Акатист на свети Атанасиј Велики, Патријарх Александриски

Акатист на свети Атанасиј Велики,  Патријарх Александриски




Кондак 1

Како борец за учењата на Црквата, верен посветеник и бранител на Светото Тројство, те возвеличуваме со копнеж и вера, тебе, ерархот. И бидејќи непобедливо го чуваш учењето, ослободи ги од секакви ереси оние што ти воскликнуваат: 

Радувај се, Атанасие Велики!

Икос 1

Свет меѓу светиите, навистина ерарх Христов и видлив поддржувач на апостолите се покажа Атанасие. Како Петар си проповедал, како Јован си богословел, како Павле си страдал и затоа со право си наречен Велики од оние кои ти воскликнуваат:

Радувај се, зашто на животот бесмртен, име му даде!

Радувај се, истоимен на великите мажи!

Радувај се, на Пресветата Троица свето пребивалиште!

Радувај се, жален пад на двојството! 

Радувај се, безбедно сокровиште на божественоста!

Радувај се, нескршлива одајо на Духот!

Радувај се, искушан како момчињата во печката!

Радувај се, испитан како злато во топилница!

Радувај се, преславен пастиру меѓу пастирите!

Радувај се, Богомудрецу, отче на отците!

Радувај се, на верата жесток бранителу! 

Радувај се, светол изданоку на создаденото!

Радувај се, Атанасие Велики! 

Кондак 2

Побожен живот си имал оче од дете, си бил крстен и на Бога посветен, во црквите си престојувал од тајните просветлен, во списите поучен, во самотии си се подвизувал и си ја опфатил и си ја имал сета добродетел, затоа те пофалуваат оние кои за доблестите, на Бога Му пеат: Алилуја!

Икос 2

На мислата на сите светители си се угледувал, при што со едни си се мерел, зад други, пак, малку си заостанувал; практичарите си ги надминал, со дело философите си ги надтрчал - и едните и другите си ги победил; и откако си стекнал една убавина по друга, го слушаш ова:

Радувај се, бидејќи целото Писмо добро си го проучил!

Радувај се, бидејќи Словото Божјо силно си го возљубил!

Радувај се, саде полн со Духот Утешител!

Радувај се, ѕвездо што бликаш од светлина неискажлива!

Радувај се, мечу што ја сечеш секоја штетна помисла!

Радувај се, сабјо што го разбиваш секој световен порок!

Радувај се, лиро богозвучна што медна песна лееш!

Радувај се, на таинствени слова перо богописно!

Радувај се, ти низ кого мерата на молк и беседа се сочува!

Радувај се, ти од кого делото на молитва и труд беше започнато! 

Радувај се, посакуваното заедно со Првоповиканиот си го покажал! 

Радувај се, заедно со Апостолот Бараниот си го објавил!

Радувај се, Атанасие Велики!

Кондак 3

Како ѓакон ревносно си се изборил со безумието на Ариј, Благочестивецу, откако си го видел волкот како го нападнал стадото. За да не стане плен на ѕверот храбро си се спротивставил, мажествено напори си вложил, си примил неправедни обвиненија. Затоа заедно со тебе Му воспеваме на Спасителот: Алилуја! 

Икос 3

Имајќи Божја мисла, на Никејскиот собор однесе победа, о отче, застанувајќи меѓу отците клеветата си ја отфрлил, Црквата си ја зајакнал, Символот на верата си го устроил поставувајќи ги за догма од Бога јасно изречените слова, заради кои непрестајно те прославуваме:

Радувај се, бранителу на Севишниот Бог!

Радувај се, бидејќи со несоздаденото Тројство блескаш! 

Радувај се, ти што Синот го нарекуваш Единосуштен!

Радувај се, ти што Духот го соѕерцуваш!

Радувај се, во почетокот беше Словото, си потврдил!

Радувај се, нема време кога не беше, си поучил!

Радувај се, ти што Ариевото пирување си го обессилил!

Радувај се, ти што основите Божји си ги засилил!

Радувај се, веалко што го одделуваш житото!

Радувај се, огну што ги согоруваш сачките!

Радувај се, камен-темелнику на Црквата!

Радувај се, неподвижен столбу на благочестивоста!

Радувај се, Атанасие Велики!

