Во времето на незнабожниот римски цар Максимин, во градот Александрија живееше девојка по име Екатерина, ќерка на малиот цар Конста. Екатерина беше необично убава, висока и многу добро школувана. До своите осумнаесет години одлично ги беше изучила грчката философија, медицината, реториката и логиката. Ги познавала одлично делата на Хомер, Аристотел, Платон и другите философи, а и познатите лекари Асклипиј, Хипократ, Галин. Покрај тоа знаеше и многу јазици и наречја. Затоа сите се восхитуваа на нејзината ученост и знаење. Многу богати и угледни луѓе се обидуваа да ја испросат од нејзината мајка, која беше потајна христијанка заради лутото гонење на христијаните во тоа време од страна царот Максимин. Роднините и мајката често ја советуваа Екатерина да се омажи, за царското наследство на нејзиниот татко да не премине во рацете на некој туѓинец. Но, мудрата девојка цврсто беше решила до крајот на животот да ја сочува својата девствена чистота. А бидејќи роднините упорно настојуваа, таа им рече:
- Ако сакате да се омажам, тогаш најдете ми момче, кое ги има четирите дарби, со кои, како што самите тврдите, јас ги надминувам сите останати девојки, и тогаш ќе се согласам да го земам за сопруг. Не сакам човек, кој во нешто би бил полош и понизок од мене. Потрудете се да најдете момче, кое ќе биде слично на мене по знаменитиот род, по богатството, по убавината и по мудроста. Само такво момче е достојно за мене.
Роднините видоа дека не можат да најдат, бидејќи имаше многумина учени, и побогати од неа, но по убавината и мудроста никој не можеше да се спореди со неа. Таа им говореше дека не сака да има за маж човек, кој не ѝ е рамен по ученоста.
Кога ја виде одлучноста на Екатерина, нејзината мајка реши да испроба уште едно средство, односно да се посоветува со својот духовен отец, кој беше свет и богоугоден и живееше надвор од градот, во сокриено место. Таа ја поведе Екатерина кај него. Кога ја виде благоликата и пристојна девојка и ги чу нејзините мудри скромни зборови, реши да ја приведе кон спознанието на Христа, Царот небесен, и ѝ рече:
- Јас познавам едно прекрасно момче, кое неспоредливо те надминува во сите дарови што ги спомена. Неговата убавина е поблескава од сончевата светлина. Мудроста Негова управува со сите вештествени и духовни створенија. Богатството од ризниците Негови се раздава на целиот свет и тоа никогаш не се намалува, туку напротив, колку повеќе се раздава толку повеќе се умножува. Возвишеноста на родот Негов е неискажлива и незамислива.
Екатерина помисли дека старецот зборува за некој земен кнез, па се збуни и промени во лицето, и го праша дали е вистина тоа што го зборува. Тој ѝ потврди и додаде дека тоа момче поседува и други многубројни големи дарови, кои со зборови не можат да се искажат.
Девојката праша:
- А чиј син е момчето, кое толку многу го фалиш?
Старецот ѝ одговори:
- Тоа нема татко на земјата, туку се роди на неискажлив и натприроден начин од една највисокородна Пресвета и Пречиста Дева. Таа се удостои да роди таков Син, заради својата преголема чистота и светост. И Дева стана бесмртна со душата и телото, и е вознесена над небесата и Ѝ се поклонуваат сите свети Ангели како на Царица на секоја твар.
Екатерина го праша старецот:
- Можам ли да го видам Момчето, за Кое што ми зборуваш толку чудесни работи?
- Ако сториш што ќе ти речам, - одговори старецот, - тогаш ќе се удостоиш да го видиш пресветлото лице Негово.
Екатерина на тоа му рече:
- Гледам дека си паметен и честит човек и верувам дека ја зборуваш вистината. Затоа ќе сторам сѐ што ќе ми наредиш, само да го видам Оној Кого ти многу Го фалиш.
Тогаш старецот ѝ даде икона на Пресвета Богородица, Која во прегратките го држи Божественото Детенце, и ѝ рече:
- Еве ја сликата на Девата и Мајка на Оној за Кого ти раскажував толку прекрасни работи. Земи ја оваа слика и однеси ја дома, па заклучи се во својата соба и со стравопочитување принеси Ѝ срдечна молитва. Таа се вика Марија. Измоли ја да ти го покаже Својот Син. Јас се надевам дека Девата, ако со вера Ѝ се помолиш, ќе ти даде да Го видиш Оној Кого го сака душата твоја.
Екатерина ја зеде иконата и се врати во својата палата. Ноќта се затвори во својата соба и започна да се моли, како што ја поучи старецот. За време на долгата молитва заспа и во видение ја виде Небесната Царица, онаква каква што беше изобразена на иконата, заедно со светото Детенце, Кое сјаеше посилно од сонцето. Но, не можеше да го види Неговото лице, зашто го свртуваше од неа. Екатерина се сврте на другата страна за да го види, но Христос повторно го сврте Своето лице од неа. Тоа се повтори три пати. Потоа слушна како Пресветата Богомајка Му рече на својот Син:
- Погледни Чедо, во слугинката Твоја Екатерина, колку е прекрасна и добра.
