АКАТИСТ НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТРИФУН
Кондак 1
Избран си од Бога и кон светителите си вброен, свет маченику Трифуне! Моли Му се за нас, грешните, на Владиката Христос и помагај ни да го победиме светот, плотта и ѓаволот кои на секаков начин војуваат со нас, како што ги победи ти нив со благодатта и силата на возљубениот од тебе Христос, та избавени од непријателите наши видливи и невидливи, благодарствено да ти воскликнеме: Радувај се, Трифуне, брзи помошнику на сите што со вера и љубов ти пристапуваат.
Икос 1
Примерот благочестив на твоите родители подражавајќи го, христијанските обичаи уште од малечок ги прифати, свет маченику, и млад по години но стар по разум, навистина како христијанин совршен се пројави. Ние, пак, кои го спомнуваме доблесниот твој живот, вака те восфалуваме: Радувај се, на чесни родители благочестив сине; Радувај се, зашто си нивно големо утешение; Радувај се, зашто си му на Ангелот твој чувар непрестано веселие; Радувај се, зашто од младоста сиот на Бога Му се предаде; Радувај се, зашто од младоста Христа го возљуби; Радувај се, зашто од малечок со благодат Божја обилно се здоби; Радувај се, зашто душата своја непорочна ја пројави; Радувај се, зашто самиот себеси во храм на Духот Свети се претвори; Радувај се, зашто од дете пример за живот свет покажа; Радувај се, зашто со благочестието твое верните ги возвеселуваш; Радувај се, уште од малечок заради сево ова Бог те возљуби. Радувај се, Трифуне, брзи помошнику на сите што со вера и љубов ти пристапуваат.
Кондак 2
Кога виде Господ како ревносно одиш по благочестивата патека на која родителите те упатија и како навистина Го љубиш Бога, те направи живеалиште на Духот Свети уште од малечок и устата ти ја отвори за да Му пееш: Алилуја.
Икос 2
Силата на верата твоја покажувајќи ја, Владиката Христос ти дарува тебе, свет маченику, уште кога дете беше, дар чудотворен, и заради тоа ти воскликнуваме: Радувај се, зашто од млади години совршена љубов кон Бога покажа; Радувај се, зашто заповедите Негови не само што ги слушаше, ами уште од детството ги исполни; Радувај се, зашто од младоста своја со добродетели христијански се здоби; Радувај се, зашто од млади години со животот, верата и љубовта твои на Бога Му угоди; Радувај се, зашто дар исцелителски од Него прими; Радувај се, зашто тој дар во полза на ближните го пројави; Радувај се, зашто болести секакви исцелуваш; Радувај се, зашто во неволјите олеснување даруваш; Радувај се, зашто страдањата во радост ги претвораш; Радувај се, зашто сите исцеленија во слава Божја ги правиш; Радувај се, зашто со нив вистината на верата православна ја покажуваш; Радувај се, зашто така да го славословиме Бога нé поттикнуваш. Радувај се, Трифуне, брзи помошнику на сите што со вера и љубов ти пристапуваат.
Кондак 3
Со вера и љубов доби од Бога власт да ги изгонуваш духовите нечисти, кои ги измачуваат луѓето и ги одвраќаат да Му воспеваат на Бога: Алилуја.
Икос 3
Кога ја видоа силата твоја, свет маченику, дарувана од Бога, се здадоа да бегаат демоните од кои без опседнати бесомачните. Тие што го видоа тоа, те воспеваа вака: Радувај се, ти кој од Бога прими власт врз духовите нечисти; Радувај се, ти кој со силата Божја нив ги изгонуваш; Радувај се, ти кој на врагот човечки му забрануваш да им напакостува на луѓето; Радувај се, зашто сплетките на ѓаволот и на ангелите негови ги разобличуваш; Радувај се, ти кој силата нивна ја уриваш; Радувај се, зашто си нивно безсилие; Радувај се, ти кој во страв и трепет нив ги ничкосуваш; Радувај се, зашто силата на верата Христова ја покажуваш; Радувај се, зашто верниците да го прославуваат Бога ги воздигнуваш; Радувај се, зашто несреќните и скрбните застапништвото на светителите да го бараат ги поучуваш; Радувај се, ти кој во насушните потреби наши на Бога да Му се обраќаме нé насрчуваш; Радувај се, помошнику наш, зашто Бог ни те дарува! Радувај се, Трифуне, брзи помошнику на сите што со вера и љубов ти приоѓаат.