Кондак 4

Благочестиво живеејќи го животот и творец на добродетели и врховен водач во битки бивајќи, со одлука на сета Црва и целиот народ за архиереј избран си бил. И како светилник што вечно свети и како светлосјаен факелоносец им ја запали светлината на сите, кои восликнуваат: Алилуја!

Икос 4

Дојдоа децата од Египет да ти се восхитат Оче, како си се издигнал на  тронот Марков, како наследник на благочестивоста и достоинството, чија ревност подражавајќи ја, си поучил, плодови си принел, дело на апостол си извршил: затоа од сите го слушаш ова:

Радувај се, на Александрија торжествен пастиру!

Радувај се, на земјата мудар чувару!

Радувај се, ти изворот на животот првосвештенствено го објавуваш!

Радувај се, ти награда за доблест - светоста ја покажуваш!

Радувај се, гледаш дека светоста е подвиг!

Радувај се, мислиш дека подвигот просветува!

Радувај се, определбо и образу на свето епископство!

Радувај се, познавачу и канону на живот доблесен!

Радувај се, на ерарсите Божјо сокровиште!

Радувај се, на благочествивите свето прибежиште!

Радувај се, светло око на Црквата!

Радувај се, цврст пренесувачу на благочестивоста!

Радувај се, Атанасие Велики!

Кондак 5

Сакајќи сите да се спасат, пресвет Оче, им стана на сите сѐ: немоќен меѓу немоќните, за искушените си бил воведен во искушение, борец меѓу борците, си се подвизувал меѓу подвижниците, со крила татковски си ги привел кон Бога сите, кои му воспеваат: Алилуја!

Икос 5

Виде дека сите кон тебе притекнуваат; недостижен во доблеста, во молитва лесно достапен; знаеш благо да укориш, како воспитувач да пофалиш; кроток, сочувствителен, благ, снисходлив кон сите кои ти го возвратија ова:

Радувај се, радост на верните и побожните!

Радувај се, убавино на сите благочестиви!

Радувај се, потпоро на старите!

Радувај се, воспитание на младите!

Радувај се, татко на сираците!

Радувај се, заштитнику на вдовиците!

Радувај се, водачу на скитниците!

Радувај се, уздо на веселите!

Радувај се, на угнетените утешителу!

Радувај се, на сиромашните милосрднику!

Радувај се, на девствените закрилнику!

Радувај се, на сопружниците воспитувачу!

Радувај се, Атанасие Велики!

Кондак 6

Убавина си ангелска, возвишен во мислата; невештествен во молитва, гласен во песни; дејствителен во дела, мажествен во мислата; она што те возвиши како чудо: сите твои чудеса, преку кои на Бога непрестано извикуваме: Алилуја!

Икос 6

Како светило на светилник светиш, како град в гори си п Овој текст е преземен од блогот Православни Духовни поуки од Светите Старци. Доколку го читате ова на друга веб-страница, станува збор за неовластено копирање на содржината. оложен; откако ја согледале твојата доблест и светлина, почитуван оче, верните тебе ти се поклонуваат, а непријателите те мразат, зашто завист им предизвикуваш ним, а ревност на верните, кои извикуваат со стравопочит:

Радувај се, заповеди царски си пренебрегнувал!

Радувај се, против надменоста аријанска си војувал!

Радувај се, лажовни итрини си соборувал!

Радувај се, нечестиви глупости си отфрлал!

Радувај се, си покажал дека Арсениј живее!

Радувај се, што си го посрамил Исхира оти клевети!

Радувај се, ти којшто си ја угаснал лудоста на непријателите!

Радувај се, ти којшто си го смирил срцето свое!

Радувај се, оти си ја почул жената во тишина!

Радувај се, оти си ја оддалечил распуштеничката со вик!

Радувај се, удару на аријаноблудните!

Радувај се, бодежу на твоите клеветници!

Радувај се, Атанасие Велики!

Кондак 7

Избегнувајќи ја јароста на подлите клеветници, си го достигнал градот на Константин; откако царот одбил да се сретне со тебе, Оче, си го застанал коларот, совладувајќи узда коњска, и откако си го сретнал посакуваниот, во копнеж на Бога му повика: Алилуја!

Икос 7

Слушајќи ново обвинение беше изгонет, оти лаѓите не си оставил да отпловат од Александрија; се разгневи царот на тебе, чесен оче, и беше прогонет; тогаш те прими народот туѓински неодложно и со радост извикувајќи:

Радувај се, заради Тројството во туѓина си поживеал!

