Акатист на светата и блажена Ксенија Петроградска

 

Акатист на светата и блажена Ксенија Петроградска




Кондак 1

Избрана угодничке и јуродива заради Христа, света блажена мајко Ксенија, која си избрала подвиг на трпење и страдање, пофална песна ти принесуваме, почитувајќи го твојот свет спомен. Ти, пак, заштити нé од видливи и невидливи непријатели, за да ти повикуваме:

Радувај се, блажена Ксенија, молитвеничке за душите наши!



Икос 1

Рамноангелски живот си сакала, блажена мајко, по смртта на својот маж си ја отфрлила убавината на овој свет и сé што е во него – желбите на очите, желбите на телото и гордоста секојдневна, и преку јуродивство ум Христов си стекнала. Заради тоа услиши ја пофалбата што ти ја принесуваме:

Радувај се, ти која со животот свој еднаква си на Андреј, јуродивиот заради Христа!

Радувај се, ти која од името свое си се одрекла и мртва себе си се нарекла!

Радувај се, зашто во јуродивството, името на твојот маж Андреј си го примила!

Радувај се, зашто имотот свој, на добрите и сиромашни луѓе си го раздала!

Радувај се, зашто доброволно, заради Христа, сиромаштвото си го прифатила!

Радувај се, ти која со јуродивството твое, нé научи од суетната мудрост на овој свет да се оттргнеме!

Радувај се, блага утешителке на сите, кои молитвено ти се обраќаат!

Радувај се, блажена Ксенија, молитвеничке за душите наши!

 

Кондак 2

Гледајќи го твојот необичен живот, зашто си ги презрела домот свој и секое земно богатство, роднините по тело за безумна те сметаа, а луѓето од Петровград, гледајќи го смирението твое, страдањата и доброволната сиромаштија, на Бога Му воспеваа: Алилуја!

 

Икос 2

Разумот од Бога даден, во привидно безумие си го сокрила; во суетата на големиот град, како пустиножителка си живеела и своите молитви кон Бога непрестајно си ги принесувала. Ние, кои се восхитуваме на таквиот живот твој, пофално ти воскликнуваме:

Радувај се, ти која тешкиот крст на јуродивството, од Бога даден, на плеќите свои си го понела!

Радувај се, ти, која со привидното безумие, сјајот на благодатта си го сокривала!

Радувај се, зашто својот дар, за полза и спасение на страдалните си го покажала!

Радувај се, зашто страдањата човечки, прозорливо во далечините непрегледни си ги гледала!

Радувај се, зашто на добрата жена, раѓање на син си ѝ прорекла!

Радувај се, зашто на жената, од  Бога чедо си ѝ испросила!

Радувај се, зашто секој си го научила на Бога молитвено да Му се обраќа!

Радувај се, блажена Ксенија, молитвеничке за душите наши!

 

Кондак 3

Со сила одозгора, од Бога дарувана, жештината и студот храбро си ги поднела, распнувајќи го телото свое против страстите и похотите. Затоа, просветлена со Духот Свет, воскликнуваш непрестајно кон Бога: Алилуја!

Икос 3

Имајќи ги, блажена, небото за покрив свој и земјата за постела своја, заради царството Божјо си се одрекла од секакво угодување на телото. Гледајќи го таквиот живот твој, со умиление те призиваме:

Радувај се, зашто земниот дом свој, на луѓето си им го отстапила!

Радувај се, зашто небесно засолниште си сакала и си примила!

Радувај се, зашто немајќи земни блага, во сé духовно си се збогатила!

Радувај се, зашто со животот свој, на трпение си нé научила!

Радувај се, зашто љубовта Божја, на луѓето си им ја покажала!

Радувај се, украсена со плодови на благочестивост!

Радувај се, зашто трепение и незлобивост на светот си му покажала!

Радувај се, љубезна заштитничка наша пред Престолот на Севишниот!

Радувај се, блажена Ксенија, молитвеничке за душите наши!