А Богодетенцето одговори:
- Не! Оваа девојка е многу помрачена и толку грда, што не можам да ја погледнам.
Тогаш Пресвета Богородица повторно му рече на Господа:
- Зарем оваа девојка не е помудра од сите философи? Зарем таа со своето богатство и благородност не ги надминува сите девојки?
На тоа Христос Ѝ одговори:
- Повторно ти велам, Мајко Моја, дека оваа девојка е безумна и бедна и од лош род. Нема да погледнам во неа, ниту сакам таа да го види Моето лице, додека не го остави своето незнабожие.
Тогаш Преблагословената Мајка Му рече на Господа:
- Те молам, преслатко Чедо Мое, не презирај го створението Свое, туку вразуми ја и научи што треба да прави, за да вкуси од сласта на славата Твоја и да го види пресветлото и многупосакувано Лице Твое, кое Ангелите сакаат да го гледаат.
Господ Христос одговори:
- Таа нека појде кај старецот кој ѝ ја даде иконата, и нека постапи како што ќе ѝ нареди, па потоа ќе ме види Мене и ќе најде благодат кај Мене.
Екатерина се разбуди и многу се чудеше на сето тоа. Кога самна со неколку робинки отиде во ќелијата кај светиот старец, падна пред неговите нозе со солзи, му го раскажа своето видение, и го молеше да ѝ каже што треба да прави, за да го види и да ја стекне љубовта Христова.
Преподобниот старец подробно ѝ ги изложи сите тајни на вистинската вера христијанска, започнувајќи од стварањето на светот и праотецот Адам, па сѐ до второто доаѓање на Господа Христа. Исто така ѝ раскажа и за неискажаната рајска слава на праведниците и за себолните бескрајни маки на грешниците. Учената и мудра Екатерина брзо го сфати сето христијанско учење, од сесрце поверува во Исуса Христа и од старецот прими свето крштение, Потоа тој ѝ нареди повторно со голема срдечност да се помоли на Пресвета Богородица Таа уште еднаш да ѝ се јави како и првата ноќ. Така соблекувајќи го стариот човек и облекувајќи се во облеката на обновениот дух, Екатерина се врати дома и цела ноќ се молеше гладна со солзи, додека повторно не заспа. И тогаш повторно ја виде Небесната Царица со Божественото Детенце на рацете. Богодетенцето гледаше во Екатерина со голема благост и кроткост. А Богомајката го праша Својот Син:
- Дали ти е по волја, Сине Мој, оваа девојка?
Господ Ѝ одговори на Својата Пречиста Мајка:
- Многу ми е по волја, зашто сега таа е прекрасна и славна, а не грда и срамна, каква што беше порано. Сега е богата и мудра, а не бедна и неразумна, каква што беше порано. Сега ја засакав и толку ми е по волја, што сакам да ја свршам за Своја бесмртна невеста.
Тогаш Екатерина падна на земјата и рече:
- Не сум достојна, преславен Владико, да го видам царството Твое, туку удостој ме да бидам со робинките Твои.
Во тоа време Пресвета Богородица ја фати нејзината десна рака и Му рече на Својот Син:
- Чедо мое, дај ѝ прстен, како знак на Твоето свршување со неа, уневести ја за Себе, за да ја удостоиш на Царството Свое.
Тогаш Владиката Христос ѝ даде прекрасен прстен на Екатерина и ѝ рече:
- Ете, Јас денес те примам за Своја невеста, бесмртна и вечна. Затоа со голема ревност чувај го овој сојуз, без да го нарушиш, и никако не земај за себе земен младоженец.
По овие зборови на Господа Христа, видението заврши. Кога се разбуди, Екатерина навистина виде на својата десна рака прекрасен прстен. Таа почувствува во своето срце таква радост, така што од тој момент тоа ѝ беше заробено со Божествената љубов. Во неа се случи толку чудесна промена, што повеќе не помислуваше на ништо земно, туку деноноќно непрестајно размислуваше само за премилиот Младоженец свој, Него единствено го посакуваше и за Него само се поучуваше и на јаве и на сон.
Наскоро по нејзиното обраќање во христијанството, во Александрија допатува незнабожниот цар Максимин, полн со безмерна неразумна ревност за своите бездушни богови, при тоа самиот страшно неразумен и нечувствителен. Сакајќи за своите големи богови да подготви голем празник, тој распрати по околните градови и краеви наредба, сите поданици да дојдат во Александрија за да принесат жртва на боговите. И се собра огромен број на луѓе, при што секој според своите можности водел за принесување на жртва вол, овца, птица.. А кога дојде денот на тоа одвратно славење, безумниот цар принесе сто и тресет телци. Велможите и кнезовите принесоа помалку, а секој човек колку што можеше. И по целиот град се слушаше рик на кланите животни и се исполни со смрдеа од чадот на жртвопринесувањето, и насекаде имаше турканици и врева.
