваме:

Радувај се, оче преподобен Науме по чии молитви, небесната благодат срце и души ни лекува!



Кондак 8

Кирило свети премина во населбите на вечноста, Методиј ја приведе дружината кон крајот на нивата неорана, за и самиот од Господа да биде повикан во небесната татковина. Затоа душопогубниот искушувач наезда подигна кон Климентовата света дружина која на Бога пееше: Алилуја!

Икос 8

Поитаа браќата нов грст пченица да зафатат, по течение на река Дунавска, ново семе со глаголична азбука да посеат при народи кои за Љубов Христова жеднеат, и кон светиите повикуваат:

Радувај се, Клименте, кој слово Кирилово од уста не испушти!

Радувај се Науме, кој учител во животот на верните во Христа постана!

Радувај се, Горазде кој на нива Методиева, семе Христово поттикнуваше да изрти!

Радувајте се, Саво и Ангеларие чиј ревносен оган молитвен пред Бога не се намали!

Радувај се, о, Науме, на кого Вишниот такви собраќа му подари!

Радувај се, оче преподобен Науме по чии молитви, небесната благодат срце и души ни лекува!


Кондак 9

Земјата која кон Павле апостолот повика, земјата која Христа катадневно сака да Го восфалува, земјата која стана Кирилометодиева лулка на слово во слава на светоста, земјата сега Климентонаумова, земјата, кон Бога повикува: Алилуја!

Икос 9

Со собратот Климент кој епископски жезол пред волкот духовен исправи, Девол и Кутмичевица прогон за вас не станаа, туку полетна нива плодна во која семе на наука Христова се посеа и стотици воини на словото се подигнаа, за и ние со нив денес Науме, кон тебе да повикуваме:

Радувај се, Климент архипастир, а ти смирена ѕвезда пред сечија душа се покажа!

Радувај се, Охридско езеро твоја наметка во своја длабочина сочува!

Радувај се, Галичица, умилна гора маслинова ја покажа!

Радувај се, лавот од пустината Јорданска во питома мечка се изнедри!

Радувај се, учителе, чии чекори уште одекнуваат по тесните градски улици!

Радувај се, книги вдахновени и писма утешни за народ Духот Свети преку тебе состави!

Радувај се, оче преподобен Науме по чии молитви, небесната благодат срце и души ни лекува!


Кондак 10

Утеха си на верните, Науме преподобен, кои сакаат од мрежата на овој свет да се извлечат, Господа да Го прославуваат, повикувајќи: Алилуја!

Икос 10

Храмот на ангелите послужи како небесна кочија во која се собираат молитви за души покајнички кои возведени чекаат на Божји милости. Затоа верните благодарно кон тебе повикуваат:

Радувај се Науме, чиј живот ангелски заблеска!

Радувај се, Михаил свети поради тебе за нас војува!

Радувај се, Гаврил свети, ни благовести утешение!

Радувај се, Салафаил свети, поита на молитва и благодарење да те научи!

Радувај се, Уриел свети, Светлината Христова во тебе ја запали!

Радувај се, Рафаил свети, благодат Божја за исцеление ти подари!

Радувај се, Варахил благословот Божји во твоите раце го прилепи!

Радувај се, Јегудил преку уста твоја народ научи Бога да Го славослови!

Радувај се, свита небесна Вонмен за преумување возгласува!

Радувај се, оче преподобен Науме по чии молитви, небесната благодат срце и души ни лекува!


Кондак 11

Боите на виножитото извираат од твоето езеро, а звукот на утехата сили духовни обновува на секој кој тебе те повикува пеејќи: Алилуја!

Икос 11

Иако дрската смеа од овој свет, околу твојата наметка, ора разигрува, сепак верните огнен столб ги придвижува, колена во твојата обител да приклонат и во тивкоста на срцето да повикуваат:

Радувај се, мирот Христов за нас го сочува!

