Вистинскиот христијанин е создаден од вера и љубов кон Христа


 Вистинскиот христијанин е создаден од вера и љубов кон Христа. Гревовите ни најмалку не не спречуваат да бидеме христијани, како што вели Самиот Спасител. Тој од својата голема човечност рекол дека не дошол да ги повика праведниците, туку грешниците на покајание, бидејќи на небото има поголема радост за еден грешник кој се кае, отколку за другите деведесет и девет праведници. Расудувајќи вака, христијанинот треба да се надева, да се радува и да не прифаќа разорен очај. Овде е потребен штитот на верата.

За оној што го љуби Бога, гревот не е ништо повеќе од непријателска стрела, испукана во духовната битка. Вистински христијанин е воин кој на патот кон својата небесна татковина се бори против невидлив непријател. Според зборовите на апостолот, " нашата борба не е против крвта и плотта, туку против началствата, против властите, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата" (Ефес. 6, 12). 

Расипливите световни желби нè делат од нашата татковина. Навиката и склоноста кон нив како да ја облекува душата во грда облека. Така апостолите го нарекуваат надворешниот човек. Патувајќи низ овој живот и барајќи помош од Бога, треба да ја соблечеме таа грда облека и да ја облечеме љубовта на идниот век и така да сфатиме колку сме блиску или далеку од нашата небесна татковина. Сепак, тоа е невозможно да се направи брзо. Тогаш човек треба да го следи примерот на болните, кои сакајќи да се излечат, постојано трагаат по соодветните лекови.

Свети Герман Алјаски



Comments