Додека се случуваше сето тоа, побожната и прекрасна Екатерина многу страдаше, тагувајќи поради измамата и гибелта на толку многу човечки души. Од Божествена ревност, таа поведе со себе неколку слугинки и појде во тој храм. Кога застана на вратата го сврте вниманието кон себе со својата необична убавина, која сведочеше за нејзината внатрешна убавина на душата. Таа нареди, та го известија царот дека има нешто важно да му каже. Царот нареди да му пријде. Екатерина му се поклони, укажувајќи му го должното почитување, па потоа рече:
- Царе, види ја измамата со која ве лажат ѓаволите. Вие на трошните и бесчувствени идоли им служите како на богови. Навистина е голем срам да се биде толку слеп и безумен, та да се поклонуваш на такви гадости. Поверувај му барем на својот мудрец Диодор, кој вели дека вашите богови некогаш биле луѓе и нечесно го завршиле својот живот, но поради нивните славни дела луѓето им подигнале споменици и идоли. А пак наредните поколенија, без да ги знаат мислите на своите претци, кои само заради сеќавање им ги подигнале тие споменици, мислејќи дека се побожна и долична работа, започнале да им се поклонуваат како на богови. И знаменитиот Плутарх Херонејски се гадел од тие богови и ги презирал. Верувај им, царе, барем на овие ваши учители, и не биди виновник за гибелта на толку многу души, заради кои ќе паднеш во вечни маки. Ајде, познај го единствениот вистински Бог, секогаш постоечки, себеспочетен и бесмртен, Кој во последно време стана човек заради нашето спасение. Со Него царевите царуваат. Со Него се управува земјата, и сиот свет на Него се држи. Со еден Негов збор сѐ беше создадено и постои. Овој семоќен и преблаг Бог не бара жртви како што се овие вашите, нити се умолува со колење на невини животни, туку единствено бара Неговите заповеди да ги исполнуваме цврсто и непоколебливо.
Царот страшно се разјари, но долго молчеше. Потоа, бидејќи не беше во состојба да ѝ возврати, проговори:
- Остави нѐ сега да си го извршиме принесувањето на жртвите, па потоа ќе те сослушаме.
Откако го изврши своето одвратно славење, незнабожниот цар нареди Екатерина да ја доведат во неговите царски палати и ѝ рече:
- Кажи ни, девојко, која си ти, и повтори ни го тоа што порано го рече.
- Јас сум царска ќерка, - одговори таа, - и се викам Екатерина. Порано со голема љубов се занимавав со разни науки. Ги изучив реториката, философијата, геометријата и другите науки. Но, сето тоа го презрев како ништовно и некорисно, и станав невеста на Господа Христа, Кој преку пророкот Свој Исаија вели:
„Ќе ја погубам мудроста на мудрите, и разумот на разумните ќе го отфрлам“ (Ис. 29, 14).
Царот се восхити на нејзините зборови и разум, но уште повеќе беше поразен од нејзината исклучителна убавина и красота, и помисли дека таа не е родена од смртни родители туку од некоја богиња и боговите што тој ги почитува. И одвај, согласувајќи се да верува дека девојка со таква неопислива убавина е родена од земјородни, тој, поразен од нејзината убавина, започна да ѝ зборува соблазнително, Светителката ги прозре неговите грешни мисли и му рече:
- Ѓаволите што ги почитувате како богови, ве лажат и влечат во безмислени желби. А јас знам дека сум земја и кал. Бог ме створи по слика и прилика Своја и ме обдари со ваква убавина, за луѓето да се восхитуваат на премудроста на Творецот, Кој на така ништовното и од кал лице, можел да му подари таква мудрост и убавина.
Овие зборови го навредија царот, и тој ѝ рече:
- Не зборувај лошо за боговите, кои имаат бесмртна слава.
Светителката му возврати:
- Обиди се барем малку да ја растераш маглата и помраченоста со измамата, сфати ја сета ништовност на твоите богови и познај Го вистинскиот Бог. Самото изговарање на името Негово, или само крстот изобразен во воздухот, ги прогонува твоите богови и ги уништува. Ако сакаш, јас таа вистина ќе ти ја докажам лично.
Кога виде дека слободно зборува, царот го прекина разговорот, за да не го посрами и победи со своите мудри зборови, па ѝ рече:
- Не му доликува на царот да разговара со жените. Ќе ги соберам најмудрите философи, тие да разговараат со тебе, па тогаш ќе ја познаеш ништовноста на своето мислење и ќе поверуваш во нашите учења.