Радувај се, за Тројството во прогонство си се измачил!

Радувај се, заради верата во самотија си се подвизувал!

Радувај се, поради завист си бил исфрлен од туѓина!

Радувај се, нељубен од нељубени кого Бог го љубел! 

Радувај се, туѓинец кај туѓинци кого Христос не го отуѓил!

Радувај се, оти издржуваш обврски кон судови!

Радувај се, оти поднесуваш затвор среде гробници!

Радувај се, од стадото безмилосно лишен си бил!

Радувај се, прогонства си примил смирено!

Радувај се, оти за пријателка ја имаш кротоста на Давид!

Радувај се, го имаш трпението на Јов за домот! 

Радувај се, Атанасие Велики!

Кондак 8

Непријатна глетка виде земјата цела пречесен оче, како се постапуваше безбожно со Архиерејот Христов, како е наклеветен кај цареви, како во синоди го понижуваат, како пребива на гробишта, како на море е прогонуван, како скита низ пустини, како во туѓина ноќева под ведро небо. Затоа низ него Бога Го возвеличуваме: Алилуја!

Икос 8

Гледајќи твојот град, дека божјиот борец пребива во него, притрча од сите куќи да те пресретне и течејќи као порој кој поплавува и навалува, о оче, и да се просветли со твојата сенка и од обликот на твоето тело и вака тебе да ти воскликнува:

Радувај се, како Господ се качуваш на осле!

Радувај се, како Нил во Египет дотекуваш!

Радувај се, ти кој заради Христа си пристигнал!

Радувај се, само со гласот свој го наситуваш својот народ!

Радувај се, со својот лик свет ги насладуваш своите верни!

Радувај се, си наишол на чест видлива!

Радувај се, си бил опкружен со слава најблескава!

Радувај се, си отпатувал во постели од скапоцености!

Радувај се, си бил отпоздравен со цветови од китки богати!

Радувај се, образу и слико на доаѓањето Христово!

Радувај се, определбо и канону на сиот едномислен свет!

Радувај се, Атанасие Велики!

Кондак 9

Сите заедно соборно, хармонијо на лирата, твојот живот и карактер, опасности и борби, враќањата, но и прогонствата, оче, Му воскликнуваме на Бога: Алилуја!

Икос 9

Кој достојно ќе ги опее крепоста и мажественоста на душата твоја, зашто ти си челик за оние што удираат, магнет за бунтовниците, кои како железо ги привлекуваш и ги правиш свои пријатели, и коишто ти воскликнуваат:

Радувај се, едномислие на бунтовниците!

Радувај се, покајание на грешниците!

Радувај се, исправување на оние што паѓаат!

Радувај се, поправање на оние што грешат!

Радувај се, столбу на трпеливоста!

Радувај се, порто на човекољубието!

Радувај се, смирение за бранувањата!

Радувај се, миру во безредијата!

Радувај се, камшику на справедливоста!

Радувај се, бичу за несправедливоста!

Радувај се, на преподобните епископи пофалбо и убавино! 

Радувај се, за аријаноумните паду и погибел! 

Радувај се, Атанасие Велики!

Кондак 10

Ти ги имаш сите во срцата, оние кои те чествуваат, подеднакво како и оние што те мразат; им простуваш на оние што се огрешуваат, и ги љубиш оние кои те љубат; ги прифаќаш оние што се покајуваат и оние што не се покоруваат, сите кои едномислено воспеваат: Алилуја!

Икос 10

Си ја отстранил измамата за идолите, оче, откако си узнал дека сите идолопоклоници прават срамни работи; а кога престапникот намислувал да те осуди на смрт, веднаш брзо си избегал со брод; а откако те виде спасен, Црквата ти пее: 

Радувај се, зашто си ја отфрил заблудата за боговите!

Радувај се, зашто безумието на мажите си го обессилил!

Радувај се, разобличувачу на мноштвата идолозаблудени!

Радувај се, си ја  поразил дрскоста на Јулијан!

Радувај се, зашто со Божјо видение беше спасен!

Радувај се, спасен на стадото беше даден!

Радувај се, си избегнал заседа на нечестиви!

Радувај се, зашто царскиот престол си го презрел!

Радувај се, најжесток чекан за неправославните!

Радувај се, суров поразу на идолите!

Радувај се, си го разбил мракот на идолите!