 

Кондак 4

Животната бура разбеснета во градот на Петар, со кротост и незлобивост си ја победила, мајко блажена, и бестрастие кон распадливиот свет си стекнала. Затоа на Бога Му пееме: Алилуија.

 

Икос 4

Слушајќи за тебе како страдаш зарди Христа, натажените утешувајќи ги, немоќните крепејќи ги, заблудените на вистинскиот пат изведувајќи ги, страдалниот народ притекнува кон твојата помош, славејќи те:

Радувај се, ти која патот Христов со сето срце си го засакала!

Радувај се, ти која крстот Христов радосно си го понела!

Радувај се, ти која секој срам на светот, телото и ѓаволот си го претрпела!

Радувај се, зашто со даровите Божји си исполнета!

Радувај се, зашто љубов кон ближните си покажала!

Радувај се, зашто на страдалните утеха си им пружила!

Радувај се, зашто солзите на расплаканите си ги избришала!

Радувај се, зашто од благодатта на Светиот Дух си загрејана!

Радувај се, блажена Ксенија, молитвеничке за душите наши!

 

Кондак 5

Како боговодена ѕвезда се покажа твојата светост, Ксенија блажена, која го осветлуваше хоризонтот на Петровиот град. Зашто на луѓето, кои во безумието на градот гинеа, им го објави патот на спасението и сите кон покајание ги повика, за да Му воскликнуваат на Бога: Алилуја!

 

Икос 5

Гледајќи ги подвизите твои во молитвите, трпењето на студот и жештината, благочестивите луѓе сакаа да ти ги намалат страдањата твои, па облека и храна ти донесуваа. Ти, пак, сé на сиромасите им раздаваше, сакајќи подвигот свој да си го сочуваш. Ние, пак, восхитувајќи се на доброволното милосрдие твое, ти воскликнуваме вака:

Радувај се, зашто жештината и студот, заради Христа, доброволно си ги поднела!

Радувај се, зашто во молитва непрестајно си пребивала!

Радувај се, зашто Петроград, со сеноќно бдение, од несреќа си го оградила!

Радувај се, зашто гневот Божји многу пати од него си го одвратила!

Радувај се, зашто секој ден во годината ноќе во полињата си се молела!

Радувај се, зашто сладоста рајска, во сиромаштвото на духот си ја вкусила!

Радувај се, зашто во таа сладост, сé земно си оставила!

Радувај се, зашто сета во Бога пребиваш!

Радувај се, блажена Ксенија, молитвеничке за душите наши!

 

Кондак 6

Ја проповедаат светоста на животот твој, богоблажена, сите излечени од тебе од многуте болести, неволји и жалости: богати и сиромашни, стари и млади. Затоа и ние, славејќи те, Му воспеваме на Бога: Алилуја!
Икос 6

Заблеска славата на подвизите твои, блажена мајко, кога ноќе на градителите на црквата Смоленска, тајно камења си им носела, олеснувајќи им го напорот на ѕидарите црковни. Од тебе водени, и ние грешните ти воскликнуваме вака:

Радувај се, зашто си нé научила добрини тајно да правиме!

Радувај се, зашто на подвигот на благочестието, сите си ги повикала!

Радувај се, помошничке на градителите на храмот Божји!

Радувај се, зашто светоста црковна си ја засакала!

Радувај се, зашто трудот наш на патот на спасението ни го олеснуваш!

Радувај се, брза помошничке на оние, кои кон тебе прибегнуваат!

Радувај се, блага утешителке на сите ожалостени!

Радувај се, небесна застапничке на Петроград!

Радувај се, блажена Ксенија, молитвеничке за душите наши!

 

Кондак 7

Сакајќи да го избавиш од жалост расплаканиот лекар, кој жена си ја погребал, си ѝ заповедала на некоја девојка на Охта да побегне и таму маж за себе да си најде и да се утеши. И биднало онака како што ти си прорекла. Тие, пак, во радост на Бога Му воскликнуваа: Алилуја!