И нареди светата девојка најстрого да ја чуваат. Лично веднаш распрати по сите градови од своето царство, ваков распис:
„Јас, царот Максимин, на најмудрите философи и говорници во мојата област им посакувам радост! Сите, кои му служите на семудриот бог Хермес и кои ја призивате наставничката на разумот музата, дојдете кај мене да ја затворите устата на една мудра девојка, која се појави деновиве и ги навредува големите богови, нарекувајќи ги сите нивни дела басни и будалаштини. Затоа дојдете да ја покажете сета своја мудрост, за луѓето да ве прослават, и од мене да добиете награда и слава за својот труд“.
И се собраа педесет луѓе, најодбрани и најмудри говорници, остроумни и многу речити. Царот им се обрати со вакви зборови:
- Најгрижливо и највнимателно подгответе се за јуначка борба со една девојка, за во препирките околу боговите да ја победите со своите докази. Не мислете дека ќе ви биде лесно, затоа што е девојка, туку настојувајте со сите свои сили и покажете мудрост како да се борите против најсилниот и најмудар говорник, бидејќи таа, како што внимателно истражив, ја надминува мудроста на самиот голем Платон. Затоа ве молам, во препирките со неа покажете ревност, како да се борите со самиот Платон. Ако ја победите ќе ви дадам огромни подароци. а ако ве победени, страшно ќе се посрамите и наместо подароци ќе завршите со горка смрт.
Најславниот и најмудар од присутните мудреци одговори:
- Не плаши се, царе, и да е необично паметна, сепак таа како жена не може да биде во мудроста совршена и во говорништвото потполно искусна. Нареди да дојде, па ќе видиш дека уште кога ќе нѐ види во толкав број, веднаш ќе се засрами.
На овие фалбаџиски зборови царот многу се расположи и израдува, надевајќи се дека смелите и погани јазици ќе ја победат девојката исполнета со кроткост и Божествена мудрост. Затоа нареди веднаш да ја доведат. При тоа се собра многу народ. Но, пред пратениците да стигнат кај Екатерина, кај неа дојде од небото Архангел Михаил и ѝ рече:
- Не плаши се, девојко Господова, зашто Господ ќе ја умножи твојата мудрост и ти ќе ги победиш тие педесет говорници. И не само тие, туку и многу други ќе поверуваат преку тебе. Сите ќе примите маченички венци.
Ангелот си отиде.
Царевите пратеници дојдоа и ја одведоа во театарот пред царот, философите и народот. И веднаш оној арогантен философ, кој пред малку се фалеше, надмено ѝ се обрати со прашање:
- Ти ли си таа што бесрамно и безумно ги навредува нашите богови?
Светителката му одговори:
- Да, јас сум, но не бесрамно и безумно, како што рече ти, туку кротко и вистинољубиво зборувам дека вашите богови се ништо.
На тоа философот ѝ рече:
- Големите стихотворци ги нарекуваат највисоки богови. А како ти со таква дрскост изговараш хули на оние, од кои самата си примила мудрост и си ја вкусила сласта на нивните дарови?
Екатерина одговори:
- Не од вашите богови, туку од мојот единствен вистински Бог јас ја добив мудроста. Он Самиот е мудрост и живот. И секој што Му се плаши и ги исполнува Неговите Божествени заповеди, навистина е философ. А пак делата на вашите богови и раскажувања за нив се достојни за потсмев и презир и се преполни со соблазна. Всушност, кажи ми, кој од твоите големи стихотворци ги нарекува нив богови, и како?
Мудрецот одговори:
- Најмудриот Хомер, обраќајќи се со молитва кон Зевс, прво вели вака: „Најславен Завсе, преголем Боже, и вие останати бесмртни богови“. Исто така и преславниот Орфеј, принесувајќи му благодарност на Аполон, вели вака:
„О, сине Латонов, кој стрелаш од далеку! Силни Фебе, кој надгледуваш и царуваш над смртните и бесмртните, сонце носено на златни крилја. Ете како, продолжи незнабожечкиот философ, најпрвите и најславни стихотворци ги почитуваа боговите и јасно ги нарекуваа бесмртни. Затоа и ти не залажувај се, нити Му се поклонувај на Распнатиот како на Бог. Него никој од древните мудреци не го нарече Бог, ниту некој знаеше дека Он е Бог.
На тоа света Екатерина одговори:
- Но, тој ваш ист Хомер на друго место за твојот најголем бог Зевс вели дека е лукав и лажлив измамник, и дека боговите Хера, Посејдон и Атина сакале да го врзат ако не успеел да побегне и да се сокрие. И многу други дела, слични на тоа се опишани во вашите книги, стварајќи презир кон вашите богови. Но, ти рече дека ниту еден од древните учители не го признавал Распнатиот за Бог. Иако не треба да се бараат многу докази дека Он е вистински Бог и недостижен, недоловлив и неискажлив Создател на небото и земјата и морето, месечината и сиот род човечки, сепак, за што поголема убеденост јас ќе ви наведам сведоштва од вашите книги. Чуј што за Него велат вашите премудри Сибили, сведочејќи за Неговото Божествено овоплотување и спасително распнување:
„Во најдоцни времиња ќе дојде Некој на оваа земја и ќе земе на Себе човечко тело, без гревот. Со безграничната семоќност на Божеството Он ќе ја разори распадливоста на неисцеливите страсти, и Нему ќе Му завидуваат неверните луѓе, и Он ќе биде обесен на високо место, божем како заслужен за смрт“.
