Слово против бајачите - Митрополит Иларион Брегалнички

Слово против бајачите - Митрополит Иларион Брегалнички


Возљубени христијани, нашиот Господ Исус Христос, заради нас и нашето спасение, ни го остави на земјата најголемото, вистинско и постојано чудо – Светата Православна Црква. Веќе и самото земно постоење на Црквата, којашто ниту за две илјади години не можеле да ја надвладеат никакви сили на злото, ги потврдува сите ветувања Божји за историскиот пат на нашето спасение. Таму каде што е Бог, таму е и Неговата благодат, Неговата сила, Неговата светост и Неговата победа. А до Бога можеме да стигнеме само преку Неговата Света Црква, како што нѐ поучува и Св. Кипријан Картагински: „Кој ја има Црквата за своја мајка, го има и Бога за свој Отец.”
      Само Светата Црква е наша вистинска благочестива Мајка, која постојано се грижи за нас, нашиот живот и нашето спасение. Таа секојдневно се грижи и за здравите и за болните, со солзи ги мие нашите гревовни рани, бидејќи знае дека токму тоа е нејзина првенствена грижа во овој свет. Но Црквата, најмногу страда и плаче, а тогаш и Христос страда, кога некое нејзино чедо, наместо во вистинската болница, кај вистинскиот Лекар и кај вистинската Мајка, оди кај тие што се откажале од Бога, се откажале од Црквата, се откажале од верата и се здружиле со лажниот лекар – ѓаволот и неговите соработници и слуги. А тие демонски слуги и пријатели се токму бајачите и гатачите, кои со своите магии секојдневно му служат и му се поклонуваат на ѓаволот, сѐ до нивната вечна погибел во пеколот.
      Бајачите се демонослужители, бидејќи тие со нивните магии, се молат на ѓаволот, кадат на неговиот мрачен жртвеник, а како жртва ја принесуваат човечката душа, која поради некоја мака или неволја, наместо да се обрати кон Бога внатре во Црквата, барајќи и лутајќи, налетува на бајачите, гледачите или лажните „исцелители” и на нивниот бог – ѓаволот. Но тие не можат да им помогнат. Не може ѓаволот, кој дише со омраза кон нас христијаните, да ни биде лекар и доброчинител. Како може оној кој сака да ја уништи нашата душа, да ни го оздрави телото? Демоните сакаат да прават само зло. Исполнети со злоба кон луѓето, особено кон нас христијаните, тие се трудат да нѐ заведат по патот на гревот и пороците, за на тој начин да го освојат нашето срце и да ја поробат нашата душа. Тогаш тие навлегуваат внатре во човекот, потчинувајќи го на нивната гревовна волја. На тој начин, поробениот човек не е ниту свесен дека е роб на гревот и смртта, не е свесен дека демоните му шепотат на увото и му ги подметнуваат нивните мисли, при што човекот е убеден дека се тоа негови сопствени мисли. Така, ѓаволот станува невидлив советник на човекот, негов неразделив „пријател”, правејќи го сличен на себеси. Бајачите и гатачите се всушност демонски сојузници, кои постојано ја извршувааат волјата на нивниот татко - ѓаволот. Секогаш кога бајат, гледаат или „исцелуваат”, тоа го прават со демонската сила, со цел да заробат што е можно повеќе души во адот. Бајачите не можат да лечат и да прават добро. Дури кога и би можеле, цената која што ќе ја платиме е нашата душа, нашата вечност.
      Св. Јован Златоуст вели: „Каква е ползата ако го лечиме телото, а душата ја убиваме, каква е придобивката, овде да се прими мала утеха, а таму да бидеш испратен со бесовите во мака и вечен оган?”. Затоа возљубени, мора да се трудиме да имаме христијански однос кон сите неволји, маки и болести, кои Бог допуштил да нѐ снајдат. Св. Апостол Павле вели: „Ние сме и наследници Христови, но само ако со Него страдаме, та со Него и да се прославиме.”( Рим. 8, 17). Причина за нашите искушенија и неволји, најчесто се нашите гревови или пак поради тоа што сме се оддалечиле од Бога, Евангелието и Црквата. Нашиот вистински христијански однос кон болестите подразбира – смирено и трпеливо да ја прифатиме волјата Божја, да ја согледаме својата гревовност и немоќ, да ги препознаеме гревовите поради кои болеста е и допуштена, да се покаеме и да го промениме нашиот лош начин на живот.
