„12 Евангелија на Светите Христови страдања “
„12 Евангелија на Светите Христови страдања “ е православно литургиско читање на Утрената на Велики петок ( во парохиската практика се изведува вечерта на Велики четврток ). Се состои од читање на дванаесет пасуси од сите четири евангелија, кои детално кажуваат за последните часови од земниот живот на Спасителот, почнувајќи од неговиот проштален разговор со учениците по Тајната вечера и завршувајќи со неговиот погреб во гробот на Јосиф од Ариматеја.
Редоследот на читање на дванаесетте евангелија е следниов:
1.Евангелие Јован 13:31-18:1 (Исусовиот проштален разговор со учениците (поглавја 13-16) и првосвештеничката молитва (поглавје 17)
Гл. 13 :
Кога тој излезе, Исус рече: „Сега се прослави Синот Човечки и Бог се прослави во Него.
32. Ако Бог се прослави во Него, и Бог ќе Го прослави во Себе, и веднаш ќе Го прослави.
33. Чеда, уште малку сум со вас. Ќе Ме барате и, како што им реков на Јудејците, дека каде што одам Јас, вие не можете да дојдете, и вам ви велам сега.
34. Нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг.
35. По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе.”
36. Симон Петар Му рече: „Господи, каде одиш?” Исус му одговори: „Каде што Јас одам, ти не можеш сега да дојдеш по Мене, но подоцна ќе врвиш по Мене.”
37. Петар Му рече: „Господи, зошто не можам да одам по Тебе сега? Душата своја ќе ја положам за Тебе.”
38. Исус му одговори: „Душата ли ќе ја положиш за Мене? Вистина, вистина ти велам: нема петел да запее, додека ти трипати не се одречеш од Мене.”
Гл.14:
1. Да не се плаши срцето ваше; верувајте во Бога и во Мене верувајте.
2. Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење. А да немаше, Јас ќе ви кажев. Одам да ви приготвам место.
3. И кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам, и ќе ве земам вас при Себе за да бидете и вие каде што сум Јас.
4. А каде одам Јас знаете, и патот го знаете.
5. Тома Му рече: „Господи, не знаеме каде одиш; и како можеме патот да го знаеме?”
6. Исус му рече: „Јас сум патот, вистината и животот; никој не доаѓа при Отецот, освен преку Мене.
7. Ако Ме бевте познавале, ќе Го познававте и Мојот Отец. А отсега Го познавате, и сте Го виделе.”
8. Филип Му рече: „Господи, покажи ни Го Отецот, и доста ни е!”
9. Му одговори Исус: „Толку време сум со вас, и не си ли Ме познал, Филипе? Кој Ме видел Мене, Го видел Отецот, и како ти велиш: Покажи ни Го Отецот?
10. Не верувате ли дека Јас сум во Отецот, и дека Отецот е во Мене? Зборовите што ви ги кажувам, од Себе не ги зборувам; а Отецот, Кој е секогаш во Мене, Он ги врши делата.
11. Верувајте Ми дека Јас сум во Отецот и Отецот е во Мене. Ако ли, пак, не – тогаш верувајте во Мене заради делата.
12. Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене, делата што ги вршам Јас и тој ќе ги врши, и поголеми од нив ќе врши; оти Јас си одам при Својот Отец;
13. и што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви го направам, за да се прослави Отецот во Синот.
14. Ако посакате нешто во Мое име, Јас ќе го направам.
15. Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди.
16. Јас ќе Го помолам Отецот, и Он ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека,
17. Духот на вистината, Кого светот не може да Го прими, оти не Го виде, ниту Го познава; а вие Го познавате, зашто во вас е и во вас ќе биде.
18. Нема да ве оставам сираци; ќе дојдам при вас.
19. Уште малку и светот веќе нема да Ме гледа; а вие ќе Ме гледате, зашто Јас живеам и вие ќе живеете.
20. Во оној ден вие ќе разберете, дека Јас сум во Мојот Отец и вие сте во Мене, и Јас сум во вас.
21. Кој ги има заповедите Мои и ги пази, тој е оној што Ме љуби; а кој Ме љуби Мене, возљубен ќе биде од Мојот Отец; и Јас ќе го возљубам, и ќе му се јавам Сам.”
22. Му рече Јуда, не Искариот: „Господи, што е тоа дека сакаш нам да ни се јавиш, а не на светот?”
23. Исус одговори и му рече: „Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме при него и живеалиште во него ќе направиме.
24. Кој не Ме љуби, не го запазува словото Мое; а словото, што го слушате, не е Мое, туку на Мојот Отец, Кој Ме прати.
25. Ова ви го реков, бидејќи сум со вас.
26. А Утешителот, пак, Духот Свети, Кого што Отецот ќе Го испрати во Мое име, Он ќе ве научи на сè и ќе ви напомни за сè што сум ви зборувал.
27. Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам не како што го дава светот. Да не се плаши срцето ваше, ниту да се бои.
28. Чувте дека Јас ви реков: Одам од вас и пак ќе дојдам при вас. Но ако Ме љубевте Мене, ќе се зарадувавте што реков: одам при Мојот Отец; зашто Мојот Отец е поголем од Мене.