 

Икос 7

Ново чудо со молитвите свои си покажала, блажена мајко, кога на благочестивата жена си ѝ рекла: Земи ја оваа копејка-угасителка. Со тоа си прорекла пожар во домот нејзин. И по молитвите твои, пламенот на огнот се изгаси. А ние, водени со тебе, пофално ти воскликнуваме:

Радувај се, ублажителко на жалоста човечка!

Радувај се, зашто смелост пред Бога за страдање си покажала!

Радувај се, свеќо неизгаслива, која во молитвата кон Бога силно гориш!

Радувај се, застапничке во бедите и несреќите наши!
Радувај се, спасителко од погибел на оние, кои се обземени од страстите!

Радувај се, зашто благочестивата девојка, од брак неверен си ја одвратила!

Радувај се, зашто наклеветените од очајание ги избавуваш!

Радувај се, брза заштитиничке на судот на неправедните!

Радувај се, блажена Ксенија, молитвеничке за душите наши!

 

Кондак 8

Патничке бездомна, си го поминала животниот пат твој во престолниот град на нашата татковина во големо трпение, неволји и поднесување навреди. Сега, пак, во горниот Ерусалим пребивајќи, радосно Му пееш на Бога: Алилуја!

 

Икос 8

На секого си му била сé, блажена Ксенија: на оние во неволја – утеха, на слабите – покров и заштита, на тажните – радост, на сиромашните – облека, на болните – исцеление. Заради тоа ти воскликнуваме:

Радувај се, ти, која во горните живеалишта пребиваш!

Радувај се, ти, која за нас, грешните, таму се молиш!

Радувај се, ти, која благиот образ на служењето на Бога го објавуваш!

Радувај се, покровителке на понижените и прогонуваните!

Радувај се, ти која со молитвите свои Православието го застапуваш!

Радувај се, заштитничке на навредените и на оние, кои ти се молат!

Радувај се, укрепителке на повредените!

Радувај се, ти која неверниците и подбивачите ги посрамуваш!

Радувај се, блажена Ксенија, молитвеничке за душите наши!

 

Кондак 9

Секакви болести си претрпела, блажено мајко, сиромаштија, глад и жед и навреди од луѓе безбожни, кои мислеле дека си безумна. Ти, пак, се молиш на Господа, упорно воскликнувајќи Му: Алилуја!

Икос 9

Учените говорници не можат да разберат како ти, со безумието свое, безумието на целиот свет си го разобличила и со немоќта своја, силните и мудрите си ги посрамила, не гледајќи ја во тебе силата и премудроста Божја. Ние, пак, кои ја примаме твојата помош, ти пееме вака:

Радувај се, носителке на духот Божји!

Радувај се, зашто во немоќта своја, со апостолот Павле се фалиш!

Радувај се, зашто со привидното безумие твое, светот го разобличуваш!

Радувај се, зашто убавината на овој свет, заради спасението ја отфрлуваш!

Радувај се, зашто небесните блага со сето срце ги љубиш!

Радувај се, зашто нас кон патот на спасението нé призиваш!

Радувај се, зашто страшните гревови на пијанството ги разоткриваш!

Радувај се, зашто бесплатен и милостив лекар на сите си им била!

Радувај се, блажена Ксенија, молитвеничке за душите наши!

 

Кондак 10

Сакајќи да ја спасиш душата, телото свое со страсти и похоти си го распнала и неповратно од себе си ги отфрлила, крстот свој на плеќите си го положила и Христа со сето срце си Го следела, пеејќи Му: Алилуја!

 

Икос 10

Цврст бедем си и засолниште неуништливо си на оние кои ти се молат, мати Ксенија. Заради тоа, заштити нé и нас од непријателите видливи и невидливи со молитвите свои, па да ти воскликнуваме:

Радувај се, ти, која нас на подвиг духовен нé поттикнуваш!

Радувај се, ти, која нас, од проклети замки нé избавуваш!

Радувај се, темјану распален, кој пред Бога си принесен!

Радувај се, ти, која мирот Божји во срцата човечки го донесуваш!

