Духовденска задушница- сабота пред Педесетница

 Духовденска задушница- сабота пред Педесетница

Спомнувањето на сите починати благочестиви христијани во саботата пред Педесетница е востановено затоа што со собитието на слегувањето на Светиот Дух се завршило домостроителството на спасението на човекот, а во тоа спасение учествуваат и упокоените. Затоа, Црквата која на Педесетница упатува молитви за оживотворување со Светиот Дух на сите живи, на самиот ден на празникот, ја проси и за упокоените благодатта на сесветиот и сеосветуваштиот Дух-Утешител, којашто тие уште во својот живот се уподобиле да ја имаат за извор на блаженства, бидејќи преку Светиот Дух „живее секоја душа“. Затоа, навечерието на празникот, во саботата, Црквата го посветува за спомнување на починатите и за молитва кон нив. Свети Василиј Велики, којшто ги составил умилителните молитви на вечерната на Педесетница, во нив говори дека Господ најмногу во тој ден благоволи да прима молења за умрените, дури и за оние коишто се „држени во адот“.


Молитва за упокоени христијани 



Спомни си, Господи, Боже наш за претставениот/ната со вера и надеж во живот вечен, наш/ата брат/сестра и слуга/инка Твој/а (Име), и како добар и човекољубив, Кој гревовите ги отпуштуваш и неправдите ги уништуваш- ослободи,отпушти и прости му/и ги сите волни и неволни прегрешенија; од вечните маки и огнот пеколен избави го/ја ,и дарувај му/и учество и наслада во Твоите вечни блага, приготвени за оние коишто Те љубат: и ако нешто Ти згрешил/а, но не отстапил од Тебе и несомнено верувал/а во Отецот и Синот и Светиот Дух-Бог во Троица славен; Еден во Троица и Троица во Еден, се до последното свое издишување православно исповедал, затоа, смилостиви се кон него/неа, верата место дела прими му ја, и заедно со светиите Твои, како Милостив упокој го/ја, зашто нема човек кој поживеал, а да не згрешил, единиствен си Ти без грев, и Твојата правда е вечна правда, и Ти единствен си Бог на милоста , на добрините и човекољубието, и Тебе слава Ти вознесуваме, на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вековите на вековите. 

Амин

Comments