Радувај се, си ја истрпил злобата на безумните!

Радувај се, ти што си ја разобличил лудоста на идолите!

Радувај се, си ја згазил измамата на демоните!

Радувај се, Атанасие Велики! 

Кондак 11

Сите химни нема да бидат доволни за достојно да ги опееме твоите борби, о оче. Не си дал сон на очите, ниту дремка на клепките, си се спротивставил со сила на еретиците и ништожниците; затоа сите воспеваме: Алилуја!

Икос 11

Бегајќи во пустина си станал ученик на Антониј, посетител на Пахомиј; таму за подвигот си се приврзал и си се извил околу воздржаноста. Старател на монасите, си се угледал на ангелите, со молитва си се озарил, со благочестиви си се обожил, поради што ти возвикуваме:

Радувај се, слатка објаво на воздржаноста!

Радувај се, тивко пребивалиште на девственоста!

Радувај се, невенлив венецу на воздржливоста!

Радувај се, непоимливо богатство на девственоста!

Радувај се, ти кој си Мојсеева плоча за монасите!

Радувај се, ти кој си чест и слава на девствените!

Радувај се, со божествена љубов окрилен!

Радувај се, си се борел на светото борилиште!

Радувај се, закрилнику на светиот манастир!

Радувај се, заштитнику на послушните монаси!

Радувај се, плима од раката твоја света!

Радувај се, постојан благослов на поклониците!

Радувај се, Атанасие Велики!

Кондак 12

Се радува сиот хор на монасите, почитуван оче, бидејќи те има за учител и водач во животот; дај ни опит на доблеста, бидејќи и самиот доблесен, дај им сила на оние што се подвизуваат, со твоите крила укрепи ги нив, боговдахновен. И тогаш хорот на светите непрестајно да воспева: Алилуја!

Икос 12

Досегајќи ги оние на небесата, низ солзи Го гледаше дека дошол со сите светии, го направи твојот од не повторно во прогонство туку во радоста Господова, додека ангелите ги воспеваат сите твои маки блажен:

Радувај се, зашто со Ангелите и пророците живееш!

Радувај се, на патријарсите и светиите сожителу!

Радувај се, чудесен благочестив ерарху!

Радувај се, сестран блескав војнику!

Радувај се, врвност на патријарсите!

Радувај се, расцвету на ерарсите!

Радувај се, зашто си го подражавал животот на мачениците!

Радувај се, си се напил од изворот на преподобните!

Радувај се, блескав светилнику на монасите!

Радувај се, непоколеблив факелоносецу на благочестивите!

Радувај се, Атланту на православието!

Радувај се, Великану на праводејственоста!

Радувај се, Атанасие Велики!

Кондак 13

О, многустрадален оче Атанасие, Христов ерарху, додека молиме со копнеж, приклони го своето уво оче, заштити ни го пастирот, биди им закрилник на монасите и чувар на манастирот, заштитник на оние кои што се поклонуваат и воскликнуваат: Алилуја!

(кондак 13 се чита три пати, потоа икос 1, па кондак 1)

Кондак 1

Како борец за учењата на Црквата, верен посветеник и бранител на Светото Тројство, те возвеличуваме со копнеж и вера, тебе, ерархот. И бидејќи непобедливо го чуваш учењето, ослободи ги од секакви ереси оние што ти воскликнуваат: 

Радувај се, Атанасие Велики!

Икос 1

Свет меѓу светиите, навистина ерарх Христов и видлив поддржувач на апостолите се покажа Атанасие. Како Петар си проповедал, како Јован си богословел, како Павле си страдал и затоа со право си наречен Велики од оние кои ти воскликнуваат:

Радувај се, зашто на животот бесмртен, име му даде!

Радувај се, истоимен на великите мажи!

Радувај се, на Пресветата Троица свето пребивалиште!

Радувај се, жален пад на двојството! 

Радувај се, безбедно сокровиште на божественоста!

Радувај се, нескршлива одајо на Духот!

Радувај се, искушан како момчињата во печката!

Радувај се, испитан како злато во топилница!

Радувај се, преславен пастиру меѓу пастирите!

Радувај се, Богомудрецу, отче на отците!

Радувај се, на верата жесток бранителу! 

Радувај се, светол изданоку на создаденото!

Радувај се, Атанасие Велики!


✍️ Подготвено од блогот „Православни Духовни поуки од Светите Старци“

Comments