За Постот

 За Постот



Возљуби ја сиромаштијата Христова, за да се збогатиш преку неа духовно. Возљуби го прекрасниот пост, зашто е дело чесно и богоугодно.

 Постот е кочија, што вози кон небото. Постот ги раѓа пророците и умудрува законодавците. Постот – е внимателен чувар за душата и надежен сожител на телото. Постот – е оружје за доблесните и училиште за подвижниците. Постот ги отстранува искушенијата и ги изострува за подвиг во благочестието – тој е сожител на трезвеноста и виновник за целомудрието. Постот е доблест во одбраната. Постот изгаснувал сила огнена; постот затворал уста на лавови; постот ја воведувал молитвата на небото. Постот е мајка на здравјето; наставник на младоста; украс на староста и добар сопатник на патешествениците!

 Оние, кои постат, имаат тело чесно и душа скапоцена: постот го успокоил Лазара во крилото на Авраама – затоа, и ние да го возљубиме, за да го придобиеме Авраамовото крило!

 Да го избегнуваме раскошот и да не бидеме робови на пијанството – тие извори на блудството. Пијанството не Го прима Господа: пијанството Го отстранува од нас Светиот Дух!

 Постот – е благоустројство за градот, благочестие за пазарот, мир за домовите. Постот е грижа и претпазител на девството. Постот е пат кон покајанието и виновник за солзите – тој не го сака светот, ниту пак она, што е во него! Да не паѓаме во безволност, кога постиме, зашто во секоја Црква ангелите ги запишуваат имињата на оние, кои постат.

Постот е туѓ за злопамтењето – оние, кои ги држат во својата меморија огорчувањата и злото што им било направено, макар и да постат и да се молат, слични се на луѓе, кои црпат вода и ја налеваат во протурена бочва! Бог не ги прима молитвите на човекот, кој го помни злото на брата си. Нека биде слава и сила на Господа, сега и во векови.

Свети Ефрем Сирин


Comments