Сети се и на вашиот мудрец Аполониј, кој без да сака исповеда дека Христос е вистински Бог, принуден на тоа од Неговата Божествена сила. Тој вели:
„Еден Небесен ме поттикнува да Го исповедам Него. Он е Трисветла светлина; постраданиот е Бог, но самото Божество не пострадало. Зашто Он е и едното и другото. И смртен со телото и туѓ на распадливоста. И овој Маж, Кој сѐ трпи од смртното: крст, понижување, погребение, - е Бог“.
Тоа го рекол Аполониј за вистинскиот Бог, Кој е себеспочетен и совечен со Оној Кој Го родил. Он е почеток и основа на сите создадени богатства. Он го создаде светот од небитие во битие, и го одржува. Едносуштен со Отецот, Он стана човек заради нас, и одеше по земјата учејќи ги луѓето, раководејќи ги и добротворејќи им. Потоа Он прими смрт за нас неблагодарните, за да нѐ ослободи од древната осуда и да ни ги дари првобитното блаженство и радост. На тој начин Он нам повторно ни ги отвори рајските врати, кои ние ги бевме заклучиле со гревот. По три дена Он воскресна и се вознесе на небото, од каде што беше слегнал и го испрати Духот Свет над Своите ученици. А тие се разотидоа по целиот свет и го проповедаа Неговото Божество, во кое треба да веруваш и ти, философе, за да Го познаеш вистинскиот Бог, и да станеш слуга на Оној Кој е милостив и жалостив и ги повикува сите грешни, говорејќи:
„Дојдете кај Мене сите кои сте уморни и оптоварени, и Јас ќе ве одморам“ (Мт. 1, 28). Затоа, поверувај им барем на своите учители и богови: Платон, Орфеј и Аполониј, кои чисто и јасно, макар и против своја волја, Го признаа Христа за Бог.
И многу други вистини зборуваше премудрата Екатерина, и толку го восхити философот, така што едноставно занеме и не можеше ништо да ѝ одговори. Кога виде дека философот е победен и запрепастен, царот им нареди на останатите да разговараат со светата девојка. Но, тие се откажуваа, говорејќи:
- Ние не можеме да ѝ се спротивставиме на вистината. Кога најучениот меѓу нас замолкна победен, тогаш што да речеме ние?
Царот страшно се разгневи и нареди среде градот да се запали силен оган и во него да се запалат сите философи и говорници. На ваквата пресуда и наредба тие паднаа пред Екатерина, молејќи ја да се помоли за нив на единствениот вистински Бог, да им прости сѐ што згрешиле во незнаење и да ги удостои на свето крштение и даровите на Светиот Дух. Светителката многу се израдува и им рече:
- Навистина сте блажени и среќни вие, зашто ја оставивте темнината и ја познавте светлината на Вистината. Го презревте смртниот земен цар и пристапивте кон бесмртниот Цар небесен. Затоа цврсто надевајте се во милоста Негова, и верувајте дека огнот, со кој ве плашат незнабошците, ќе ви биде крштение и лествица, која води кон небото. Во тој оган ќе се очистите од секоја нечистотија на телото и духот и ќе излезете пред Царот на славата светли и чисти како ѕвезди, и ќе Му станете мили пријатели.
Таа го осени секого од нив со крсниот знак и тие радосни појдоа на мачење. Војниците ги фрлија во огнот. Тој ден, на зајдисонце, дојдоа некои благочестиви и христољубиви луѓе да ги погребаат остатоците од светите маченици, но ги најдоа нивните тела потполно цели. Огнот не се беше допрел дури ни до нивната коса. Преку ова чудо многу незнабошци се обратија кон познанието на вистината, а моштите на светите маченици беа чесно погребани.
Меѓутоа царот Максимин одлучи сета своја грижа да ја насочи кон обраќањето на света Екатерина во неговото безбожие. Бидејќи немаше никаков успех преку философските препирки, тој започна со ласкања и лукавства да ја прелестува. Ја повика и ѝ рече:
- Послушај ме, добра ќерко. Како чедољубив татко те советувам да им се поклониш на големите богови, особено на Хермес, покровителот на науките, кој те украси со такви филосовски дарови. Ако ме послушаш, ќе го поделам со тебе моето царство и мојата власт, и ќе живееш со мене во постојана веселба.
Но, премудрата Екатерина ја виде неговата намера, лукавството и измамата, и му рече:
- Остави го, царе, своето лукавство, и не биди лисица. Јас веќе еднаш засекогаш ти реков дека сум христијанка и дека се заневестив за Христа. Он е мој единствен Младоженец и Наставник и Украс на мојата девственост. Облеката на мачеништвото ја сакам повеќе од секоја царска порфира.