29. И сега ви кажав, уште пред да се изврши, та кога ќе се изврши, да поверувате.
30. Нема веќе многу да зборувам со вас, оти иде кнезот од овој свет, и во Мене тој нема ништо.
31. Но за да разбере светот дека Го љубам Отецот и, како што Ми заповеда Отецот, така и правам. Станете да си одиме одовде!”
Гл.15:
1. Јас сум вистинска лоза. Мојот Отец е лозарот.
2. Секоја прачка во Мене, која што не дава плод, Он ќе ја исече; и секоја, која што дава плод, ќе ја очисти, за да принесе повеќе плод.
3. Вие сте веќе чисти преку словото, што сум ви го проповедал.
4. Бидете во Мене, и Јас ќе бидам во вас. Како што прачката не може да роди плод сама од себе, ако не е на лозата, така и вие, ако не бидете во Мене.
5. Јас сум лозата, а вие прачките; и кој што е во Мене, и Јас во него, тој ќе даде многу плод; оти без Мене не можете да направите ништо.
6. Ако некој не остане во Мене, ќе биде исфрлен надвор, како прачката, и ќе се осуши; а такви ќе ги соберат, и во оган ќе ги фрлат, и ќе изгорат.
7. Ако останете во Мене, и зборовите Мои во вас, тогаш, што и да посакате, барајте, и ќе биде.
8. Со тоа ќе се прослави Мојот Отец, ако вие принесувате многу плод и ако бидете Мои ученици.
9. Како што Ме возљуби Отецот, и Јас ве возљубив вас. Бидете во Мојата љубов!
10. Ако ги запазите Моите заповеди, ќе останете љубов Моја, како што Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец и останувам во љубовта Негова.
11. Ова ви го реков, за да остане радоста Моја во вас, и радоста ваша да биде полна.
12. Ова е Моја заповед: да се љубите еден со друг, како што ве возљубив Јас.
13. Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели.
14. Вие сте Ми пријатели, ако го вршите она, што ви заповедам Јас.
15. Не ве наречувам веќе слуги, зашто слугата не знае што работи господарот; туку ве нареков пријатели, оти ви кажав сè што сум чул од Мојот Отец.
16. Вие не Ме избравте Мене, но Јас ве избрав вас и ве поставив да одите и да принесувате плод, и плодот ваш да остане, та, што и да посакате од Отецот во Мое име, да ви даде.
17. Оваа заповед ви ја давам: да се љубите еден со друг.
18. Ако светот ве мрази, знајте дека Мене светот уште пред вас Ме замрази.
19. Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето; но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот – затоа светот и ве мрази.
20. Помнете ги зборовите што ви ги реков Јас: ниеден слуга не е поголем од својот господар. Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат; ако Моите зборови ги запазеа, и вашите ќе ги запазат.
21. Но, сето ова ќе ви го прават заради Моето име, оти не Го знаат Оној, Кој што Ме пратил.
22. Да не бев дошол и да не бев им зборувал, грев немаше да имаат. Но сега тие немаат
изговор за својот грев.
23. Кој Ме мрази Мене, Го мрази и Мојот Отец.
24. Ако не бев направил меѓу нив дела, какви што никој друг не направил, грев немаше да имаат; а сега и видоа, и Ме замразија Мене, и Мојот Отец.
25. Но нека се изврши словото, напишано во нивниот Закон, дека Ме замразија без вина.
26. А кога ќе дојде Утешителот, Кого што ќе ви Го испратам Јас од Отецот, Духот на вистината, Кој излегува од Отецот, Он ќе сведочи за Мене;
27. а и вие ќе сведочите, бидејќи од почетокот сте со Мене.
Гл.16
1. Ова ви го кажав, за да не се соблазните.
2. Ќе ве истеруваат од синагогите. Но ќе настапи и време, кога секој, што ќе ве убие, ќе мисли дека на Бога Му принесува служба.
3. И тоа ќе го прават, оти не Го познаа Отецот, ниту Мене.
4. Но ви го кажав тоа, та кога ќе дојде времето, да се сетите дека Јас сум ви рекол; а од почетокот не ви го зборував ова, зашто бев со вас.
5. А сега одам кај Оној, Кој што Ме прати, и никој од вас не Ме праша: Каде одиш?
6. Но затоа што ви го кажав ова, срцата ваши се исполнија со тага.
7. Но Јас вистината ви ја кажувам: подобро е за вас Јас да си отидам, оти, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас; ако, пак, заминам, ќе ви Го пратам.
8. А Он, кога ќе дојде, ќе го изобличи светот за грев, и за правда, и за суд:
9. за грев – дека не веруваат во Мене;
10. за правда – оти Јас си одам при Својот Отец, и веќе нема да Ме видите;
11. а за суд – зашто кнезот на овој свет е осуден.
12. Имам уште многу да ви кажувам, но сега не можете да носите.
