Кондак 1
Цару на вековите, Кој во Својата десница ги држиш сите патишта на човечкиот живот со силата на Својата спасоносна Промисла; Ти благодарам за сите видливи и сокриени Твои добрини: за земниот живот и за небесните радости на Твоето идно Царство. Излевај ја богато и во иднина Својата милост на нас, кои Ти пееме: Слава Ти, Боже, во вековите!
Икос 1
Како слабо и беспомошно дете сум се родил на земјата, но Твојот ангел, раширувајќи ги своите светли крилја, ја закрилувал мојата колевка. Од тој миг Твојата љубов блеска на сите патишта мои и чудесно ме води во вечната светлина. Затоа Те фали мојата душа и воскликнува со сите кои Те познаваат:
Слава Ти Тебе, Кој си нѐ повикал во живот!
Слава Ти Тебе, Кој ни ја откриваш убавината на вселената!
Слава Ти Тебе, Кој ги отвораш пред нас небото и земјата како вечна книга на мудроста!
Слава на Твојата вечност во овој минлив свет!
Слава Ти за тајните и јавните Твои милости!
Слава Ти за секоја воздишка на моето срце!
Слава Ти за секој чекор во животот, за секој момент на радост!
Слава Ти, Боже, во вековите!
Кондак 2
Господи, колку ни е добро да бидеме Твои гости. Колку ни е убаво во Твојот свет. Мирисаат полињата, планините се издигаат до небесата, златната светлина на сонцето и лесните облаци се огледуваат во водата. Сета природа таинствено говори за Тебе, сѐ е полно од Твојата милост и сѐ носи печат на Твојата љубов. Нека е благословена земјата која со својата минлива убавина буди копнеж за вечната татковина во Твоето Царство, каде што во неминливата убавина одекнува песната: Алилуја!
Икос 2
Си ме вовел во овој живот како во прекрасна градина. Го гледам небото длабоко и плаво, птиците како пеат во лет; го слушам шумот на дрвјата и звучната песна на водите; мојата уста се насладува со мирисни и сочни плодови. Колку е убаво во Твојот свет и колку е радосно да се биде кај Тебе на гости.
Слава Ти за празникот на животот!
Слава Ти за мирисот на јоргованот и трендафилот!
Слава Ти за изобилието и разновидноста на земните плодови!
Слава Ти за блесокот на утрената роса!
Слава Ти за радосната насмевка на зората со која ме будиш!
Слава Ти за вечниот живот и Царството небесно!
Слава Ти, Боже, во вековите!
Кондак 3
Со силата на Светиот Дух дише секој цвет. Твојот здив го чувствувам во тивкото нишање на мирисните полиња. Тебе Ти се восхитувам гледајќи ја складноста на боите. Каде и да погледнам, насекаде ја гледам убавината на Великиот во малите нешта. Слава и пофалба на Животворниот Бог Кој ја распосла земјата со цветни ливади, ги овенчува полињата со златно класје и ги украсува со синиот цвет на различок, а мојата душа со радоста на созерцанието. Радувајте се и пејте Му: Алилуја!
Икос 3
Колку си прекрасен во убавината на пролетта кога сета земја се подмладува и илјадници звуци пеат за Тебе: Ти си извор на животот, Ти победник над смртта. На бледата месечина и во песната на славејот почиваат долините и шумите под снежно белиот вел. Сета земја – Твојата невеста Те чека Тебе – Вечниот Младоженец. Штом тревата полска така ја облекуваш, како ли ќе ги украсиш Твоите избрани кога ќе воскреснат во идниот век. Како ли тогаш ќе заблескаат нашите тела и ќе заблескаат нашите души.
Слава Ти Тебе, Кој од темните длабочини на земјата изведуваш толку бои и мириси!
Слава Ти за убавината на природата!
Слава Ти Тебе, Кој си нѐ опкружил со илјадници Твои созданија!
Слава Ти за длабочината на Твојата мудрост чиј печат го носи сето создание!
Слава Ти за умилението со кое ги целивам трагите на Твоите невидливи чекори!
Слава Ти Тебе, Кој од искона си ја распалил силната светлина на вечниот живот!
Слава Ти за надежта во совршена и вечна убавина!
Слава Ти, Боже, во вековите!
