ЗА ПРИЧЕСТУВАЊЕТО НА ДЕЦАТА - Архимандрит Дамаскин





Трудете се да ги причестувате децата што почесто, бидејќи ништо повеќе нема да им помогне за нивното духовно и телесно здравје од самото Тело и Крв Христови. Верувајте ми дека децата кои редовно ја примаат Светата Причест се многу поразлични од другите деца кои воопшто не се причестуваат, бидејќи самата благодат Божја ги смирува и умудрува, помагајќи им многу побргу духовно да раснат, да бидат и попослушни и помирни и да имаат многу повеќе духовен разум за да се сочуваат од секакви искушенија.

За децата до седумгодишна возраст не треба никаква подготовка за Света Причест, односно за нив нема потреба да пости ниту мајката ниту бабата, туку нив може да ги причестувате на секоја Литургија. А за повозрасните деца треба да се посоветувате со духовникот или свештеникот, како и тие со мала подготовка да се подготват за Причест.

Но, немојте да ги присилувате децата насила да ја примат Светата Причест кога сте на Литургија, ако тие самите не сакаат или пак плачат и се противат, бидејќи можете да направите многу поголем грев ако тие ја исплукаат причеста или пак ако ја истурат Светата Причест мафтајќи со рацете. И затоа треба најнапред родителите да се потрудат што почесто да ја посетуваат Светата Литургија заедно со децата во неделите и празниците, за и децата да се привикнат на богослужбата и да не се плашат од свештениците и од причестувањето.

Ако родителите се потрудат да бидат поревносни во духовниот живот и да го засакаат и постот и молитвата, тогаш и децата ќе го следат нивниот добар пример и ќе постанат добри христијани. Еден старец рече дека односот на децата кон родителите е ист онаков, каков што е и односот на родителите кон Бога. Ако родителите го слушаат Бога и ги исполнуваат евангелските заповеди, тогаш и децата нив ќе ги слушаат. Но, тешко на оние родители кои им даваат лош пример со својот небогоугоден и гревовен живот.

 Архимандрит Дамаскин


Comments

Post a Comment

Напиши коментар