13. А кога ќе дојде Он, Духот на вистината, ќе ве упати во секоја вистина; но од Себе нема да зборува, а ќе говори што чуе, и ќе ви ја каже иднината;
14. Он Мене ќе Ме прослави, зашто од Моето ќе земе и ќе ви јави.
15. Сè што има Отецот, Мое е; затоа и ви реков дека од Моето ќе земе и ќе ви јави.
16. Уште малку, и нема да Ме гледате, и, по малку, пак ќе Ме видите, зашти си одам при Отецот.
17. А некои од учениците Негови си рекоа помеѓу себе: „Што е тоа, што ни вели: Уште малку, и нема да Ме видите и дека,Јас си одам при Отецот?”
18. И си зборуваа: „Што е тоа, што вели: Уште малку?”
19. Разбра Исус дека сакаат да Го прашаат, и им рече: „Затоа ли се прашувате помеѓу себе, што реков: Уште малку, и нема да Ме гледате и,По малку, пак ќе Ме видите?
20. Вистина, вистина ви велам дека вие ќе заплачете и ќе заридате, а светот ќе се зарадува; и вие ќе бидете нажалени, но жалоста ваша ќе се претвори во радост.
21. Жена, кога раѓа, има болки, оти ѝ дошло времето нејзино; но штом ќе го роди детето, од радост не ги помни веќе болките, зашто се родил човек на светот.
22. Па така и вие, сега сте нажалени; но Јас пак ќе ве видам, и ќе се зарадува срцето ваше, и радоста ваша никој нема да ви ја одземе;
23. и во тој ден нема да Ме прашате за ништо. Вистина, вистина ви велам: што и да посакате од Отецот, во Мое име, ќе ви даде.
24. Досега ништо не сте барале во Мое име; барајте и ќе добиете, за да биде радоста ваша полна.
25. Ова во параболи ви го кажував; но ќе дојде час, кога нема веќе во параболи да зборувам, туку откриено ќе ве известам за Отецот.
26. Во тој ден ќе побарате во Мое ме, и не ви велам, дека Отецот ќе Го помолам за вас;
27. оти Отецот Сам ве милува, зашто вие Ме засакавте и поверувавте дека Јас сум излегол од Бога.
28. Излегов од Отецот и дојдов во светот; сега пак го оставам светот и одам при Отецот.”
29. Му рекоа учениците Негови: „Еве, сега откриено зборуваш и никаква парабола не кажуваш.
30. Сега знаеме дека знаеш сè, и нема потреба никој да Те прашува. Заради тоа веруваме дека од Бога си излегол.”
31. Им одговори Исус: „Сега ли верувате?
32. Ете, иде часот, и настапува веќе, за да се разбегате секој при своите, а Мене Сам да Ме оставите; но Јас не сум Сам, бидејќи Отецот е со Мене.
33. Ова ви го реков, за да имате мир во Мене. Во светот ќе имате маки; само не бојте се, зашто Јас го победив светот.”
Гл.17
1. Ова го кажа Исус, па ги подигна очите Свои кон небото и рече: „Оче, дојде часот: прослави Го Својот Син, за да Те прослави и Синот Твој,
2. како шт си Му дал власт над секое тело, та преку сè што си Му дал, да им даде живот вечен.
3. А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа.
4. Јас Те прославив на Земјата; го извршив делото, што си Ми го дал да го извршам.
5. И сега, прослави Ме Ти, Оче, во Тебе Самиот, со славата што ја имав во Тебе, уште светот пред да настане.
6. Го јавив името Твое на луѓето, што си Ми ги дал од светот; тие беа Твои, и Ти Ми ги даде, и го запазија Твоето слово.
7. Сега разбраа дека сè, што си Ми дал, е од Тебе;
8. зашто зборовите, што си Ми ги дал, им ги предадов, и тие ги примија и разбраа навистина, оти од Тебе сум излегол, и поверуваа дека Ти си Ме пратил.
9. Јас за нив се молам; не се молам за сиот свет, туку за оние што си Ми ги дал, зашто се Твои.
10. И сè Мое е Твое, и Твоето – Мое, и се прославив во нив.
11. Веќе не сум во светот, но тие се во светот, а Јас идам при Тебе. Оче Свети, запази ги во Твоето име оние, што си Ми ги дал, за да бидат едно, како што сме и Ние.
12. Додека бев со нив во светот, Јас ги пазев во Твоето име; оние, што си Ми ги дал, ги зачував, и никој од нив не погина, освен погибелниот син, за да се исполни Писмото.
13. А сега идам при Тебе, и ова му го кажувам на светот, за да ја имаат во себе Мојата радост полна.
14. Јас им го предадов Твоето слово, и светот ги замрази, зашто тие не се од светот, како и Јас што не сум од него.
15. Не се молам да ги земеш од светот, туку да ги запазиш од злото.
16. Тие не се од светот, како и Јас што не сум од него.
17. Освети ги со Својата вистина. Твоето слово е вистина.
18. Како Ти Мене што Ме прати во светот, и Јас ги пратив во светот.
19. И за нив Јас се посветувам, та и тие да бидат осветени преку вистината.
