ТАЈНИ НА ДУХОВНОТО ПАТУВАЊЕ НА БОГОБОРЦИТЕ!...
ТАЈНИ НА ДУХОВНОТО ПАТУВАЊЕ НА БОГОБОРЦИТЕ!
Да се трудиме со желба да го пиеме духовното и Божествено вино и да се опиеме од трезвена опиеност како оние кои пијат многу вино, а потоа зборуваат многу зборови, така и ние, откако срдечно ќе се напиеме од ова духовно вино, да ги раскажуваме Божествените Тајни! И чашата твоја ме напојува со блаженство (Псалм 22:5).
Сиромашна „по дух“ е онаа душа, која добро ги знае своите рани и темнината на страстите што ја опкружуваат и постојано бара откуп од Господа. Зашто, бидејќи таа не се радува на раните и модринките на своите страсти и не ги оправдува своите грешки, Господ доаѓа и ја исцелува и и ја враќа убавината! Оваа душа е благословена! Тешко, пак, на таа душа која не е свесна за своите рани... Оваа душа, Добриот Лекар, не ја лечи, бидејќи не Го бара, мислејќи дека е здрава. Така, Господ вели: Не им треба лекар на здравите, туку на болните (Лука 5:31).
Навистина блажени се оние кои со горлива вера преку искуство ги запознале Небесните Тајни на Светиот Дух и имаат татковина на Небото! Тие се најдобри од сите луѓе! Зошто, Зашто само тие, додека се уште живеат на земјата, беа достојни да ги видат убавините на Светиот Дух! За нив Божествениот Апостол вели: А нашето живеалиште е на небесата (Филипјаните 3:20), Што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна, тоа Бог го приготвил за оние, кои Го сакаат (1. Коринтјаните 2:9), и додава: Но Бог ни ги откри преку Својот Дух (1. Коринтјаните 2:10). Овие се навистина мудрите и силните и благородните и разумните!
Така, трите деца, кои не се поклонија на статуата на Навуходоносор, не беа изгорени од огнот на печката! Пророкот Илија со својата молитва спушти оган од небото! Мојсеј го победи цел Египет и тиранинот фараон! Лот и Ное и многу други, кои иако однадвор имаа многу понизок изглед, надвладеаја над многу достоинственици и моќни луѓе со Божјата сила!
Така, неискажливата Божја Мудрост ни покажува дека човечката природа сама по себе, без Божествена помош, не може да постигне ништо духовно или материјално! Како што земјата, ако не ја обработува земјоделецот, не дава плод, така и човечката душа, ако не ја обработува Господ Христос, не дава плод на добродетели! Тој со Својата уметност ќе ги негува срцата на верниците и ќе ги подготви да ги носат совршените плодови на Светиот Дух, а притоа Неговата Светлина ќе свети во домот на нашата душа, која е помрачена од страстите!
Свети Макариј Египќанец
Comments
Post a Comment
Напиши коментар