Радувај се, од Господа измоли до крајот на вековите да останеш со паствата!

Радувај се, земната почивка твоја нова Гетсиманија за молитва се покажа!

Радувај се, молитвен столбу од кого непријателите се принудени да отстапат!

Радувај се, векови минаа, а ти, Науме свети, вечно деца пречекуваш!

Радувај се, утехо на верните, лекару на немоќните, поттик на монасите!

Радувај се, оче преподобен Науме по чии молитви, небесната благодат срце и души ни лекува!


Кондак 12

Голем си ти пред Господа, Науме свети угодниче, почитуван во градината небесна, прославуван од верните кои при тебе најдоа тивко пристаниште, од каде кон Господа повикуваат: Алилуја!

Икос 12

Немост имаме на усните, бидејќи сиромашни се зборовите кои сакаат дела Божји преку тебе да прикажат, но сепак глаголаме:

Радувај се, ти кој имаш срце детско, радосно!

Радувај се, душа за Христа обручена и мажествена нарав пред угнетувачите од овој свет покажа!

Радувај се, сотрудник и сопатник на оние кои евангелски глас во писмо за народ простираа!

Радувај се, ревноста твоја неправдата на високоумието кај придојдените во светот ја потопи!

Радувај се, хушкачот поднебесен трепереше од Христовата благодат во тебе удомена!

Радувај се, исцеленија и утешенија Господ преку тебе непрестајно дарува!

Радувај се, тивко пристаниште во кое Божјата барка е укотвена!

Радувај се, оче преподобен Науме по чии молитви, небесната благодат срце и души ни лекува!


Кондак 13

О, Науме, непрестаен пред Господа застапниче, столбу непоколеблив на вистината, висока горо на надежта која подножјето небесно го допира, Љубов Божја исткаена при кивотот на твоето земно присуство, незапирливо нека твојата рака нѐ благословува и пред Бога Троичниот гревовите наши ги покрива, за постојано да повикуваме кон Него: Алилуја!



Молитва кон Светиот Наум Охридски чудотворец

Покровителе Небесен, сило Божја која во тело човечко се појавува, преку молитва која човека го озарува, Науме свети, оче преподобен, припаѓајќи и денес пред твоите нозе неуморни, кои евангелската вистина ја сееја, целивајќи ја твојата охристовена десница, молба недостојна кон тебе испраќаме, а често и коленопреклонување од тело слабо принесуваме, за ти светињо Господова да нé имаш во закрила пред Него и за нас да измолиш мир за душата отсега и довека, за прегрешенијата покривка тивка, која список на долгови развејува, постојан пазител во сите денови од животот земен наш. Така од тебе запазени, при Христови нозе, глава да одмориме, вера да запазиме, и со небесните хорови пееме:

Свет, Свет Свет Господ Саваот!


Молитва за угнетените од непријателите

Оче преподобен Науме, учителу на верата, во кого Христос благодат излеа и молитва твоја не отфрла. Застапи се оче свети пред Господа, за чедото твое (име) кое еве пред Бога Троичниот сега преку тебе побрза. Нека Оној Кој тебе те милува погледне и го исцели слугата Негов (име) од влијанието на дрскиот непријател на душата негова. По твоите молитви Науме свети нека се изгонат од него сите полкови демонски кои заради неговите падови навалиле на него и душа негова притискаат. Побрзај Божји угодниче за да се спаси овој слуга недостоен (име) од секое мечтаење предизвикано од лукавиот и така доаѓајќи при себе, да му благодари на твоето застапништво и Бога Го прослави Кој ете и сега по твоите свети молитви не го погубува созданието на рацете Негови. Амин.


Величание

Те величаме учителу на верата која спасува, Науме свети чудотворче, надалеку за твоите чудеса проповедаме и така Христа Бога Го прославуваме Кој тебе сад благодатен непотрошлив пред вселената те покажа.


Comments