     Дарот на исцелување е присутен кај светителите, како дар Божји, кој им се дава поради нивното строго подвижништво и свет живот. Но, како тие всушност исцелуваат? Светителите најнапред ја исцелуваат човековата душа, а дури потоа телото. Кај луѓето кои тие ги исцелуваат, се изменува самиот нивни живот, се зајакнува верата, душата се исчистува од страстите и пороците, што всушност и сведочи дека светителите не делуваат со својата сила, но со благодатта на Светиот Дух. Но какви се бајачите, гледачите и лажните „исцелители”? Тие сакаат да прават „чуда”, да „исцелуваат” секакви болести, да разговараат со Пресвета Богородица, Св. Петка, Св. Недела или со некој друг светител, но без претходно да ги исчистат своите души од страстите, гревовите и пороците, својствени за секој човек.
     Затоа, Светите Апостоли и Светите Отци нѐ советуваат да бидеме внимателни, да не оди-ме кај нив и да не им веруваме: „Возљубени, не верувајте му на секој дух, туку испитувајте ги духовите: дали се од Бога, бидејќи многу лажни пророци се јавија во светот”. (1. Јн. 4, 1); „Помисли човеку,” - вели св. Јован Златоуст, „за тоа, дека од болестите нема да те спасат бајачите и гатачите, туку, ако им се обраќаш, само ќе направиш голем и тежок грев. Ако, оставајќи го Бога, одиш кај демоните, каква милост очекуваш од Него, и како во молитвата ќе го повикаш? Зашто, душата своја ја погубуваш, и што ќе Му одговориш на Бога, кога поради болести, напуштајќи го Бога, одиш кај бајачите?” Барањето на помош од бајачи, гледачи и исцелители е голем грев. Бог преку светиот пророк Јеремија вели: „А вие не слушајте ги вашите пророци и вашите бајачи, вашите јасновидци, вашите маѓепсници и вашите вражачи… Затоа што тие ви пророкуваат лага, за да ве оддалечат од земјата ваша, па Јас да ве изгонам и вие да загинете… Јас не сум ги пратил, вели Господ; и тие лажно пророкуваат во Мое име”. (Јерем. 27, 9-10; 15).
    Да се прибегнува кон духовите на темнината, кон противниците Божји и смртните непријатели на човечкиот род, да се бараат нивните услуги, да се бара од нив некакво откровение за својата идна судбина – што е тоа, ако не отстапништво од Бога и непријателство кон Него? Поради таквите гнасни гревови – гатање, магии, вражање – Бог во минатото осудил на истребување и цели народи. Затоа, Светата Соборна и Апостолска Црква Христова ги одлачува од црковно општење сите кои што вршат такви дела и кои што бараат помош од нив. Шестиот Вселенски Собор, во својот 61. канон, оние кои се занимаваат со гатање и прорекување на судбината ги осудува на шест години без Причест, а доколку не престанат со магијската пракса, наредува да бидат одлачени од Црквата засекогаш. Анкирскиот помесен собор, во својот 24. канон, ги одлачува од Црквата на определено време сите оние кои во своите домови носат бајачи, додека пак помесниот собор во Лаодикија, во своето 36. правило, ги одлачува од Црквата сите оние кои што носат амајлии. Св. Василиј Велики вели: „Гатачите подлежат на шестгодишна епитимија, оние кои се упорни во ова се исклучуваат од Црквата, а оној кој се покајал подлежи на епитимија”.
     Посетувањето на бајачите нѐ оддалечува од Христа и од Мајката Црква, ја ослабнува нашата вера во Промислата Божја и во силата на молитвата, ја ослабнува нашата надеж во молитвеното застапништво на светителите, со еден збор, нѐ држи во оковите на паганството. Господ во Евангелието за нив нѐ поучува: „Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат кај вас во овча кожа, а одвнатре се волци грабливи. По нивните плодови ќе ги познаете… Не може добро дрво да дава лоши плодови, ниту лошо дрво да дава добри плодови. Секое дрво, што не дава добар плод, се сече и фрла во оган” (Матеј 7, 15-19). А Бајачите секогаш се претставуваат за побожни луѓе, кои сакаат да му помогнат на народот, но тие се всушност грабливи волци, кои тоа го прават само од интерес и печалба, само колку да ги заблудат и прелажат, ако е можно и избраните, односно христијаните. Поголем број на луѓето кои ги посетуваат, имаат некоја мака, а бајачите тоа многу добро го знаат, и затоа, на најнечовечен начин, сакаат тоа да го искористат. Меѓу нив има и такви, кои ги лажат луѓето, други пак се со некакви психички болести, а третите се директни сојузници со ѓаволот.
