Молете се повеќе за другите отколку за себе


 


Молете се повеќе за другите отколку за себе. Изговарајте ги зборовите: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“, но секогаш имајте ги на ум и другите.


Сите сме деца на истиот Отец, сите сме едно. Затоа, кога се молиме за другите, велиме: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“, а не „помилуј ги“. 


На тој начин признаваме дека тие се заедно со нас.


Молитвата за другите, кажувана нежно и со љубов, е некористољубива и донесува голема духовна полза.


 Го облагодатува оној кој се моли, но го облагодатува и оној за кого тој се моли. Тоа значи дека дејствува Божјата благодат.


 Кога чувствувате голема љубов и кај вас таа љубов поттикнува на молитва, тогаш брановите на љубовта го заплискуваат оној за кого се молите и влијаат на него.


Така, вие околу него создавате заштитен оклоп и влијаете на него. Го водите по патот на доброто.


Гледајќи го вашиот труд, Бог дарежливо ви ја дава Својата благодат, вам и нему. Но, притоа мора да бидете мртви за себе. Го разбравте ли ова?


Вие тагувате кога другите не се добри, а би требало да се предадете на молитвата за со помош на Божјата благодат да дојдете до посакуваната цел.


 Вие укажувате на доброто потпирајќи се на својата мудрост, а тоа всушност, и не е толку правилно. 


Тајната е во нешто друго. Тајната не е во она што ќе им го кажеме или што ќе ги посоветуваме другите.


 Тајната е во нашата предаденост и посветеност, во нашата молитва кон Бога, кај нашите браќа и сестри да завладее Божјата благодат.


 Тоа е тоа што треба, во тоа е тајната. Она што ние не можеме да го направиме, ќе го направи Неговата благодат.


Свети Порфириј Кавсокаливит

Comments