Кога се покоруваме, ги полеваме цвеќињата на доблеста за да расцветаат.
Послушност дури и кога не се согласуваме, бидејќи не е можно да се раскине врската со мајката Црква. Кога бевме деца, не се согласувавме за многу работи со нашата мајка, но таа секогаш беше наша мајка. Никогаш не ја напуштивме.
Забораваме нешто многу важно, браќа мои, зад Епископот, Синодот и Патријархот, Црквата ја држи Христос, бидејќи Црквата е Самиот Господ, таа е Неговото Тело и Крв.
Зошто да си го вознемирувам срцето? Зошто да дозволам виорот од мисли да ми го вознемирува внатрешниот мир, кога знам дека Господ е насекаде и секогаш и дека „Нни влакно од главата ваша нема да загине; со трпение спасувајте си ги душите“ (Лука 21:18,19.)
Послушноста нè ослободува. Ги раскинува оковите на заробеништвото затоа што Христос оди напред, а вие го следите. Кога се покорувате на ,,Јас" или на вашата имагинација или темни сили, одите слепо со измамнички водич. Но, кога се покорувате на Отецот кој знае сè, таму сте ослободени, таму престануваат мислите за вознемиреност, таму бродот сега има доверлив кормилар кој ги знае патиштата и опасностите за да ве заштити.
Во Црквата, послушноста не е бесмислено ропство на идол или идеологија; тоа е доверба во личност која дејствува, а таа личност е Христос.
Ако кога имаше пет години ја пуштиш раката на твојот татко што те држеше и те водеше, тогаш ќе почнеше да се појавува страв бидејќи татковската врска беше „прекината“. Сега го губиш патот, не знаеш како да се соочиш со опасностите бидејќи сега си незаштитен. Но, кога ја држиш неговата рака, не ти е гајле за ништо, без разлика колку лошо ќе стане, имаш сигурност дека тој знае каде те води бидејќи те сака несебично и му веруваш.
Најубавата и најтрогателна призивна фраза во Божествената Литургија е:
„Ги поклонуваме главите пред Господа .“
Не ги поклонуваме само главите, туку го поклонуваме нашето битие пред Оној на коj ни ги изброил и влакната на нашата глава. Пред Оној кој е Алфа и Омега на вселената.
,,Да не се плаши срцето ваше: верувајте во Бога, верувајте и во Мене. (Јн. 14:1) . Зборови што рамнодушно ги прескокнуваме. Како да си мало дете и плачеш, исплашено, но твојот татко ти рекол: „Јас сум тука за тебе, не вознемирувај се, чедо мое, верувај во Бога и во Мене и сè ќе биде во ред“.
Веруваме во нашите себични мисли, во нашите внатрешни теории и во некои теолошки фантазии и се истакнуваме како спасители на Црквата и верата. Но, зошто сето ова се случува? Затоа што Божественото искуство, искуството на Христос е отсутно во нашите животи и за жал себичноста и нејзините темни деривати владеат во нас.
Немаме од што да се плашиме...
Не дозволувајте никој и ништо да ве плаши. И дури и ако непријателите, демоните и безбожниците се безбројни, нашиот Заштитник е Посилен (Свети Јован Златоуст) .
Единствениот од кого треба да се плашиме сме самите себе, а тоа е затоа што не се познаваме. Тој е големата непозната што се бориме да ја запознаеме и која постојано нè изненадува, понекогаш непријатно, понекогаш пријатно.
Бараме надворешни непријатели додека единствениот и најмоќниот непријател со кој се соочуваме е пред секое утро во огледалото...
Колку е тешко да се „нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене.“ (Марко 8:34) .
Да ги завршиме, драги мои, овие мисли со најубавата духовна фраза на осамениот живот: „Нека е Благословен Господ Бог!“ Каква убавина! Токму кога го кажувате, во тој момент слушате треперење на крилјата! Вашето постоење лета, сè станува мирно, ветровите се смируваат и секое пусто место во вашето срце цвета. Секој пат кога оваа фраза излегува од вашето срце, „реки од жива вода“ го преплавуваат вашето постоење. Зошто се случува ова? Затоа што оваа послушност се полага пред нозете Господови. Во тој момент, вашиот егоизам паѓа од престолот и му велите на Христос: „Благословен да е, Господи, престолот на моето срце тебе Ти припаѓа, покажи ми го патот на спасението“.
Никој не изгубил послушувајќи се на Христос и Црквата. Напротив, во прегратката Господова наоѓаме спасение, додека надвор од Христос волците чекаат да нè проголтаат.
„Целиот наш живот му го предаваме на Христос, нашиот Бог“
о. Спиридон Скутис