20. Но не се молам само за нив, туку и за оние, што по нивните зборови ќе поверуваат во Мене,
21. за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил.
22. И славата што си Ми ја дал, ним им ја дадов, за да бидат едно, како што сме Ние.
23. Јас сум во нив и тие се во Мене, за да бидат во сè едно, и да узнае светот дека Ти си Ме пратил, и нив си ги возљубил, како Мене што Ме возљуби.
24. Оче, сакам и оние што си Ми ги дал да бидат со Мене, каде што сум Јас, за да ја гледаат Мојата слава што си Ми ја дал, оти Ме возљуби уште пред да се создаде светот.
25. Оче Праведни, светот не Те позна, Јас Те познав; и овие познаа дека Ти си Ме пратил;
26. и им го објавив името Твое, и ќе го известувам, та љубовта, со која Ме возљуби Ти, да биде во нив, и Јас во нив.”
Гл.18
1. И штом го рече ова, Исус отиде со учениците Свои преку потокот Кедрон, каде што имаше градина, и во неа влезе Он и учениците Негови.
2.Евангелие Јован 18: 1-28 - апсењето на Исус во Гетсиманската градина, судењето на првосвештеникот Ана, тројното одрекување на Петар
1. И штом го рече ова, Исус отиде со учениците Свои преку потокот Кедрон, каде што имаше градина, и во неа влезе Он и учениците Негови.
2. А тоа место го знаеше и Јуда, кој сакаше да Го предаде, зашто Исус често се собираше со учениците Свои таму.
3. Тогаш Јуда, откако зеде една чета војници и слуги од првосвештениците и фарисеите, дојде таму со фенери, со светила и со оружје.
4. А Исус, знаејќи сè што ќе стане со Него, излезе и им рече: „Кого го барате?”
5. Му одговорија: „Исуса од Назарет.” Исус им рече: „Јас сум.” Со нив стоеше и Јуда, што Го предаваше.
6. А кога им рече: „Јас сум” – тие се повлекоа назад и паднаа на земјата.
7. Тогаш пак ги праша: „Кого го барате?” А тие рекоа: „Исуса од Назарет.”
8. Исус одговори: „Ви реков дека сум Јас; па, ако Ме барате Мене, оставете ги овие да си одат;
9. за да се изврши словото кажано од Него: Од оние, што си Ми ги дал, никого не погубив.“
10. А Симон Петар, кој имаше нож, го извади, го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво. Името на слугата му беше Малх.
11. Но Исус му рече на Петра: „Стави го ножот во ножницата. Зар да не ја испијам чашата што Ми ја даде Отецот?”
12. Тогаш четата и војводата, и слугите јудејски, Го фатија Исуса и Го врзаа,
13. И Го одведоа најнапред кај Ана, зашто тој беше дедо на Кајафа, кој во таа година беше првосвештеник.
14. А Кајафа беше оној, што ги посоветува Јудејците, дека подобро е да умре еден човек за народот.
15. По Исуса одеше Симон Петар и еден друг ученик; а тој ученик му беше познат на првосвештеникот, и влезе со Исуса во дворот на првосвештеникот.
16. А Петар стоеше надвор, покрај портата. Другиот, пак, ученик, што му беше познат на првосвештеникот, излезе, ѝ рече на вратарката и го воведе Петра.
17. Тогаш слугинката вратарка му рече на Петра: „Да не си и ти од учениците на Овој Човек?” Тој рече: „Не сум.”
18. А слугите и робовите беа запалиле оган и стоеја, па се грееја, оти беше студено. Со нив стоеше и Петар, и се грееше.
19. Првосвештеникот, пак, Го праша Исуса за учениците Негови и за Неговото учење.
20. Исус му одговори: „Јас му зборував на светот јавно; Јас секогаш поучував по зборниците и во храмот, каде што секојпат се собираат Јудејците, и тајно ништо не сум зборувал.
21. Зошто Ме прашуваш Мене? Прашај ги оние, кои слушале, што сум зборувал; тие знаат што сум говорел.”
22. Кога Он го рече тоа, еден од слугите, кој стоеше близу, Го удри Исуса по образ и рече: „Така ли му одговараш на првосвештеникот?”
23. Исус му одговори: „Ако реков лошо, докажи го лошото; ако ли, пак, добро – зошто Ме биеш?”
24. Тогаш Ана Го прати врзан при првосвештеникот Кајафа.
25. А Симон Петар стоеше и се грееше. И му рекоа: „Да не си и ти од учениците Негови?” Тој откажа и рече: „Не сум.”
26. Еден од слугите на првосвештеникот, што му беше роднина на оној, кому Петар му го беше отсекол увото, рече: „Не те ли видов и тебе во градината со Него?”
27. А Петар пак одрече; и веднаш петел запеа.
28. И Го поведоа Исуса од Кајафа во преторијата. Но беше утро, и тие не влегоа во неа, за да не се осквернат, како би можеле да ја јадат пасхата.
3.Евангелие Матеј 26:57-75 - судењето на првосвештеникот Кајафа, трикратното одрекување на Петар
57. А оние, што го фатија Исуса, Го одведоа при првосвештеникот Кајафа, каде што беа собрани книжниците и старешините.