Царот повторно рече:
- Ме присилуваш, иако не сакам, да му нанесам срам на твоето достоинство и твоето прекрасно тело да го покријам со многу рани.
Светителката одговори:
- Прави што сакаш. Со привремениот срам ќе ми издејствуваш вечна слава, и многу луѓе, се надевам, преку мене ќе поверуваат во мојот Христос. И од твоите палати многумина ќе тргнат со мене во светите небесни дворови.
Така прорече светителката. А Бог, гледајќи од небесните висини, го спроведе во дело нејзиното пророштво.
Страшно разбеснет, царот нареди да ја соблечат и немилосрдно да ја тепаат со воловски жили. Слугите полни два часа толку ја тепаа по плеќите и по стомакот, така што девственото тело ѝ го здробија и изобличија од рани, а крв како река течеше и ја натопуваше земјата. Сите тие мачења светителката ги поднесуваше со таква храброст, што сите беа многу запрепастени. Потоа ѕверскиот цар нареди да ја затворат во темница и да не и даваат ни храна ни вода, додека не смисли со какви маки да ја погуби.
Но, царевата сопруга Августа многу сакаше да ја види света Екатерина. Додека слушаше за нејзините доблести, за мудроста и храброста, таа многу ја засака. Особено заради едно видение на сон, срцето на Августа гореше со таква љубов кон Екатерина, што таа не можеше да заспие. А кога царот по некоја работа замина од градот на неколку дена, царицата постапи вака:
На дворецот имаше еден велможа, верен царев пријател, по чин војвода, на име Порфириј, многу благоразумен човек. Нему царицата му ја откри својата тајна желба. Притоа му рече:
- Овие денови една ноќ ја видов на сон Екатерина, која седеше среде мноштво прекрасни момчиња и девојки, облечени во бели облеки. Од нејзиното лице блескаше таква светлина, што не можев да гледам во неа. Таа ме постави покрај себе и ми стави на главата златен венец, говорејќи:
- Владиката Христос ти го испраќа овој венец.
Од тогаш јас имам толку голема желба да ја видам, што едноставно не наоѓам мир во срцето. Затоа те молам, уреди како што знаеш да ја видам тајно.
Порфириј и вети дека ќе ѝ ја исполни желбата.
Кога се стемни, тој поведе двесте војници и отиде со царицата во темницата. Му дадоа на стражарот пари и влегоа кај светата маченица. Кога ја виде светителката, таа беше поразена од блесокот на нејзиното лице, кое цветаше со Божествената благодат. Падна пред неа и со солзи започна да ѝ зборува:
- Сега сум среќна и блажена царица, зашто се удостоив да те видам. Како што жедната кошута бара потоци, така и јас неизмерно сакав да те видам, и чезнеев да го чујам твојот медоточив јазик. Сега повеќе нема да тагувам, макар да бидам лишена и од животот и од царството. О, колку ми се преполни срцето и душата со радост што те гледам. Блажена си ти и достојна на пофалба, што си Му се предала на семоќниот Владетел, Кој излева врз тебе толку големи дарови.
Светителката ѝ одговори:
- Блажена си ти, царице, зашто гледам венец над твојата глава, кој Ангели го држат во своите раце. Ќе го добиеш по три дена, после краткото мачење што ќе го претрпиш заради Христа, за да отидеш кај вистинскиот Цар вечно да царуваш.
Царицата на тоа ѝ рече:
- Се плашам од мачењето, а особено од мојот сопруг, зашто е страотно свиреп и бездушен.
Светителката ѝ возврати:
- Не плаши се. Во срцето ќе Го имаш Христа, Кој ќе ти помага никаква мака да не се доближи до твојата душа. Единствено телото ќе те заболи малку, па и тоа ќе добие вечен покој.
Кога светителката го изговори тоа, војводата Порфириј ја праша:
- Што им дарува Христос на оние што веруваат во Него? И јас сакам да верувам во Него и да бидам Негов војник.
Маченичката му одговори:
- Зарем ти не си го читал или не си слушнал за Светото Писмо христијанско?
Порфириј одговори:
- Од рана младост се занимавам со воени работи, и за ништо друго не сум се грижел.
Светителката му рече:
- Човечкиот јазик не може да ги искаже богатствата, кои преблагиот и човекољубив Бог ги подготви за оние што Го љубат и ги исполнуваат заповедите Негови.
Тогаш Порфириј, неизмерно радосен поверува во Христа, а со него и двестете војници и царицата. Тие со стравопочитување се простија со маченичката и заминаа.
