,,Господи, научине да се молиме, како што ги научи Јован учениците свои“ (Лука 11:1)

,,Господи, научине да се молиме, како што ги научи Јован учениците свои(Лука 11:1)




А Он им рече: -  „Оче наш, Кој си на небесата“ ( Лука 11:2 )

Оче наш! Колку малку разбираме што значи ова! Христос ни го даде Отецот; За време на својот земен живот, Тој често ги повторувал зборовите: „Вашиот Отец е на небесата“. Но, со посебна моќ го објави ова посвојување пред и по смртта. „...и нив си ги возљубил, како Мене што Ме возљуби“ ( Јован 17:23 ), му вели на Отецот. Трепет нè обзема од овие зборови - можно ли е иста мера на љубов дадена на Единородниот, возљубен Син да слезе и врз нас? Христос рече така, Тој го познава Отецот и го замоли за наше посвојување како награда за Неговото страдање. Станувајќи од гробот, Тој објави: „...се враќам при Својот Отец и вашиот Отец...“ ( Јован 20:17 ). Посвојувањето што Тој го постигна беше исполнето.

Апостол Јован, свесен за сета скапоценост, сета радост, сите придобивки од ова посвојување, извикува: „Видете каква љубов ни дал Отецот, за да се наречеме чеда Божји“ ( 1. Јованово 3:1)!

Ова посвојување ги обединува сите верници. „Оче наш“, и во Него сме роднини еден на друг. Ова сродство е повисоко, поблиско, посилно од кое било друго. Има непрестајно пристап до Отецот, сите наши таги и грижи треба да течат кон Него. И во Него срцата се спојуваат, зашто „Еден е Бог и Отец на сите, Кој е над се, и преку сите и во сите нас“ ( Ефес. 4:6 ).


„Да се ​​свети името Твое; Да дојде Царството Твое“ ( Лука 11:2 )

Твоето име, името на мојот Небесен Отец, ќе го почитувам и осветувам над секое име. Ако сум го осквернив моето име, можам да го измијам во името на мојот Отец. „Не радувајте се на тоа, дека духовите ви се покоруваат, а радувајте се, што имињата ваши напишани на небесата“ ( Лука 10:20 ).

„Бидејќи оправдани во верата, иамме мир со Бога, преку нашиот Господ,Исуса Христа; преку Кого со верата добивме и пристап кон оваа благодат, во која стоиме и се фалиме со надежта во славата Божја“ ( Рим. 5:1–2 ).

Боже! Твоето име е Вистина, Љубов, Правда, Чистота, Мудрост, Милост, Мир, Светост, Смирение, Кротост - сè големо, светло, добро. Нека се свети името Твое во мојата душа, во моето срце, во мојот ум, во мојот живот, во моите усни, нека ми биде светилиште што ќе ме освети и на кое ќе се посветам!

Нека ова светилиште никогаш не се хули, нека не биде осквернавено со ништо и нека ова светилиште никогаш не се оддалечи од мене!

Да дојде  Царство Твоето!

На оваа злобна земја, каде што се бориме со гревот, со страстите, со самите себе, со светот на злото и искушението, каде што има толку врева, празнина, невистина, нечистотија, страдање, каде што владее злото, викаме кон Бога во жед за доаѓањето на Царството Неговото. Се молиме, да се смири злото, да завладее вистината Божја, да се избрише секоја солза, да нема смрт, да дојдеме како покајнички крадец пред Неговите нозе и сите да се обединиме во братска љубов на Престол на Неговата слава во Неговото Царство. Господи, слушни ја нашата молитва и нека дојде Царството Твое во нашата душа, преобразувајќи ја, измивајќи ја и обновувајќи ја целосно.


„Да биде волјата Твоја како на небото, така и на земјата“ ( Лука 11:2 )

Најдоброто нешто за еден човек на земјата е да ја врши волјата Божја. Не понекогаш, површно, често неволно, туку како што се случува на Рајот.

Првите три молби од Господовата молитва се однесуваат директно на Отецот: Твоето име, Твоето царство, Твојата волја. Христос го учи човекот да го стави Бога на прво место, кое нему му припаѓа. Прво небесното - потоа земното, прво духовното - потоа телесното, прво Божественото - па човечкото. Христос им го одзема погледот на луѓето, закован кон околината и ги упатува кон Отецот и кон она што го засега Него.