58. Петар, пак, одеше по Него оддалеку, до дворот на првосвештеникот; и како влезе внатре, седна со слугите, за да го види крајот.
59. А првосвештениците и старешините, и целиот Синедрион бараа лажно сведоштво против Исуса, за да Го убијат
60. и не наоѓаа; и, макар што пристапија многу лажни сведоци, не најдоа. Но најпосле дојдоа двајца лажни сведоци,
61. и рекоа: „Овој кажа: “Можам да го урнам Божјиот храм и за три дни да го соѕидам.”“
62. И како стана првосвештеникот, Му рече: „Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?”
63. Но Исус молчеше. А првосвештеникот Му рече: „Те заколнувам во Живиот Бог да ни кажеш: Ти ли си Христос, Син Божји?”
64. Исус му одговори: „Ти рече! Ви велам пак: отсега ќе Го гледате Синот Човечки како седи оддесно на силата и како доаѓа по небеските облаци.”
65. Тогаш првосвештеникот ја раскина облеката своја и рече: „Овој хули на Бога! Каква потреба имаме повеќе од сведоци? Ете, сега го чувте Неговото хулење.
66. Како ви се чини?” А тие одговорија и рекоа: „Заслужува смрт!”
67. Тогаш Го плукаа в лице и Го удираа по образите, а други Го биеја
68. и говореа: „Проречи ни, Христе, кој Те удри?”
69. А Петар седеше надвор во дворот. И се приближи до него една слугинка и му рече: „И ти беше со Исуса Галилеецот.”
70. Но тој се одрече пред сите, велејќи: „Не знам што зборуваш.”
71. А кога одеше кон вратата, го виде друга и им рече на оние што беа таму: „И овој беше со Исуса Назареецот.”
72. И пак се одрече тој со клетва: „Не Го познавам Човекот.”
73. Малку потоа се приближија оние, што стоеја таму и му рекоа на Петра: „Навистина, и ти си од нив, зашто и говорот твој те издава.”
74. Тогаш тој почна да се колне, и се заколна: „Не Го познавам Човекот.” И веднаш запеа петел.
75. И се сети Петар на Исусовите зборови, што му ги рече: „Уште петел пред да пропее, трипати ќе се одречеш од Мене.” Па излезе надвор и плачеше горко.
4.Евангелие Јован 18:28-19:16 - Тајниот разговор на Исус со Пилат, судењето на Пилат
Гл.18
28. И Го поведоа Исуса од Кајафа во преторијата. Но беше утро, и тие не влегоа во неа, за да не се осквернат, како би можеле да ја јадат пасхата.
29. Тогаш излезе Пилат пред нив и рече: „Во што Го обвинувате Овој Човек?”
30. Одговорија и му рекоа: „Ако Он не беше злочинец, немаше да ти го предадеме.”
31. А Пилат им рече: „Земете Го вие и судете Му според вашиот закон!” Јудејците му рекоа: „Нам не ни е позволено да убиваме никого” –
32. за да се исполни зборот Исусов, што го рече, кажувајќи со каква смрт ќе умре.
33. Тогаш влезе Пилат во судницата, па Го повика Исуса и Му рече: „Ти ли си Царот Јудејски?”
34. Исус му одговори: „Сам ли го зборуваш тоа или други ти кажаа за Мене?”
35. Пилат одговори: „Та јас Јудеец ли сум? Твојот народ и првосвештениците Те предадоа на мене. Што си направил?”
36. Исус одговори: „Моето царство не е од овој свет; ако беше царството Мое од овој свет, тогаш Моите слуги би Ме бранеле, за да не им бидам предаден на Јудејците; но царството Мое сега не е овде.”
37. А Пилат Му рече: „Ти, пак, Цар ли си?” Исус одговори: „Ти велиш дека сум Цар. Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината; секој, кој е од вистината, го слуша гласот Мој.”
38. Пилат го праша: „Што е тоа вистина?” И ова како го рече, излезе пак при Јудејците и им рече: „Јас не наоѓам никаква вина во Него.
39. Но при вас е обичај да ви пуштам по еден за Пасха. Сакате ли да ви Го пуштам Царот Јудејски?”
40. И пак повикаа сите, велејќи: „Не Овој, а Варава.” Варава, пак, беше разбојник.
Гл.19
1. Тогаш Пилат Го фати Исуса и Го бичува.
2. И војниците, кога сплетоа венец од трње, Му го кладоа на главата и Му облекоа багреница,
3. и велеа: „Радуј се, Царе Јудејски!” – и Го удираа по образите.
4. Пилат пак излезе надвор, со трнов венец и багреница. И им рече: „Еве, ви Го изведувам надвор, за да разберете дека не наоѓам во Него никаква вина.”
5. Тогаш излезе Исус надвор, со трнов венец и багреница. И им рече Пилат: „Еве Го Човекот!”
6. А кога Го видоа првосвештениците и слугите, завикаа и рекоа: „Распни Го, распни!” Пилат им рече: „Земете го вие и распнете Го, оти јас не наоѓам во Него вина.”