      Вообичаено е за бајачите, гледачите и сличните на нив, да шират непријателство и омраза помеѓу луѓето, притоа нарушувајќи ја најважната Божја заповед: „Возљуби го Бога и ближниот свој како самиот себеси”. Така, на пример, ако отиде некој кај бајач или бајачка, за да дознае нешто за своето здравје или за некој друг проблем, вообичаен одговор е дека има непријатели и завидливци, како на пример соседот, другарот, пријателот или пак свекрвата, снаата итн., коишто му направиле некаква „магија”. Најчесто тоа е демонска клевета, која има за цел да го наруши мирот во семејството или соседството. Ѓаволот настојува на секој можен начин да ни го одземе мирот, за да бидеме во непријателство со блиските, да се караме, навредуваме, проколнуваме, само за да нема мир и слога во семејствата, децата да станат против своите родители и обратно, брат против брата си, мажот против жената и обратно, снаата против свекрвата, само со цел од тие кавги и расправии да дојде до растурање на семејството, тага, очајание, па дури и до самоубиство. Тогаш ѓаволот се весели и се радува, гледајќи нѐ како преку бајачите ја исполнуваме неговата пеколна волја. Затоа не треба да се обраќаме кај нив, дури и тогаш кога мислиме дека сме „урочени” и дека е тоа дело на некој наш ближен.
     Да не одиме кај нив ниту тогаш кога ќе видиме во нивните куќи и лажни „цркви”, икони, кандила и свеќи, да не им веруваме и да не ги слушаме ниту тогаш кога нѐ праќаат да палиме свеќи во црквите, да преспиваме во манастирите и да отвараме цркви, да бараме „свети води”, да колеме јагне за „курбан” за некој празник и да се помажуваме со неговата крв, што е гнасно и одвратно пред Бога и претставува исмејување и омаловажување на Христовата Жртва на Крстот. Тие честопати и на самиот чин на Светата Литургија припаѓаат, икаат, испуштаат чудни „крици”, се тресат и сл., сакајќи да привлечат внимание од луѓето, но со тоа само докажуваат дека се служители на ѓаволот, бидејќи на најрадосните моменти од богослужбата им ги одземаат радоста, мирот и спокојството на верниците и воедно ја реметат богослужбата. Зарем тоа не покажува дека се против Бога и се слуги на нечестивиот, а многупати знаат да речат во такви моменти дека ги мачат светители. Та зарем светителите се мачители? Сето тоа тие тоа го прават само за да нѐ уловат во ѓаволските мрежи, да нѐ залажат дека ете, и тие се христијани, имаат икони, „цркви” и слично, дека и тие веруваат во Бога, дека се Божји слуги кои ја извршуваат Неговата волја. Но, Господ во Евангелието за нив вели: „Мнозина ќе Ми речат во оној ден: „Господи, Господи, нели во Твое име пророкувавме? И зар во Твое име демони не изгонувавме? И нели во Твое име многу чуда правевме?” И тогаш Јас ќе им кажам: „Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите беззаконие!”(Мт.7,22-23).
      Затоа, возљубени христијани, да не ѝ веруваме лекомислено на нивната лажна духовност и да не ги посетуваме, бидејќи тоа е директна навреда за Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, Кој за да нѐ избави од канџите на ѓаволот, страдаше, беше прикован на крст и погребан. Ако ги посетуваме и слушаме, тогаш плукаме на раните Христови и на Неговата пролиена Света Крв. Доколку се случило да бидеме нивна жртва, време е да се покаеме и својот грев да го исповедаме на свештеник, кој ќе нѐ посоветува како да постапуваме во иднина. Светата Црква е единствена духовна болница, која со благодатта Божја ги лекува нашите телесни и духовни рани. Единствено Црквата се грижи за нашиот живот и само преку неа можеме да стасаме до вечноста. За сите наши проблеми во ова тешко и материјалистичко време, молитвено да Му се обраќаме само на Бога. Он најдобро знае што ни е потребно и особено се радува кога го слуша нашиот молитвен глас, кој извира од дното на нашето срце. Св. Димитриј Ростовски вели: „Како што никој не се спасил од оние, кои не влегле во Ноевиот ковчег, така и никој нема да се спаси ако не е во закрилата на Црквата”. Возљубени христијани, вистината, помошта и утехата треба да ги бараме само во Црквата Христова, таму каде што е вистинската благодат Божја која се испраќа само преку свештенослужителите (свештениците), каде што храмот е осветен и се служи Света Божествена Литургија.
      Да го измениме нашиот живот според евангелските заповеди, да се покаеме, да се молиме, да постиме, да бдееме и стражариме над нашите души, да не ги осудуваме другите, да прибегнуваме кон спасоносното оружје – крсниот знак и постојано да се бориме против гревот и страстите со помош на благодатта Божја. О, Господи Преблаг и Милосрден, погледни на нас, Твоите чеда, кои страдаме во овој свет, чуј ги нашите воздишки, погледни на нашите слабости, прости ни ги прегрешенијата, исцели ги нашите болести и направи нѐ жители на Твоето Царство, та и ние заедно со сите небесни служители, да ти оддаваме непрестајна слава, на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови, 
Амин. Објавено во „Троичник“ бр. 23




Comments