Исусовата молитва - Свети Алексиј Мечев

 




Исусовата молитва -„Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот“ - мора да се кажува, но едноставно. Многу, многу едноставно. Целата нејзина моќ лежи во нејзината едноставност. Човек не смее да помисли на никакво „творење“ или „срдечно дело“ на молитва, како што беше обичај кај Светите Отци или подвижниците. Второто е навистина тежок и голем подвиг, опасен за почетници и невозможен во светот.

   Чувството произлегува од едноставното повторување на големите зборови на молитвата, а преку него се појавува молитвено расположение. Самото име Исусово, изговорено со пламена љубов, само по себе ќе го прочисти целото надворешно и внатрешно битие на човекот и самото ќе создаде молитва во неговата душа, без оглед на околината.

   Исто како што човекот секогаш размислува за својот омилен предмет, така треба да размислува за Господ, да го носи во себе, да биде пред Неговото лице и, така да се каже, во постојан разговор со Него.

   На почетокот, најголемо внимание треба да се посвети на зборовите: „Помилуј ме грешниот“. Овие зборови треба да се читаат(кажуваат) со покајание; едноставноста со која треба да се чита молитвата и чувството на покајание ќе ја заштитат душата од разни, понекогаш многу суптилни и опасни искушенија (прелест).

   Молитвата треба да се кажува без броење - што е можно почесто, каде што е можно: на улица, дома, при посета, додека јадете, во кревет, на работа. Не е важна околината, туку чувството со кое се изговара големото име на Исус Христос. Молитвата може да се кажува тивко или во мислите. Треба да се кажува во црква, кога не може да се чуе што се чита или да се разбере што се пее.

   Со текот на времето, фокусот се префрла од зборовите „помилуј ме мене грешниот“, кон зборовите „Господи Исусе Христе“, изговорени со љубов. Господ Исус Христос - второто лице од Светото Тројство - ни станува сè поблиско и поразбирливо.

   По долго време, чувствата и мислите се префрлаат на зборовите „Сине Божји“. Овие зборови во душата стекнуваат чувство на исповед и љубов кон Исус Христос како Син Божји. На крајот, сите овие чувства се спојуваат во едно, и се формира целата Исусова молитва - во зборови и чувства. Преку Исусовата молитва, сите животни работи ќе бидат осветлени од Христос: исто како што е добро и радосно кога сонцето сјае. Слично, добра и радосна ќе биде душата кога Господ ќе го осветли целото срце преку непрестајна молитва.


✍️ Подготвено од блогот „Православни Духовни поуки од Светите Старци

Comments