Радувај се, ти, која духот на злобата, во срцата на озлобените го умртвуваш!

Радувај се, ти, која на кротките деца, благослов им даруваш!

Радувај се, зашто нив со тајна молитва, од болести ги исцелуваш!

Радувај се, зашто на светот озлобен, милост Божја му ја покажуваш!

Радувај се, блажена Ксенија, молитвеничке за душите наши!

 

Кондак 11

Песна пофална ти принесуваат, блажена Ксенија, оние, кои со твоите молитви се спасение од неволји, жалости и секаква напаст, и заедно со тебе радосно на Бога Му воскликнуваат: Алилуја!

 

Икос 11

Животот твој, света мајко, се покажал како озарувачка светлина која, во мракот во овој живот, луѓето ги осветлува. Ти, паднатите во провалијата на гревови, си ги избавила и кон светлоста Христова си го насочила патот нивни. Затоа и ти воскликнуваме:

Радувај се, зашто православните, со Божјата светлост ги просветлуваш!

Радувај се, зашто во светот, небесно си живеела!

Радувај се, зашто во многуте маки, голема благодат си стекнала!

Радувај се, зашто во темнината на гревот, со благодатта Божја сјаеш!

Радувај се, зашто на очајните, рака за помош на патот на спасението им пружаш!

Радувај се, зашто слабите во верата ги закрепнуваш!

Радувај се, зашто духот на злобата го посрaмуваш!

Радувај се, ти, која со животот свој, ангелите ги восхитуваш!

Радувај се, блажена Ксенија, молитвеничке за душите наши!

 

Кондак 12

Благодат обилна излеваш, блажена Ксенија, на оние, кои го почитуваат споменот твој и прибегнуваат кон покровот твој. Заради тоа и за нас, кои тебе ти се молиме, измоли од Бога рака на исцеление, па да Му воскликнуваме: Алилуја!

Икос 12

Воспевајќи ги многуте чудеса твои, блажена мајко, те славиме и сесрдно те молиме: не оставај нé нас, грешните, во жалост, туку измоли од Господа сила да не отпаднеме од верата наша православна, но во неа, преку тебе, да се утврдиме и да ти воскликнуваме:

Радувај се, зашто на сострадање со страдалниците си нé научила!

Радувај се, немоќта наша сесрдно си ја примила!

Радувај се, зашто на распнување на телото со страстите и похотите си нé научила!

Радувај се, покровителке и посредничке на оние, кои го почитуваат споменот твој!

Радувај се, зашто патот полн со неволји си го поминала!

Радувај се, зашто со тоа вечното спасение си го разубавила!

Радувај се, зашто ги тешиш оние, кои на гробот твој се поклонуваат!

Радувај се, зашто за спасение на татковината наша, непрестајно се застапуваш!

Радувај се, блажена Ксенија, молитвеничке за душите наши!

 

Кондак 13

О, света блажена мајко Ксенија, во животот твој крст тежок си понела. Прими ги од нас, грешните, молењата, кои тебе ти ги принесуваме. Заштити нé со молитвите твои од замките на духовите на темнината и од сите оние, кои зло ни мислат. Моли Го Бога Седржителот да ни даде сила и храброст, за секој од нас да го земе крстот свој и да појде по Христа, пеејќи Му со тебе: Алилуја!

(Овој кондак се чита трипати, а потоа пак се чита икос 1 и кондак 1)

 