Кондак 4
Сакајќи со тебе да ги обрати јазичниците од патот на безбожието и да им го открие вистинскиот пат, кој води во Живот Вечен, и вистинската вера, верата православна, дури до Рим од Кампсада те доведе Господ, та и во палатите царски Бога да го проповедаш и мнозина да ги научиш да Го слават: Алилуја.
Икос 4
Господ, Кој сакаше да обрати многумина кон патот на спасението, му допушти на демонот да се всели во царската ќерка, и жестоко да ја мачи и да ја фрла многупати во оган и вода. Лекарите никако не успеваа и со ништо не можеа страдањата на царската ќерка да ги ублажат. Кога и најпрочуените, кои секакви лекарски вештини знаеја, ништо не смогнаа и ја признаа немоќта своја, тогаш со заповед Божја прозборе ѓаволот оти има еден кој може него да го изгони, а тој е Трифун. Тогаш ревносно бараа и го најдоа него во Кампсада. Одејќи ти накај него и уште кога далеку од Рим беше, со глас моќен се провикна ѓаволот и излезе, и оздраве девицата. Оние што го видоа тоа, се восхитуваа и велеа: Радувај се, Трифуне, кој уште од далечина ѓаволот во бегство го натера; Радувај се, зашто ѓаволот безсилието свое пред тебе го призна; Радувај се, брзи помошнику на оние што ти се молат; Радувај се, со сила Божја исцелителу на болестите; Радувај се, ти кој оставените од лекарите во свои раце ги преземаш; Радувај се, ти кој тагата во радост ја претвораш; Радувај се, ти кој на натажените утеха и на несреќните радост им праќаш. Радувај се, Трифуне, брзи помошнику на сите што со вера и љубов ти пристапуваат.
Кондак 5
Го видоа верниците кои беа во Рим чудото што стана со твоето доаѓање, се укрепија во верата своја и на Бога, Кој ја победи адската змија и на оние што веруваат во Него им подари таква сила, Му воскликнаа: Алилуја.
Икос 5
Да се уверат сакајќи дека ти си Свети Трифун кого го доведоа во Рим, дека ти си тој од кого се уплаши демонот, те замоли императорот Гордијан да му го покажеш и нему и на сенатот негов и на луѓето ѓаволот во телесен облик, и ти не одби, ами им наложи на сите пост и Му се молеше на Господа шест дни. Во седмиот ден, пак, пред царот, пред сенатот и пред луѓето што дојдоа, викна: "Тебе ти зборувам, духу нечист, во името на Исус Христос, мојот Господ, појави се и покажи им го својот демонски лик на сите што се овде и безсилието свое признај го..." И така би. И ја видоа сите грдотијата демонска и í се восхитуваа на верата на светителот пеејќи: Радувај се, Трифуне, зашто демоните не може да не те послушаат; Радувај се, Трифуне, зашто по твојата заповед духовите нечисти во телесен облик се јавуваат; Радувај се, Трифуне, зашто со силата Божја му нареди на ѓаволот да признае дека врз христијаните, кои светата православна и апостолска вера ја чуваат, никаква власт нема; Радувај се, Трифуне, зашто тебе ти беше објавено дека демоните имаат моќ да ги мачат само оние кои пред своите гревовни похоти потклекнуваат и дела угодни на ѓаволот му прават; Радувај се, Трифуне, зашто нé научи да бегаме од паганското нечестие; Радувај се, Трифуне, зашто ги учиш сите од секаков грев да се вардат, а во добродетели да се подвизуваат; Радувај се, ти кој нé поучуваш во верата православна цврсто да се држиме; Радувај се, ти кој им помагаш на оние што сакаат богоугодно да живеат. Радувај се, Трифуне, брзи помошнику на сите што со вера и љубов ти пристапуваат.