Милостивиот и човекољубив Господ Христос не ја остави својата света невеста незгрижена толку денови, туку како чедољубив Татко промислуваше за неа и ѝ испраќаше секој ден храна по една гулабица. Најпосле и самиот Подвигоположник Господ наш Исус Христос ја посети, опкружен со голема слава и сите Небесни Чинови, и уште повеќе го зајакна нејзиното јунаштво и ја исполни со бестрашност, говорејќи:
- Не плаши се, мила моја невесто, Јас сум со тебе, и никакво мачење нема да се допре до тебе. Со твоето трпение ти многумина ќе обратиш кон Мене и поради тоа ќе се удостоиш на многу несвенливи венци.
Откако ја утеши со ваквите зборови, Господ замина. Утредента царот седна на судиштето и нареди да му ја доведат Екатерина. Таа влезе кај него, блескајќи со духовна благодат и онаа слатка светлина, та и присутните беа озарени со блесокот од нејзината красота. Царот многу се чудеше и мислеше дека некој ѝ давал храна во темницата, та затоа не ослабела ниту се променила убавината на нејзиното лице во текот на толку денови. Тој сакаше да ги казни стражарите, но света Екатерина, за други да не бидат мачени заради неа, му ја кажа целата вистина, велејќи:
- Знај, царе, дека никаква човечка рака не ми даваше храна, туку мојот Владика Христос, Кој се грижи за слугите Свои. Христос ме хранеше.
Царот, восхитувајќи се на нејзината необична убавина, посака повторно со ласкање и лукавство да ја придобие и ѝ рече:
- Ти сонцезрачна девојко, со својата убавина ја надминуваш и самата Артемида. Ти си родена да царуваш, ќерко моја. Затоа ајде, принеси им жртва на боговите, па ќе царуваш со нас и ќе водиш живот преполн со радост. Те молам, не погубувај ја со мачење својата чудесна убавина.
Светителката одговори:
- Јас сум земја и кал, а сета убавина како цвет свенува и како сон исчезнува од најмалата болест, или од староста, а по смртта целосно гние. Затоа, царе, немој да се грижиш за мојата убавина.
За време на овој разговор еден велможа, на име Хурсаден, свиреп и немилосрден мачител, сакајќи да покаже љубов и расположение кон царот, му рече:
- Царе, јас измислив едно мачење, со кое ќе ја победиш девојката. Нареди на една осовина да се направат четири тркала и во нив наоколу да се начичкаат разни железни острила, клинци, куки. Двете тркала нека се вртат на десната а двете на левата страна. Среде нив нека биде врзана девојката и додека тркалата се вртат ќе го здробат нејзиното тело. Но, претходно таа нека ги види, за да се исплаши и да ти се покори. Ако остане упорна, безмилосно усмрти ја.
На царот му се допадна овој предлог, и нареди да се подготви сето тоа. Кога ја доведоа светата девојка, на почетокот многу бучно ги вртеа тркалата пред неа, за да ја исплашат. Мачителот ѝ рече:
- Гледаш ли какви мачења се подготвени за тебе? Ако не им се поклониш на боговите, ти претстои најужасна смрт.
Екатерина му одговори:
- Јас многу пати ти ја кажав мојата одлука дека останувам христијанка. Затоа не губи си го времето залудно.
Кога виде дека не може да ја исплаши и од Христа да ја одврати, мачителот нареди да ја врзат за тркалата и силно да ги вртат, за да ја раскинат на парчиња и така да умре во најлута смрт. Но, само што пристапија кон ова мачење, ненадејно ангел Господов слезе од небото, ја одврза и тркалата ги искрши на парчиња. При тоа, од силното кршење парчиња летаа и смртно повредија многу незнабошци. Додека го гледаше ваквото преславно чудо, сиот народ викаше:
- Голем е Богот христијански! Царот се помрачи од бес и смислуваше нови маки за неа. Царицата Августа слушна за чудото, излезе од својата палата и го изобличи царот, викајќи:
- Навистина си луд и неразумен. Се осмелуваш да се бориш со Живиот Бог и неправедно ја мачиш слугинката Негова! Кога ги слушна овие неочекувани зборови, царот страшно се разлути од бес и стана посвиреп од секој ѕвер.
Ја остави света Екатерина и сиот бес го истури врз својата сопруга. Заборавајќи дури и на природната љубов кон неа, нареди да се донесе голем сандак и да се наполни со олово, за да биде неподвижен. Потоа заби клинци во капакот од ковчегот, ги стави дојките на својата жена меѓу ковчегот и поклопецот, и толку страшно ги притискаше, што болките ѝ беа неискажливи. Од таквиот притисок дојките ѝ отпаднаа. А блажената Августа трпеше и се радуваше што страда за вистинскиот Бог, и Му се молеше да ѝ ја испрати Својата помош од небото. Кога дојките отпаднаа, крв течеше како река и сите присутни беа потресени и ја сожалуваа царицата. Но, бездушниот крвопиец не се сожали на својата сопруга туку нареди главата да ѝ ја отсечат со меч. Кога ја слушна пресудата, таа радосно ѝ рече на света Екатерина:
- Слугинко на вистинскиот Бог, помоли се за мене!