Кај нас не е така: нашето е на прво место. Нашите грижи, потреби, дела впиваат сè и со нив прибегнуваме кон Бога како единствен излез од тешката ситуација. Самиот, можеби, нема место во нашите животи. Затоа сето постоење е погрешно, грешно и бесцелно. Христос препознава само еден ред на нештата и го објавува во оваа прекрасна молитва

Кога и човек ќе ја прифати оваа вистина во својата душа, тогаш само за него ќе започне вистинскиот христијански живот. Барајќи ја пред сè волјата Божја и вршејќи ја според мерката на светлината што му е дадена, тој влегува во  Божјото Царство и почнува да го спознава и прославува името на Оној од Кого доаѓа сета благодат и исполнувањето на секоја потреба. Тогаш во неговата душа се појавува рамнотежа и тогаш волјата Божја не се прифаќа едноставно со тажно потчинување, туку се врши со полна енергија и доверба на посветена љубов.

Во едно училиште ги прашале децата: „Како се врши Божјата волја на небото? Имаше многу одговори: „волно“, „сега“, „радосно“... Последниот глас му припаѓаше на едно многу мало девојче, кое со почит рече: „Без да праша зошто!“ Да, со доверба која не ја доведува во прашање, туку исполнува, оние кои свесно ја изговараат оваа трета молба и го координираат својот живот со неа, ја вршат волјата Божја.


„Лебот наш насушен дај ни го денес“ ( Лука 11:3 )

Следни во Господовата молитва се три молби кои се однесуваат на човекот и неговите потреби. Колку само Отецот се грижи за храната на Своите деца! Тој го хранел својот народ со „ангелски леб“ и секој ден го испраќал овој леб директно од небото. Им извадил вода од камен во пустината. Христос ги хранел гладните, ги лекувал болните, сочувствувал со потребите не само на душата, туку и на телото; Тој нè учи во оваа молба каде прво да се обратиме за помош.

Луѓето се обраќаат кон луѓето за помош и се вознемирени кога добиваат одбивања, но тие мора директно, едноставно, да се обратат кон Давателот на сите благослови.

Една многу сиромашна жена, која ја прашале каде се обратила за помош, одговорила: „На Бога и на луѓето, само преку Него. Срцата се во Негова моќ и Тој ги склони кон сожалување кога сака“.

Колку понатаму се движиме во нашиот духовен живот, толку повеќе ја учиме оваа целосна зависност од волјата на Бога Отецот, потпирајќи се на Него во сè, секоја минута од нашиот живот, сè додека не ја разбереме големата вистина на овие зборови: „без Мене неможете да направите ништо“ ( Јован. 15:5 ). „Телото, пак не за блудство, а за Господа и Господ за телото“ ( 1. Кор. 6:13 ). Кога Господ нешто одбива, Тој Самиот потоа надокнадува стократно. Неговите деца во ништо не зависат од надворешни околности, туку зависат само од „од секој збор што излегува од устата на Господа“ ( 5. Мој. 8:3 ).

Дури и ако земниот леб понекогаш е скуден, Господ може да му додаде таков благослов, да внесе таква радост, трпение и благодарност во срцето на човекот што скудниот леб во Неговите раце ќе се претвори во богата духовна храна, од која душата ќе стане посилна. за време на лишување од телото.


„И прости ни ги долговите наши , како што им ги проштеваме и ние на нашите должници “(Лука 11:4 ).

Честопати, додека простуваме навреди, длабоко во нашите души сè уште негуваме отуѓеност кон оној што нè навредил. Но, во овој случај, истото мора да го очекуваме од Господа: „со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери“ ( Матеј 7:2 ), вели Господ. Ако си мислиме: „Би сакал да простам, но не можам“, недостојни сме да му пристапиме на Господа со молитва за прошка. Подобро е да оставите сè, вашата молитва, вашата работа, и прво да се помирите целосно, целосно со сите, а потоа повторно да се обратите кон Бога. Чувај се да не ти рече Господ, како на  лош слуга: „Лукав слуго! јас ти го простив целиот долг, зашто ми се молеше;не требаше ли и ти да се смилиш на својот другар, ккао што се смилив и јас над тебе?“ ( Матеј 18:32–33 ). Ќе ни биде простено онолку колку што простуваме. Само силата на Крстот Господов може да не избави од гнев и да ни даде можност да простуваме исто како што Господ ни простува.

„Бог го измири светот со Себе преку Христа, не земајќи ги предвид гревовите на луѓетои го вложи во нас словото на измирување“ ( 2. Кор. 5:19 ). „Ако ги исповедаме гревовите свои, Он е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да не очисти од секаква неправда“ ( 1. Јованово 1:9 ).