Кондак 4
Колку ги насладуваш срцата на оние кои размислуваат за Тебе, Боже. Ја храниш нивната душа со Твојот свет Збор. Разговорот со Тебе е подобар од маслото и посладок од медот. Молитвата кон Бога крепи и оживува; го исполнува со радост моето срце. Колку величествен изгледа тогаш овој свет и сиот живот. Каде што Те нема Тебе – сѐ е пусто. Каде што си Ти – таму е богатство на душата. Таму како жива вода се излева песната: Алилуја!
Икос 4
Кога на земјата ќе се спушти ноќта, ќе завладее тишината на сонот и ќе замрат звуците на изминатиот ден, јас го гледам сјајот на Твоите небесни живеалишта. Огнот и пурпурот, златото и азурот ја навестуваат неискажливата убавина на Твојот дом и свечено повикуваат: Да појдеме кај Отецот.
Слава Ти во тивките часови на вечерта!
Слава Ти што излеваш длабок мир на земјата!
Слава Ти за зраците на сонцето што заоѓа!
Слава Ти за одморот на благодатниот сон!
Слава Ти за утехата во мракот кога ми изгледа далечен сиот свет!
Слава Ти за топлата молитва на мојата растргната душа!
Слава Ти за ветувањето дека ќе се разбудиме во радоста на Твојот невечерен ден!
Слава Ти, Боже, во вековите!
Кондак 5
Бурата на животот не го плаши оној во чие срце блеска светлината на Твојот Божествен оган. Околу мене се вртат бурите и завиваат ветровите, страв и темнина ме опкружуваат, но во мојата душа има мир и светлина. Во неа е Христос. И моето срце пее: Алилуја!
Икос 5
Го гледам Твоето небо посеано со ѕвезди. О, колку си богат. Колку светлина има во Тебе. Низ светлината на далечните ѕвезди ме гледаш од вечноста. Јас сум мал и немоќен, но Господ е со мене. Неговата рака секогаш е покрај мене и Он со љубов ме води по сите мои патишта.
Слава Ти Тебе, Кој непрестајно бдееш над мене!
Слава Ти Тебе, Кој промислуваш за секоја моја средба со луѓето!
Слава Ти за љубовта на роднините и верноста на пријателите!
Слава Ти за кротоста на домашните животни кои ми служат!
Слава Ти за светлите моменти во животот!
Слава Ти за чистите радости на срцето!
Слава Ти за среќата што живеам, чувстувам и гледам!
Слава Ти, Боже, во вековите!
Кондак 6
Колку си Велик во виорот и бурата. Колку е величествена Твојата рака во блесокот на молњата. Гласот Господов се издига над полињата. Он шумоли низ дрвјата, се раскршува во грмотевицата. Гласот Господов ечи над водите. Твојата сила ја огласува огнот на вулканот. Ти ја потресуваш земјата и до небесата ги подигаш морските бранови. Слава на Тебе Кој ја смируваш гордоста на човечкото срце. Слава на Тебе, кон Кого покајнички викаме: Алилуја!
Икос 6
Кога блесокот на молњата ќе ја осветли ноќта, колку сироти и бедни изгледаат нашите земнии светилки. Така и лажливите земни радости стануваат безбојни и темни кога Твојата светлина ќе заблеска во душата. Затоа душата се граба кон Тебе и кон Тебе копнее моето срце.
Слава Ти Тебе, Кој си всадил во човечкото срце незгаслива жед за Бога!
Слава Ти Тебе, што ништо земно не може потполно да нѐ задоволи!
Слава Ти Тебе, Кој нѐ облекуваш во светлина!
Слава Ти Тебе, Победнику на духовите на злото и мракот!
Слава Ти за Твоите откровенија, за блаженството што Те чувствуваме Тебе и живееме со Тебе!
Слава Ти, Боже, во вековите!
Кондак 7
Во хармонијата на звуците го слушам Твојот повик. Во возвишената убавина на музиката, во блесокот на уметничките дела ни даваш да го насетиме рајот. Сѐ што е вистински убаво се издигнува кон Тебе и ја учи душата да Ти пее победна песна: Алилуја!
Икос 7
Со Твојот Свет Дух ја вдахновуваш мислата на уметникот, поетот и научникот. Со силата на Твојата мудрост тие пророчки влегуваат во тајните на Твоите закони и ни ја откриваат длабочината на Твојата мудрост. Нивните дела и не сакајќи зборуваат за Тебе. О, колку си велик во Своите дела. О, колку си велик во човекот.
Слава Ти Тебе, Кој ја покажуваш Својата моќ преку законите на вселената!