Кондак 6
Кога видоа како момче младо има власт на духовите на злото поднебесно да им наредува, мнозина се уплашија, и кога слушнаа од демонот и видоа со свои очи каква сила има верата Христова, се обратија кон Бога: безбожноста и другите заблуди свои ги отфрлија, се крстија и со устите свои од чисто срце со благодарност Му запеаја на Бога: Алилуја.
Икос 6
Царот ти се заблагодари и ти даде в раце, маченику, дарови и злато, а ти, кој Го стекна Христа Бога, никаква вредност не му придаде на она што во светот за богатство се смета, и ги прими даровите од царот за да им послужат на блиските твои, и отиде во својата родна Кампсада, сé им раздаде на сиромасите, на сираците и на сите што имаа насушна потреба, без престан споменувајќи си дека ако го раздадеш богатството земно и тлено, ќе се здобиеш со богатството на Небеси кое е нетлено и вечно. Ние, пак, кои од тебе научивме така да постапуваме, ти пееме: Радувај се, Трифуне, зашто покажа дека душата твоја му е туѓа на среброљубието; Радувај се, зашто милоста на душата своја секогаш ја пројавуваш; Радувај се, зашто ги нахрани питачите; Радувај се, зашто на сиромасите сострадание им покажа; Радувај се, зашто заповедта Христова "Дај му на оној што проси од тебе" ја исполни; Радувај се, зашто и нас нé научи заповедите Божји да ги исполнуваме; Радувај се, зашто со одењето свое во Рим и со враќањето во Кампсада мнозина утеши, охрабри и ги развесели; Радувај се, зашто ни покажа пример како со пропадливото богатство земно се придобива непропадливо богатство на Небеси; Радувај се, зашто нé научи на ближните да им служиме; Радувај се, зашто нé научи ближните да ги сакаме; Радувај се, зашто ни покажа пример на живот праведен; Радувај се, зашто верата во Бога, надежта во Него, љубовта кон Него и кон ближните и други христијански доблести самиот ни ги покажа. Радувај се, Трифуне, брзи помошнику на сите што со вера и љубов ти приоѓаат.
Кондак 7
Стапи на престолот римскиот безбожен цар Декиј, и се пролеа по вселената крв христијанска. Се наближи времето кога Господ дозволи и ти, свет маченику, да поднесеш страдање, со крвта и мачеништвото свое да ја запечатиш верата и големата своја љубов кон Бога и со тоа докрај да ги уништиш вражјите сили и да поучиш мнозина, та кога ќе ги измачуваат, да се радуваат како тебе, страдалнику, и да Му пеат на Бога: Алилуја.
Икос 7
Како што не може да се скрие град што на врв планина лежи, така и ти, свет маченику, не можеше да се скриеш од мачителите во прогонот од царот Декиј врз христијаните што се случи, зашто ти отворено и без страв Христа пред сите Го исповедаше, со силата на зборот мнозина кон Христа ги обрати и мнозина болни со името Негово ги исцели. Кога дозна за тебе, Свети Трифуне, намесникот Аквилин те зароби и пред суд те исправи; ти, пак, сé што ти се случуваше во рацете на Бога Му предаде, радувајќи се што и тебе Господ те удостои да бидеш соучесник во страдањата Негови, а верниците, кога ја видоа ревноста твоја кон Бога, ти пееја: Радувај се, Трифуне, зашто многумина до спасение ги доведе; Радувај се, зашто многумина од зловерие кон верата вистинска, православна ги обрати; Радувај се, зашто чудата твои со силата Божја направени, ги утврдија во верата оние што ја примија; Радувај се, зашто дејствената вера твоја во Бога во сета вселена на сите секогаш им се покажува; Радувај се, бессребрен лекару, зашто со силата Божја, како во древни времиња, така и сега секоја болест брзо ја исцелуваш; Радувај се, зашто си им надеж на оние од кои лекарите се откажале; Радувај се, зашто си им брза утеха на болните, кои исполнети со надеж, со молитва ти се обраќаат; Радувај се, зашто верата Христова бестрашно ја проповедаше; Радувај се, зашто неверниците заради проповедта на Христа Бога на мачење те изложија; Радувај се, зашто не се уплаши од мачењето што ти претстоеше; Радувај се, зашто нé научи од закани човечки да не се плашиме; Радувај се, зашто во сé цврсто на Бога се потпираше. Радувај се, Трифуне, брзи помошнику на сите што со вера и љубов ти пристапуваат.