Во Антиохија живееја двајца блиски пријатели, учениот свештеник Саприкиј и простиот граѓанин Никифор. Нивното пријателство некако се одметна во страшна меѓусебна омраза. Богобојазливиот Никифор повеќепати се обидуваше да се помири со свештеникот, но овој никако не го сакаше тоа. Кога настана гонење на христијаните, свештеникот Саприкиј беше осуден на смрт и изведен на губилиште. Нажален Никифор појде со Саприкиј молејќи го патем барем пред смртта да му прости и да се разделат во мир: „Те молам, Христов маченику“, му велеше Никифор, „прости ми ако ти згрешив нешто!“ Саприкиј не сакаше да се обѕрне на својот соперник, туку мирно и гордо чекореше кон смртта. Но, кога ја виде тврдокорноста на неговото срце, Бог не сакаше да му ја прими маченичката жртва и да го овенча со венец, туку тајно му ја одзеде благодатта. И во последниот миг пред џелатите Саприкиј се одрече од Христа и изјави дека ќе им се поклони на идолите. Така беше заслепен од омразата. Никифор го преколнуваше Саприкиј да не се одрекува од Христа. „О брате, не прави го тоа, не одрекувај се од нашиот Господ Исус Христос, не губи го небесниот венец!“ Но сè беше залудно, Саприкиј остана на своето.  Во последен момент, плашејќи се од погубување, Саприкиј се откажа од Христа и се согласи да им принесе жртва на идолите. На него се исполнија зборовите на апостол Јован: „Ако кој го мрази брато свој, тој се наоѓа во темнина, и во темнина оди, а незнае каде оди, бидејќи темнината му ги ослепила очите негови“ ( 1. Јованово 2:11 ).

Никифор бестрашно се исповеда дека е христијанин и го прими маченичкиот венец.


„Не воведувај нè во искушение“ ( Лука 11:4 )

Зборот „искушение“ има двојно значење  вели: „за да те искуша“ (5 Мој.  8:2 ), и во истата смисла разбираме дека „Бог, искушувајќи го Авраама“ ( Бит. 22:1 ). Од самата лулка на човештвото, Господ ги искушува луѓето. Веќе во рајот се случува првото искушенињ на нашите прародители во спознанието на дрвото на доброто и злото.

Овој збор добива друго значење кога ѓаволот го искушува човекот за да го вовлече во грев . Таквото искушение никогаш не може да дојде од Бога, а тоа ни станува јасно кога читаме: „Ниеден, кога е во искушение, никој да не вели: Бог ме искушува, бидејќи Бог со зло не се искушува и Он никого не искушува“ ( Јаков 1:13 ).  „Но секого го искушува неговата похот, која го влече и мами“ ( Јаков 1:14 ), тоа докажува дека тој повеќе не живее во Христовиот дух, бидејќи оние што Му припаѓаат „го распнале своето тело со страстите и похотите“ ( Гал. 5:24 ).

Но, штом едно Божјо чедо го сменило своето место во подножјето на Крстот, лесно може да биде занесено од своите страсти и похоти. Нашите внатрешни страсти мора да исчезнат. Додека тие се уште се живи, нашето потчинување на Божјиот Дух не е целосно. Од друга страна, во истото писмо читаме: „Блажен е оној човек, кој поднесува искушени, бидејќи откако ќе биде испитан, ќе добие венец на животот, што Господ им го ветил на оние, кои Го сакаат“ ( Јаков 1: 12 ).

Господ, во Својата љубов, го испраќа ова искушение за да созрее и да достигне совршенство делото на трпеливоста, затоа „Радувајте се браќа мои, кога ќе паднете во разни искушенија“ ( Јаков 1:2 ). „Зашто во она, што Сам претрпе, откако беше искушан, во тоа ќе може и на искушуваните да им помогне“ ( Евр. 2:18 ).

Во сите надворешни околности, во сите наши односи со ближните, дури и во сите ситници од секојдневниот живот, мораме да се молиме Господ да не води и да нè држи со Својата рака, заштитувајќи нè од сè лошо. Ќе бидеме безбедни само кога ќе ја сфатиме нашата постојана зависност од Бога. Ќе бидеме силни во нашата слабост кога бараме поддршка и сила во Неговата семоќ. Ако искушенијата нè обземаат од сите страни, постојано да ги повторуваме овие зборови: „не воведувај нè во искушение“, сеќавајќи се дека Господ држи во Свои раце сè што нè засега и дека нема да дозволи да бидеме искушувани над нашите сили. ако нашата молитва кон Него за помош ќе биде почеток и темел на секој наш чекор.