7. Јудејците му одговорија: „Ние имаме Закон и според нашиот Закон Он треба да умре, зашто Сам се направи Син Божји.”
8. Кога го чу Пилат овој збор, повеќе се уплаши.
9. И пак влезе во преторијата и Му рече на Исуса: „Од каде си Ти?” Но Исус не му даде одговор.
10. Пилат му рече: „Мене ли не ми одговараш? Не знаеш ли дека имам власт да Те распнам, и власт имам да Те пуштам.”
11. Исус одговори: „Ти не би имал никаква власт над Мене, ако не ти беше дадено одозгора; затоа поголем грев има оној, што Ме предаде на тебе.”
12. Оттогаш Пилат гледаше да Го пушти. Но Јудејците пак викаа, зборувајќи: „Ако Го пуштиш Него, не си му пријател на ќесарот. Секој што се прави цар, противник му е на ќесарот.”
13. Штом го чу тој збор, Пилат Го изведе Исуса надвор и седна на судискиот стол, на местото, што се вика Литостротон, а по еврејски Гавата.
14. Тогаш беше петок пред Пасха, околу шестиот час. И им рече Пилат на Јудејците: „Еве Го вашиот Цар!”
15. Но тие викаа: „Земи, земи, распни Го!” Пилат им рече: „Царот ваш ли да Го распнам?” Првосвештениците одговорија: „Ние немаме цар, освен ќесарот.”
16. И тогаш им Го предаде, за да биде распнат. И Го зедоа Исуса, и Го поведоа.
5.Евангелие Матеј 27:3-32 - самоубиството на Јуда, судењето на Пилат , Исус во преториумот, патот на крстот на Исус
3. Тогаш Јуда, што го предаде, кога виде дека е Он осуден, се покаја и ги врати триесетте сребреници на првосвештениците и старешините,
4. велејќи им: „Згрешив, оти предадов невина крв.” А тие му одговорија: „Што ни е грижа нам за тоа? Мисли му ти.”
5. И како ги фрли сребрениците во храмот, излезе и отиде, та се обеси.
6. Првосвештениците ги прибраа сребрениците и рекоа: „Не чини да се оставаат во црковната каса, оти се цена за крв.”
7. И како се советуваа, ја купија со нив грнчаревата нива, за да погребуваат во неа луѓе од други места.
8. Затоа и до денес таа нива се вика Крвна нива.
9. Тогаш се исполни реченото преку пророкот Јеремија: „И ги зедоа триесетте сребреници, цената на Непроценливиот, Кого Го оценија синовите Израилеви,
10. и ги дадоа за грнчаревата нива, како што ми кажа Господ”.
11. И Исус застана пред управникот. И тој Го праша, велејќи: „Ти ли си Царот Јудејски?” Исус му одговори: „Ти велиш”
12. И кога Го обвинуваа првосвештениците и старешините, Он ништо не одговараше.
13. Тогаш Му рече Пилат: „Не слушаш ли колку сведочат против Тебе?”
14. И не му одговори ниту на еден збор, така што управникот се чудеше многу.
15. А на секој празник Пасха управникот имаше обичај да му отпушта на народот по еден затвореник, кого што би го побарале.
16. Тогаш тие имаа еден прочуен затвореник, по име Варава.
17. И кога се собраа, Пилат им рече: „Кого сакате да ви го пуштам: Варава ли, или Исуса, наречен Христос?”
18. Оти знаеше дека Го беа предале од завист.
19. Во тоа време, кога тој седеше во судот, жена му порача да му кажат: „Не прави Му ништо на Тој Праведник, оти денеска многу пострадав насон,
заради Него.”
20. Но првосвештениците и старешините го наговорија народот да го измоли Варава, а Исуса да Го погуби.
21. Тогаш управникот ги праша: „Кого од двајцата сакате да ви го пуштам?” Тие одговорија: „Варава!”
22. Пилат им рече: „А што да направам со Исуса, наречен Христос?” Му одговорија сите: „Да биде распнат!”
23. Управникот рече: „Па какво зло направил?” Но тие уште посилно извикаа и рекоа: „Да биде распнат!”
24. Пилат, штом виде дека ништо не помага, а буната се зголемува, зеде вода, ги изми рацете пред народот и рече: „Невин сум за крвта на Овој Праведник; мислете му вие!”
25. И одговарајќи целиот народ, рече: „Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца!”
26. Тогаш им го пушти Варава, а Исуса, откако Го бичуваа, Го предаде да биде распнат.
27. Потоа управниковите војници Го зедоа Исуса во судницата и ја собраа целата чета околу Него,
28. па, откако Го соблекоа, Му облекоа багреница;
29. исплетоа трнов венец, Му Го кладоа на главата и Му дадоа во десната рака трска; и паѓајќи на колена, Му се потсмеваа и велеа: „Радувај се, Царе Јудејски!”
30. И плукаа на Него и, како ја зедоа трската, Го удираа по главата.
31. А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ги облекоа Неговите алишта и Го поведоа на распнување.