Слава Ти Тебе Кој сѐ исполнуваш!
Слава Ти за сѐ што ни откриваш по Својата милост!
Слава Ти за сѐ што криеш од нас по Својата мудрост!
Слава Ти за длабочината на човечкиот ум!
Слава Ти за човечката творечка моќ!
Слава Ти за излевањето на Твојата благодат!
Слава Ти, Боже, во вековите!
Кондак 8
Колку си близу до нас во деновите кога сме болни. Ти го посетуваш болниот, се спушташ на постелата на страдалникот и неговото срце разговара со Тебе. Ти ја озаруваш со мир душата во време на жалости и страдања. Ти испраќаш неочекувана помош. Ти си Утешител, Ти си сезнајна љубов, Тебе Ти пеам: Алилуја!
Икос 8
Кога првпат како дете свесно Ти се обратив, Ти ја исполни мојата молитва и ми ја исполни душата со голем мир. Тогаш разбрав дека Ти си добар и дека блажени се оние кои прибегнуваат кај Тебе. И затоа не престанувам да се молам и да Те призивам:
Слава Ти Тебе, Кој ги исполнуваш и на добро ги водиш моите желби!
Слава Ти Тебе, Кој бдееш над мене дење и ноќе!
Слава Ти за времето кое поминува и ја однесува нашата тага и жалост!
Слава Ти Тебе, во Кого ништо не се губи, бидејќи на сите им даваш вечен живот!
Слава Ти Тебе, Кој си ни ја ветил посакуваната средба со нашите блиски починати!
Слава Ти, Боже, во вековите!
Кондак 9
Зошто сета природа таинствено се смешка во празничните денови? Зошто тогаш ѝ е толку лесно и радосно на душата? Зошто воздухот во храмот е толку светол? Тоа е поради струењето на Твојата благодат, поради одблесокот на таворската светлина. Небото и земјата тогаш заедно пеат пофална песна: Алилуја!
Икос 9
Кога ме вдахновуваш да им служам на ближните и кога ја осветлуваш мојата душа со смирение, тогаш зраците на Твојата светлина паѓаат на моето срце, па тоа почнува да зрачи и да блеска. Како сонцето во водата, така и во тие моменти се огледува во мојата душа Твојот бескрајно кроток, полн со љубов и со неискажлив мир озарен Лик.
Слава Ти Тебе, Кој преку добрите дела го преобразуваш нашиот живот!
Слава Ти Тебе, Кој си ја запечатил со неискажанасладост секоја своја заповед!
Слава Ти Тебе, Кој невидливо присуствуваш во делата на милоста!
Слава Ти Тебе, Кој ни испраќаш неволји и жалости, та секој да научи да сочувствуваме во туѓите страдања!
Слава Ти за љубовта која си ја издигнал над сѐ што е земно и небесно!
Слава Ти, Боже, во вековите!
Кондак 10
Она што е уништено не може да се поврати. Но Ти ги оживуваш оние чија совест замрела и им ја враќаш првобитната убавина на душите кои ја изгубиле. За Твоето милосрдие сѐ е можно. Ти си љубов, Ти си Создател и Обновител. Тебе Те фалиме со песната: Алилуја!
Икос 10
Боже мој, Кој знаеш дека гордиот ангел Деница отпаднал од Тебе, не давај ми да се посомневам и да отстапам од Тебе. Изостри го мојот слух та секогаш да го слушам Твојот таинствен глас и да Те призивам Тебе, секаде присутниот:
Слава Ти Тебе, Кој премудро управуваш со мојот живот!
Слава Ти за вдахновените претчувства!
Слава Ти за опомените на таинствениот глас!
Слава Ти за откровението во сон и на јаве!
Слава Ти што ги попречуваш моите штетни намери!
Слава Ти што преку страдањата ме избавуваш од страстите!
Слава Ти што го смируваш моето срце и ме спасуваш од гордоста!
Слава Ти, Боже, во вековите!
Кондак 11
Низ сиот поминат синџир на вековите ја чувстуввам топлината на Твојот Свет Дух и струењето на Божествениот Живот. Ти си близу, како да не постои време. Јас го гледам Твојот Крст – тој е заради мене. Мојот дух до прашина се смирува пред Твојата љубов, бескрајна и несфатлива. Затоа вечно под Крстот ќе Те величам Тебе, својот Спасител со песната: Алилуја!
