МАЈКАТА – СТОЛБ НА СЕМЕЈСТВОТО - Свети Гаврил Светогорец Епископ Велички

  МАЈКАТА – СТОЛБ НА СЕМЕЈСТВОТО - Свети Гаврил Светогорец Епископ Велички



Народната мудрост вели :каква нива, таков род ; какво дрво, таков плод . На истото се однесуваат и зборовите од Светото Евангелие, каде што Спасителот истакнува, велејќи : „ Се бере ли од чичка смокви и од трње грозје ?“ ( Лк , 6, 44). Се разбира, во преносна смисла ова се однесува на луѓето. Имено, од родителот зависи и неговиот пород.


Какви се родителите, такви ќе бидат и нивните деца. Исклучоци има, но тие се многу ретки. Па така, најчеста појава во животот е: од пијаница татко, мрзлив син; од совесна мајка, трудољубива ќерка. За потврда на горната мисла, уште една споредба: од квалитетот на зрното, зависи вредноста на житото во целина; па и од моралната состојба на семејството, како основна клетка, зависи моралот на целото општество.


Навистина, ако денес често се истакнуваат разни деформации во нашето општество, како на пр: криминал на малолетници, наркоманија, алкохолизам и патолошки еротизам и сл., кои зла достигнуваат загрижувачки размери, тогаш е јасно дека нешто не е во ред и во нашите семејства. Па затоа, загрижени ли сме за состојбата на народот во целина и бараме ли начин за лекување на истакнатите нездрави појави во општеството, тогаш мораме вниманието да го свртиме најнапред кон семејството, па оттука да почне општото лекување, до потполно оздравување. Општопризната вистина е дека основна духовна и морална сила во семејството е мајката. Од неа членовите добиваат топлина и светлина; таа е сонце на домашното огниште; богословски изразено: мајката е „ ангел чувар “, даруван од Бога за закрила на младите и неопитните во борбата со„ соблазните на светот “. Меѓутоа, иако мајката е предодредена да биде душа на семејството, сепак денес таа не секогаш и во секое семејство е тоа, пред с è, поради напуштање на своето вистинско место – домот. Наместо да е мајка и воспитателка на повеќе деца, таа се задоволува со едно или најмногу две деца, па и за нив нема доволно време. Сето тоа негативно се одразува на децата, идните граѓани и раководители на нашето општество. Имајќи го предвид христијанското семејство, мајката, која е најзагрижена за иднината на своите деца, должна е да ги доближи до Бога. Сам Господ Исус Христос  рекол: „ Пуштете ги децата нека доаѓаат кај Мене, оти за такви е Царството небеско “ ( Мк . 10, 14).


Во христијанскиот дом детето треба да добие темелно и здраво познавање како од областа на моралот, така и од основите на нашата спасоносна православна вера. Па така, животот на детето од христијанско семејство нормално е да се одвива под будна и непрестајна грижа на родителите, а посебно – на мајката, како и на постарите негови браќа и сестри. Но сепак, и најголемата нивна грижа не е достатна без помошта Божја. Тоа сознание е многу важно за секој христијанин, па и за детето од христијанското семејство. А кога детето треба да го напушти родителскиот дом  поради продолжување на школувањето, тогаш мајката е должна да му ги предочи и со мајчински загрижен тон да ги истакне и добрите и лошите страни на тој животен период и на таквите специјални услови на живеење . Преку системни укажувања треба да му го всади во свеста фактот, дека неговата иднина зависи како од Божјата помош, така и од вложениот сопствен труд. Понатаму , да внимава со кого се дружи и како од оган да се чува од лоши патишта. Светото Писмо и друга религиозна литература да му бидат секојдневен духовен оброк.


Светиот Божји дом да му биде место за утеха и обновување на духовните сили, истрошени во оганот на животната борба. Во моменти на двоумење за суштествени прашања од животот, да се советува со постари и поопитни од себе, а по прашањето на верата, да се обраќа за совет и појаснување кај свештеникот. Така, да најде и да има достојна замена за отсутните родители, та да се сочува од погрешки и застранувања, чии последици можат да бидат судбоносни, а често и трагични за неговиот иден живот. По завршувањето на школувањето, да не го заборава родниот дом. А мајката како„ ангел чувар “ и тогаш продолжува да се грижи и да бдее над своето чедо. Без обзир дали е образована или не, таа останува најдобар и најверен советник на чедото. Зашто, освен Бога, никој повеќе не го сака и подобро не го разбира младиот човек од неговата мајка. Од ова сознание не треба да е лишено ниедно христијанско дете! Едно, пак , не треба да забораваат христијанските родители, а посебно мајката. Имено, иако нејзините совети се вдахновени од Бога , сепак тие не делуваат принудно, а нивната сила е во постојаноста. Како што безначајната, но постојана капка успева да направи длапка во тврдиот камен, така и постојаните настојувања и совети на мајката можат да го сочуваат младиот човек од погрешна ориентираност во животот. Нејзиниот благороден и благословен труд, според законите на духовниот живот, неизоставно ќе даде добри резултати. Многу зла, што го демнат младиот и неопитен , ќе бидат отклонети и непредвидени катастрофи – избегнати. Така, злото и кај поединецот и во светот ќе се намалува, а доброто – ќе напредува и ќе се умножува. А ова била и останува врвна цел на христијанското воспитание и во семејството и во општеството.


Во иднина, улогата на мајката, како стабилизатор на семејството, а со тоа и на општеството, кое моментално преживува морална криза, може да биде сè поголема во новите животни услови. Со миграцијата на населението од село, во догледно време секој поголем град ќе има и највисоки образовни установи. Тогаш, христијанското семејство и неговиот стожер – мајката, пак може да си ја врати својата поранешна божествена улога на воспитувач на своите помногубројни деца. Се разбира, доколку општеството ја прифати таа нејзина спасоносна улога?! Според нас, никој не треба да се сомнева во спасителната улога на мајката. Таа како исклучително душевно и емотивно суштество, со својата поголема ориентираност кон Дарителот на животот – Бога, служи како инструмент Божји за продолжување на човечкиот род. Во тој однос, мајката е врска меѓу човекот и неговиот Создател. Таа има свештеничка улога во домашната мала црква, па затоа велиме дека е столб, на кој се крепи и одржува семејството. 


( Преземено од „ Воскресение “ бр . 1/1984 год .)

Comments