32. На излегување сретнаа еден Киринеец, по име Симон; него го натераа да Му го носи крстот.
6.Евангелие Марко 15:16-32 - Исус во преториумот, патот на крстот на Исус , распнувањето на Исус, исмејувањето кон Него.
16. Војниците, пак, Го одведоа внатре во дворот, односно во преторијата, и повикаа цела чета,
17. па Му облекоа багреница, и откако сплетоа трнов венец, Му го кладоа на главата;
18. и почнаа да Го поздравуваат: „Радуј се, Царе Јудејски!”
19. И Го биеја по главата со трска и плукаа на Него; паѓајќи на колена, и Му се клањаа.
20. А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му го облекоа Неговото облекло и Го поведоа на Го распнат.
21. И го натераа некој си Симон Киринеец, таткото на Александар и на Руф, кој се враќаше од поле, да му го носи крстот.
22. Па Го одведоа на местото Голгота, што значи: место на черепи.
23. И Му дадоа да пие вино со смирна, но Он не зеде.
24. Тие што Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждреб, кој што да земе.
25. Беше третиот час, и Го распнаа.
26. И имаше натпис за вината Негова: „Цар Јудејски.”
27. А со Него распнаа и два разбојника, едниот од десната Негова страна, а другиот од левата.
28. И се исполни Писмото, кое вели: „И меѓу грешници Го ставија.”
29. А минувачите, вртејќи со глава, Го хулеа и велеа: „Аха! Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш,
30. спаси Себеси и слези од крстот!”
31. Исто така и првосвештениците заедно со книжниците му се смееја и велеа: „Другите ги спасуваше, а Себе не може да спаси.
32. Христос, Царот Израилев, нека слегне сега од крстот, па да видиме и да поверуваме!” Го хулеа и распнатите со Него.
7.Еванглие Матеј 27:33-54 - распнувањето на Исус, исмејувањето кон Него, смртта на крстот и знаците што ја придружуваат
33. И кога дојдоа на местото, наречено Голгота, што значи: место на черепи,
34. Му дадоа да пие оцет, измешан со жолчка. Но Он вкуси и не сакаше да пие,
35. А штом Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждреб;
36. па седеа таму и Го чуваа;
37. и Му кладоа над главата натпис, со вината Негова: „Овој е Исус, Царот Јудејски.”
38. Тогаш распнаа со Него и двајца разбојници: едниот од десната страна, а другиот од левата.
39. А минувачите, вртејќи ги главите свои, Го хулеа
40. и велеа: „Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси! Ако си Син Божји слегни од крстот!”
41. Исто така и архијереите, заедно со книжниците и старешините, и фарисеите, потсмевајќи се говореа:
42. Другите ги спаси, а Сам Себе не може да спаси. Ако е Он Цар Јудејски, нека слезе сега од крстот, па ќе поверуваме во Него.
43. Се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако е по волјата Негова, оти беше рекол: “Син Божји Сум!”“
44. И разбојниците, распнати со Него, Го хулеа исто така.
45. А од шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час;
46. а околу деветтиот час извика Исус со висок глас и рече: „Или! Или! Лама савахтани?” А тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Си Ме оставил?”
47. А некои од оние што стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој го вика Илија.”
48. И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во оцет и го надена на трска, па Му даваше да пие.
49. Другите, пак, велеа: „Чекајте, да видиме, дали ќе дојде Илија да Го спаси.”
50. А Исус, откако повторно извика со висок глас, го испушти духот.
51. И наеднаш се расцепи црковната завеса на два дела, од горниот крај до долниот; и земјата се затресе; и карпи паднаа;
52. и гробови се отворија; и многу тела на упокоени светии воскреснаа;
53. па како излегоа од гробовите, по воскресението Негово, влегоа во светиот град и се јавија на мнозина.
54. А стотникот и оние, што со него заедно Го чуваа Исуса, откако го видоа земјотресот и сè друго што стана, се уплашија многу и говореа: „Навистина Овој бил Син Божји!”
8.Евангелие Лука 23:32-49 - молитвата на распнатиот Исус, исповедта на благоразумниот разбојник
32. Водеа и двајца злочинци, за да ги погубат со Него.
33. И кога дојдоа на местото, наречено Черепница, Го распнаа таму Него и злочинците, едниот оддесно, а другиот одлево.
34. А Исус рече: „Оче, прости им, оти не знаат што прават!” И кога го делеа облеклото Негово, фрлија ждреб.
35. А народот стоеше и гледаше; се потсмеваа заедно со народот и првосвештениците, велејќи: „Други спаси, нека Се спаси и Сам, ако е Он Христос, избраникот Божји!”
36. Исто така и војниците се подигруваа со Него: приближувајќи се, тие Му поднесуваа оцет,
37. и велеа: „Ако си Ти Царот Јудејски, спаси се Сам!”
38. А над Него имаше натпис, напишан на грчки, латински и еврејски: „Овој е Царот Јудејски.”
39. Еден од распнатите злочинци хулеше на Него, велејќи: „Ако си Ти Христос, спаси Себеси и нас!”