Икос 11
Блажени се оние кои вечераат со Тебе во Твоето Царство. Но блажени се и оние кои уште овде на земјата си ги примил за Твои учесници на Тајната вечера. Колку пати со Својата Божествена рака си ми давал, мене грешниот, во причеста да го примам Твоето Тело и Крв. И јас ја примав светињата и ја чувствував Твојата љубов неискажана и чудесна.
Слава Ти за несфатливата и животворна сила на благодатта!
Слава Ти Тебе, Кој си ја востановил Твојата Црква за да ни биде тивко пристаниште!
Слава Ти Тебе, Кој одново нѐ раѓаш преку животворната вода на крштението!
Слава Ти Тебе, Кој му простуваш на грешникот кој се кае и ја обновуваш во него непорочната чистота!
Слава Ти, непресушен извору на простувањето!
Слава Ти за Лебот небесен и Чашата на животот!
Слава Ти Тебе, Кој нѐ воведуваш во Царството на вечна радост!
Слава Ти, Боже, во вековите!
Кондак 12
Сум видел многу пати отсјај на Твојата слава врз лицата на починатите. Со каква неземска убавина и радост блескаат нивните лица. Колку проѕирни и нематеријални стануваат нивните црти. Со своето молчење тие пеат за Тебе. Кога ќе настапи часот на мојата смрт, просвети ја, Боже, мојата душа за да Ти пее: Алилуја!
Икос 12
Што е мојата пофалба пред Тебе. Моите уши не ја чуле песната на херувимите, неа ја слушаат само душите на праведниците. Јас знам само како Те фали природата. Гледав во зима како осветлена од месечината и под белиот покривач од снег кој светка со сребренсјај, сета земја тивко Тебе Ти се моли. Видов како Ти се радуваат румените зраци од сонцето што изгрева и како хоровие од птици воскликнуваат пофалба кон Тебе. Слушав како таинствено за Тебе говорат шумите, како пеат ветровите и жуборат потоците за Твоето име; како со своето востановено движење низ бескрајните пространства проповедаат за Тебе јатата од ѕвезди. Што е мојата пофалба пред Тебе, Господи. Природата е послушна, а јас не престанувам да Те ожалостувам. Додека живеам и ја гледам Твојата љубов сакам да Те славам, Тебе да Ти се молам и Тебе да Те повикувам:
Слава Ти Тебе, Кој ни ја покажа светлината!
Слава Ти Тебе, Кој си нѐ засакал со длабока љубов, неизмерна, божествена!
Слава Ти Тебе, Кој нѐ оградуваш со светлите војски на ангелите и светителите!
Слава Ти Тебе, Сесвет Отче, Кој ни го даваш Твоето Царство!
Слава Ти, Духу Свет, животворно сонце на идниот век!
Слава Ти за сѐ, Троице божествена и себлага!
Слава Ти, Боже, во вековите!
Кондак 13
О, Себлага и Животворна Троице, прими ја нашата благодарност за сите Твои добрини и покажи нѐ достојни за Твоите вечни богатства, та да можеме умножувајќи го доверениот талант, да стигнеме до Твоето Царство и да влеземе во вечната радост на својот Господ, пеејќи Му победна песна: Алилуја! ( три пати )
Кондак 1
Цару на вековите, Кој во Својата десница ги држиш сите патишта на човечкиот живот со силата на Својата спасоносна Промисла; Ти благодарам за сите видливи и сокриени Твои добрини: за земскиот живот и за небесните радости на Твоето идно Царство. Излевај ја богато и во иднина Својата милост на нас, кои Ти пееме: Слава Ти, Боже, во вековите!
Икос 1
Како слабо и беспомошно дете сум се родил на земјата, но Твојот ангел, раширувајќи ги своите светли крилја, ја закрилувал мојата колевка. Од тој миг Твојата љубов блеска на сите патишта мои и чудесно ме води во вечната светлина. Затоа Те фали мојата душа и воскликнува со сите кои Те познаваат:
Слава Ти Тебе, Кој си нѐ повикал во живот!
Слава Ти Тебе, Кој ни ја откриваш убавината на вселената!
Слава Ти Тебе, Кој ги отвораш пред нас небото и земјата како вечна книга на мудроста!
Слава на Твојата вечност во овој минлив свет!
Слава Ти за тајните и јавните Твои милости!
Слава Ти за секоја воздишка на моето срце!
Слава Ти за секој чекор во животот, за секој момент на радост!
Слава Ти, Боже, во вековите!
Comments
Post a Comment
Напиши коментар