„туку избави не од лукавиот“ ( Лука 11:4 )

„...Словото Божјо пребива во вас, па го победивте лукавиот“ ( 1. Јованово 2:14 ), вели апостол Јован.  Зошто победи? ,,Зошто Оној, Кој е во вас, е поголем од оној што е во светот“ ( 1. Јованово 4:4 ). Оваа победа не се постигнува со силата на човекот - таа е над неговите сили. Но, постои таква семоќна моќ што не му дозволува на непријателот да се приближи до душата верникот. Непријателот ги пушта своите огнени стрели кон неа , но „со штитот на верата ѝ е дадена моќ да ги угасне сите вжештени стрели“ ( Еф. 6:16 ).

Непријателот душата ја заведува на различни начини, а неговите интриги се безброј. Но Господ, Кој живее во Своите деца, е поголем од искушувачот и може да нè заштити од секое злодело и да нè сочува за Неговото Небесно Царство. Молитвата „избави нè од лукавиот“, искрено изговорена, никогаш не може да остане неодговорена, бидејќи Христос, со Својата смрт, ги згази силите на пеколот и „ограбеното од него ќе го раздаде“ ( Лука 11:22 ). Се вели дека „ѓаволот, обликува како лав што рика и бара некого да проголта“ ( 1. Петрово 5:8 ), барајќи беспомошна душа, самоуверена, скитајќи по своите патишта, која не е покриена со посредување на Христос - таква душа може да проголта.

Но, оние кои се скриени под покривот на Севишниот, дури и најнемоќните суштества кои се држат за Христа, се над неговата моќ и можат со сигурност да кажат, колку и да изгледа страшно режењето на непријателот: „Верен е Господ, Кој ќе ве утврди и запази од лукавиот“ ( 2. Сол. 3:3 ).


„Зашто Твое е царството, и силата, и славата во сите векови. Амин!“ ( Матеј 6:13 )

Иако Неговото Царство сè уште не се манифестирало, тоа несомнено постои. Да го насочиме погледот кон Небесниот Цар во стрпливо исчекување на целосна победа над сите Негови непријатели. сатаната е поразен од Христос и „Бог на мирот наскоро ќе го сотре сатаната под нозете ваши“ ( Рим. 16:20 ).

Христос, Главата на Црквата, победи и им даде моќ и победа на членовите на Неговото Тело. Ќе помине барем долго време додека Неговата сила и слава не се пројават во членовите на Неговото Тело, т.е. во нас, откупени со Неговата Крв, сепак не смееме да губиме надеж, туку секојдневно да повторуваме: „Зошто Твое е царството!“

Со секоја нова манифестација на Неговото Царство, свеста за полнотата на вечниот живот продира подлабоко во нашата душа; ние сме родени за вечноста, а времето не може да трае предолго за нас. Обновените души, во својот стремеж кон вечноста, сè повеќе навлегуваат во новите тајни што им се откриваат. Тие не се плашат од заканите на сатаната; дури и кога почвата под нив се тресе. Свртувајќи го својот поглед кон небото, тие бестрашно продолжуваат да извикуваат: „Зошто Твое е царството!“

Колку и да се големи нивните загуби, колку и да ја изнемоштува нивната слабост, дури и кога, очигледно, нема спас за нив, тие се движат од победа во победа, извикувајќи: „Зошто Твое е царството! Тогаш, кога им е најтешко, кога непријателот ги опседнува со нова сила, тие навлегуваат уште подлабоко во животот ( Кол. 3:3 ) и „Но во сето тоа победуваме преку Оној, Кој не возљуби“ ( Рим. 8: 37 ).

Да ја забележиме низата на овие зборови и да ги примениме секој на себе, во нашите срца и животи. Може ли во моето срце, по природа бунтовно и самоволно, да му кажам на Бога: „Зошто Твое е Царството!“

Дали целосно му се предаде? Дали е тој Господ и Управител на сè ? Ако е така, тогаш Неговата моќ ќе се манифестира во ова срце. Таму каде што Тој владее, таму Тој дејствува силно. А каде што е Неговата сила, таму е Неговата слава. Човекот не може да се пофали со себе - тој знае дека само Божјата сила создава во него она што му е угодно на Бога, а сета слава и секоја пофалба му се дава на Оној достоен за секое обожување, нашиот Семоќен и Сељубив Господ.

Нека нашето срце биде седиште на Неговото Царство и моќ и нека Му донесе слава, чест и поклонување.


Од дневникот на еден православен свештеник


Comments

Post a Comment

Напиши коментар