40. А другиот, кога одговори, го искара и рече „Зар и од Бога не се боиш, кога си веќе и сам осуден?
41. Ние сме праведно осудени, зашто примивме заслужена казна според нашите дела; но Он ништо лошо не направил.”
42. И Му рече на Исуса: „Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!”
43. А Исус му рече: „Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот!”
44. А беше веќе околу шестиот час и настана мрак по целата земја, до деветтиот час;
45. и сонцето потемне, и црковната завеса се расцепи преку средината.
46. А Исус извика гласно и рече: „Оче, во Твои раце Го предавам Својот дух!” И штом го рече тоа, издивна.
47. Стотникот, пак, кога виде што стана, Го прослави Бога и рече: „Навистина Овој Човек бил праведник!”
48. И сиот народ, што беше се собрал да гледа, кога виде што стана, се враќаше со удирање в гради.
49. А сите Негови познати, и жените, што Го следеа од Галилеја, стоеја подалеку и го гледаа тоа.
9.Евангелие Јован 19:25-37 - Богородица и Јован Богослов пред крстот, смрт на крстот, прободување со копје
25. При крстот Исусов стоеја мајка Му Негова и сестрата на мајка Му, Марија Клеопова, и Марија Магдалина.
26. А Исус, штом ја виде мајка Си, и ученикот, кого го љубеше, како стои, ѝ рече на мајка Си: „Жено, ете ти син!”
27. Потоа му рече на ученикот: „Ете ти мајка!” И од тој час ученикот ја зеде при себе.
28. По ова, знаејќи Исус дека е сè свршено, за да се исполни Писмото, рече: „Жеден сум.”
29. Таму стоеше сад, полн со оцет. Тие наквасија сунѓер во оцетот, го закачија на трска и Му принесоа до устата Негова.
30. А кога вкуси Исус оцет, рече: „Се сврши!” И кога ја наведна главата, го предаде духот.
31. Бидејќи беше петок, Јудејците, за да не останат телата на крст во сабота, оти во таа сабота беше голем ден, го замолија Пилата да им ги прекршат колената и да ги симнат.
32. Тогаш дојдоа војниците и им ги прекршија колената на првиот, како и на вториот, што беа распнати со Него.
33. А кога дојдоа до Исуса и Го видоа дека беше веќе умрен, не Му ги прекршија колената;
34. но еден од војниците со копје Му ги прободе ребрата, и наеднаш истече крв и вода.
35. И кој виде – посведочи, и сведоштвото му е вистинско; и знае дека кажува вистина, за да поверувате вие.
36. Оти ова стана, за да се исполни Писмото: Коска Негова нема да се прекрши.
37. И друго Писмо пак вели: Ќе погледнат на Оној, Кого Го прободоа.
10.Евангелие Марко 15:43-47 - Јосиф од Ариматеја,пред Пилат, погребот на Христос
43. дојде Јосиф од Ариматеја, прочуен член на советот, кој и сам го очекуваше царството
Божјо, се осмели и влезе при Пилата и го помоли за телото Исусово.
44. Пилат се зачуди дека Он веќе умрел: и кога го извика стотникот, го праша дали одамна умрел.
45. Па штом узна од стотникот, му го даде телото на Јосифа.
46. А Јосиф купи плаштаница, Го симна и Го обви во плаштаницата и Го положи во гроб, што беше издлабен во карпа; и навали камен на гробната врата.
47. А Марија Магдалина и Марија Јосиева гледаа, каде Го полагаат.
11.Евангелие Јован 19:38-42 - погребение Христово
38. Потоа Јосиф од Ариматеја, таен Исусов ученик, поради страв од Јудејците, го замоли Пилата да го симне телото Исусово и Пилат му дозволи. Тој дојде и го симна телото Исусово.
39. А дојде и Никодим, кој порано беше отишол ноќе при Исуса, и донесе околу сто литри смес од смирна и алој.
40. Го зедоа телото Исусово и го завиткаа во платно со мирисите, како што е обичај кај Јудејците да погребуваат.
41. На она место, каде што беше распнат, имаше градина и во градината – нов гроб, во кој уште никој не беше полаган.
42. Таму Го положија Исуса, поради петокот јудејски, зашто гробот беше близу.
12.Евангелие Матеј 27:62-66 - стража пред гробот
62. На другиот ден, по петокот, се собраа првосвештениците и фарисеите при Пилата,
63. и му рекоа: „Господаре, се сетивме дека Оној измамник, уште дури беше жив, рече: “По три дни ќе воскреснам.”
64. Затоа нареди да се причува гробот до третиот ден, за да не отидат учениците Негови ноќе и да Го украдат, па да му речат на народот: “Воскресна од мртвите!” Та последната измама ќе биде полоша од првата.”
65. Пилат им рече: „Имате стража; одете и направете како што знаете.”
66. Тие отидоа и со стража го осигураа гробот, и каменот го запечатија.
Помеѓу евангелијата се пеат стихири и антифони, потсетувајќи на неблагодарноста и среброљубието на Јуда и еврејскиот народ кои го осудија Исус Христос на смрт.
Comments
Post a Comment
Напиши коментар