Кондак 8
Кога слушна дека војниците те бараат, не се скри од нив, маченику, ниту во планините ниту во пустините, туку се вооружа со молитва и крст и храбро им се предаде на мачителите в раце и со радост голема се упати во Никеја, та на сите да им ја возгласиш верата вистинска и да продолжиш да Му пееш на Бога: Алилуја.
Икос 8
Кога намесникот те праша на судењето: "Кој си ти, каква е судбината твоја и која е твојата вера?", ти, без да се двоумиш, му одговори вака: "Трифун ми е името, роден сум во Кампсада, а судбини кај нас не постојат, зашто веруваме дека сé според Промислата Божја се случува. По вера, пак, христијанин сум, а Христос е и мојата сила, и мојата крепост, и слава, и радоста моја." Ние, кои ја слушавме оваа твоја исповед, те славиме, свети Трифуне, вака: Радувај се, зашто пред неправедниот суд смело се претстави; Радувај се, зашто оние што веруваат во Промислата Божја ги укрепуваш; Радувај се, зашто луѓето што животот свој на судбината í го препуштаат ги посрами; Радувај се, зашто нé научи во сé на Бога да се потпираме; Радувај се, зашто секогаш да Му бидеш служител на Христа исповеда; Радувај се, зашто со ова исповедание верниците ги зарадува; Радувај се, зашто така и од безбожните собори се оттргна; Радувај се, зашто пред измачувањата да го исповедаш вистинскиот Бог не се уплаши; Радувај се, зашто ја возљуби единствената вистина, Божествената; Радувај се, зашто лагата и таткото нејзин, ѓаволот, ги отфрли; Радувај се, зашто Христа своја потпора го именуваш; Радувај се, зашто Него своја крепост го нарекуваш. Радувај се, Трифуне, брзи помошнику на сите што со вера и љубов ти пристапуваат.
Кондак 9
Кога ја слушнаа твојата исповед, се разјарија нечестивите и ти се заканија со рани и измачувања. Ти, пак, маченику Трифуне, кој страдањата заради Христа за радост ги сметаше, без престан Бога со песна Го призиваше: Алилуја.
Икос 9
Кога многуречитиот Аквилин виде дека ти не се уплаши од заканите негови немилосрдни, небаре јагне кротко се престори сакајќи да те опрелести со ласкави зборови, но никако не успевајќи, пак волчјата крвожедност си ја покажа удвојувајќи ја суровоста своја. Ти, пак, цврст и непоколеблив остана со благодатта Божја, воздигнувајќи ги верниците да ти пеат: Радувај се, зашто заканите сурови не те заплашија; Радувај се, зашто од смртта телесна не се уплаши; Радувај се, зашто душата своја за православната вера да ја положиш не одби; Радувај се, зашто имаше ум совршен за да ја зачуваш вистинската вера во Единствениот Бог; Радувај се, зашто не кон земната, ами кон небесната мудрост се устреми; Радувај се, ти кој на намесникот, врагот твој, спасение му посака; Радувај се, ти кој се трудеше вистинскиот Бог мачителот твој да го спознае; Радувај се, слаткогласен проповеднику Христов; Радувај се, христијанину од Христа возљубен; Радувај се, ти кој страдањата доброволно ги прифати; Радувај се, ти кој маките заради Христа како сокровиште ги посака; Радувај се, зашто кога сурово те измачуваа, со Божествена светлина се озари. Радувај се, Трифуне, брзи помошнику на сите што со вера и љубов ти пристапуваат.