МОЛИТВА ПРВА КОН СВЕТАТА И БЛАЖЕНА КСЕНИЈА ПЕТРОГРАДСКА


О, света блажена мајко Ксенија! Под закрилата на Севишниот си живеела, пратена и закрепнувана од Богомајката. Глад и жед, студ и жега, навреди и гонења си претрпела, дар на прозорливост и чудотворство од Бога си добила и под заштитата на Семоќниот, спокој си нашла. Светата Црква сега, како благомиризлив цвет те прославува. Стоејќи на местото на твоето погребение, пред твојот свет лик, како на жива, тебе, која си со нас, ти се молиме: Прими ги молитвите наши и принеси ги на Престолот на милосрдниот Отец Небесен, и имајќи смелост пред Него, испроси вечно спасение за оние, кои кон тебе прибегнуваат; дарежлив благослов за добрите дела и намери наши и избавување од секакви неволји и жалости. Застапи се за нас, грешните и недостојните, со твоите молитви пред престолот на Семилостивиот Спасител наш. Помогни, света блажена мајко Ксенија, дечињата со светлоста на Свеотото Крштение да се озарат и со печатот на Светиот Дух да се запечатат, момците и девојките во вера, чистота и богобојазливо воспитување да живеат и успех во учењето да имаат. Болните и слабите да оздрават и испрати им семејна љубов и слога. Монасите да се  удостојат со добар подвиг да се подвизуваат и од навреди сочувај ги! Пастирите во силата на Светиот Дух зацврсти ги, сочувај го народот и земјата наша во мир и спокојство и сожали се на оние, кои на смртниот час се лишени од причестувањето со Светите Тајни Христови. Ти си наша надеж и потпора, брзо услишување и избавување, тебе благодарност ти принесуваме и со тебе Го славиме Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови.
 Амин.

МОЛИТВА ВТОРА КОН СВЕТА КСЕНИЈА ПЕТРОГРАДСКА

Блажена мајко Ксенија, прими ја оваа пофална песна од нас, недостојните, подобни не на тебе, туку на мажот твој Андреј во сé: развратот, пијанството, среброљубието, негрижата за вечно спасение и бесчуствителноста кон Божјото предупредување и добрина. И како што твојот маж по смртта не си го осудила и презрела, туку знаејќи каков подвиг е потребен за да се молиш за таквата душа, подвиг на јуродивство си зела, и облекувајќи го оделото негово, себе за мртва си се нарекла, а него за жив, па барем така со милоста Божја да го удостоиш; така и нас, несебична, погледни нé и чуј ги зборовите наши, недостојни за небото и земјата и целите потчинети на гревови, кои не ни прилега да помислиме на Престолот Божји, незаштитени од ангелите, кои од нас отстапуваат, ти, сочуствителна Ксенија, од дното на очајанието нé поддигаш, надеж наша, да го направиме она што сеуште можеме, зашто поучени од оние, кои копејка ти дадоа и со благодат им се врати, го направивме овој мал спомен на тебе од вишокот наш, сакајќи и со другите да го поделиме. Смилувај се на нас, ништожните во секој поглед, милостива, со молитвите твои дај ни олеснување на товарот од согрешенијата наши и смело најпрво да бараме трезвеност за себе. Дарувај ни, подвижничке, и помисли на смрт, суд и осуда, и страв Божји вкорени во нас. Од вртлогот на страстите, уживањето и секаква светска опседнатост подигни нé. Чудотворко, направи и ние, непотребните, од лево да тргнеме кон десно и заедно со нашите православни браќа и сестри да доживееме делче на озареност од оние кои се повикани на Божествената Тајна Вечера. Откако слушнавме за големата милост твоја, ние, нескромните, ти се молиме и за сите наши пријатели и за сите души, кои во овој свет се изгубиле и се предале себеси на заборавот на светските соблазни: демонска музика, дрога, мода и  непотребни науки и лажни учители и идеологии, политика и секакви идоли. Не наоѓај им вина, за сите заблудени побарај и измоли од Добриот Пастир наш и под застапништвото на Себлагословената Владичица наша Богородица, да ја почувствуваат радоста на новиот живот. И сите нас, сесмирена, научи нé на подвигот на себезаборав и незнаење. Зашто вистинити се зборовите на Господа, дека благослов од Отецот примаат и наследници на Царството стануваат само оние, кои себеси се забораваат и кои не знаат кога и добро за пофалба нешто направиле. Знаеме дека нема да ја отрфлиш надежта што во тебе ја полагаме, туку ќе се преумножи твоето застапништво, па и многу други во тебе, во сите денови на својот живот, да Го слават Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови.
 Амин.

Comments