Света Екатерина ѝ рече:
- Оди со мир, со Христос да царуваш вечно!
Блажената царица беше обезглавена надвор од градот, на 23 ноември.
Војводата Порфириј го зеде ноќе нејзиното тело и чесно го погреба. Утредента со војниците кои поверуваа во Христа, излезе пред царот и му рече:
- И ние сме христијани, војници на големиот Бог!
Немајќи сили да го слуша тоа, царот длабоко воздивна и вресна:
- Тешко мене, пропаднав! Се лишив од прекрасниот Порфириј!
Потоа им се обрати на војниците:
- И вие, мили мои војници, се прелагавте и од боговите отечки отстапивте. Што ви згрешија, та ги оставивте?
Но, тие ни збор не му проговорија. Само Порфириј му рече:
- Зошто ја заобиколуваш главата и ги прашуваш нозете? Разговарај со мене!
- Зла главо! - викна Максимин, - ти си виновен за нивната гибел.
И не можејќи повеќе да зборува од бес, нареди на сите да им ги отсечат главите. Сите маченички завршија. Се исполни пророштвото на света Екатерина изречено на царот, дека мнозина од неговата палата ќе поверуваат во Христа Бога.
Следниот ден мачителот ја изведе Екатерина на суд и ѝ рече:
- Ти ми зададе голема болка и ми нанесе огромна штета. Ти си ја измамила мојата жена. А мојот јуначки војвода, кој беше сета сила на мојата војска, го погуби. И многу други зла ти ми причини. Требаше без милост да те погубам. Но, јас ти простувам, не сакам да те погубам, зашто си преубава и премудра. Затоа, премила моја, исполни ми ја волјата. Принеси им жртва на боговите. Јас ќе те направам своја царица и никогаш нема да те навредам, ниту без твој совет ќе извршам некаква работа, и ќе живееш со мене весело и блажено, како што никогаш ниедна царица не живеела.
Така ѝ зборуваше препредениот, со намера да ја прелести невестата Христова, но не успеа со своите ласкања да ја раздели од Христа, со Кој цврсто беше врзана со врската на вистинската љубов. Кога увиде дека ни со ласкање, ни со ветувања, ни со закани, ни со маки не може да ја придобие светата девојка, цврста како дијамант, донесе одлука да биде обезглавена надвор од градот. Војниците ја поведоа. По неа одеше многу народ, и мажи и жени. Сите плачеа што толку убавата и мудра девојка ќе биде погубена. Многу угледни и благородни жени меѓу нив, со солзи ѝ говореа:
- О, преубава и пресвета девојко! Зошто си толку немилосрдна кон себе, та ја претпочиташ смртта пред преслаткиот живот? Зошто така прерано и бесцелно го погубуваш цветот на својата младост? Зар не е подобро да го послушаш царот и да уживаш во богатствата на овој живот, отколку да умреш бедно?
Светителката им одговараше:
- Оставете го својот бескорисен плач! Подобро радувајте се што сега Го гледам милиот Младоженец Исус Христос, Творецот и Спасител мој, Кој е красота и венец и слава на мачениците. Он ме призива кои неискажаната рајска убавина, да царувам со Него и да блаженствувам низ бесконечните векови. Затоа не плачете за мене туку за себе. За своето неверие вие ќе отидете во вечниот оган на бесконечно мачење.
Кога стигнаа на местото на посекувањето, света Екатерина ја изговори оваа молитва:
-Господи Исусе Христе, Боже мој! Ти благодарам што моите нозе ги постави на каменот на трпението и ги исправи чекорите мои. Протегни ја сега раката Своја, некогаш на крстот изнаранета, и прими ја душата моја, која ти ја принесувам на жртва од љубов кон Тебе. Сети се, Господи, дека сум тело и крв, и немој да дозволиш на денот на страшниот Твој суд, лутите измачувачи да ги обелоденат согрешенијата мои, извршени во незнаење. Измиј ги, Господи, со мојата крв, што ја проливам за Тебе, и направи ова тело, заради Тебе изнарането и со меч посечено, да биде невидливо за моите непријатели и гонители. Погледни од висините Свои, Господи, и на овде присутните луѓе, и води ги кон светлината на познанието Твое. И молбите на оние, кои пресветото име Твое го повикуваат преку мене, исполни ги за корист, за од сите да се слави големината и величественоста Твоја за навек.
Откако заврши со молитвата, светата маченичка му рече на џелатот:
- Изврши го нареденото.
Џелатот замавна со мечот и ја отсече нејзината чесна глава. Од раната наместо крв потече млеко. Нејзините чесни мошти, како што видоа некои од достојните христијани, во тој час ги зедоа свети Ангели и ги пренесоа на Синајската Гора, во слава на Христа Бога, Кој со Отецот и Светиот Дух, во Едното Божество царува за навек. Амин.
✍️ Подготвено од блогот „Православни Духовни поуки од Светите Старци“