Кондак 10
Кога те слушна како велиш дека оние што не ја исповедаат вистинската, православната вера ќе ги снајде огнот неизгаслив, се разгневи Аквилин мошне и заповеда, свети Трифуне, да те обесат и така да те бичуваат, а ти, пак, во оваа заповед го слушна гласот Господов Кој те повика на страдалнички подвиг и му воскликна на Бога: Алилуја.
Икос 10
Како свеќа со оган што се разгорува, така во душата твоја, свети Трифуне, се разгоре љубов кон Него Кој те возљуби, и кога ја слушна заповедта од намесникот, самиот си ја слече ризата и им го предаде телото на мачителите в раце, да му направат сé што ќе нареди тој. Кога ја видоа таквата твоја ревност кон Бога, сите верници говореа: Радувај се, ти кој со радост се подготви да ги примиш раните заради Христа; Радувај се, ти кој ризата своја ја слече заради некогаш соблечениот поради гревовите наши Искупител; Радувај се, ти кој себеси на мачителите в раце доброволно им се предаде угледувајќи се на Христа; Радувај се, ти кој од нив врзан и обесен беше за да те мачат; Радувај се, зашто заради Христа удари лути поднесе; Радувај се, зашто цели три часа немилосрдно тепање издржа; Радувај се, ти кој измачуван беше, а ниту глас ниту лелек пушти; Радувај се, зашто бичување, окови, рани, жестокост и други севозможни страдања поднесе; Радувај се, ти кој молчејќи ги прими ударите од кои во крв се разрани телото твое; Радувај се, ти кој со страдањето свое силата Божја ја прослави; Радувај се, зашто со трпението свое мачителите ги посрамоти; Радувај се, зашто со подвигот свој христијаните ги ободри. Радувај се, Трифуне, брзи помошнику на сите што со вера и љубов ти пристапуваат.
Кондак 11
Кога го видоа трпението и подвигот твој, свети Трифуне, уште пак и нескршливата цврстина твоја, луѓето што беа тука го прославија Бога, Подвигоположникот Христос, пеејќи Му: Алилуја.
Икос 11
Како карпа цврста и непоколеблива те виде нечестивиот судија, но не Го прослави Бога, Кој ти ја дарува таа крепост, туку дури се потруди да те придобие, со ласкање и со страв од смртта, да им принесеш на бесовите жртва. А ти, свет маченику, пред сите гласно ја исповедаше верата Христова и го разобличи безумието на прогонителите и ја покажа мудроста на оние што во Христа веруваат; намесникот, пак, измислувајќи ти инакви мачења, заповеда од столбот да те симнат и те врза за својот коњ за да те повлече по себе. Ние, пак, се трудиме страдањата да ги прославиме твои: Радувај се, зашто со раскрвавено тело зад коњот брзо те влечеа; Радувај се, зашто цибрината зимска ја издржа; Радувај се, зашто нé учиш во скрбта земна умот свој кон Бога да го устремиме; Радувај се, зашто нé поучуваш во овој свет студен со љубовта кон Бога да се топлиме; Радувај се, зашто со дело ни покажуваш како не треба минливите страдања земни со ништо да ги замениме; Радувај се, зашто си исполнет со љубов и милосрдност кон сите луѓе; Радувај се, зашто заради таа љубов за непријателите молитви кон Бога вознесуваше; Радувај се, зашто одново во темница фрлен и во заточеништво страшно измачување и болки претрпе; Радувај се, зашто јасно покажа дека и најмачните страдања земни не се ништо ако во Бога се верува и ако заради Него се поднесуваат теглила и рани; Радувај се, зашто на отсекување на главата своја со радост отиде и пред отсекувањето душата своја света Му ја предаде в раце на твојот Бог, заради Кого сите свирепости ги прими; Радувај се, зашто пред да ти ја отсечат главата, се молеше за секого што ќе те спомене и што ќе принесе жртва за твојата светла памет, Господ да го услиша и секоја просба да му ја исполни; Радувај се, зашто по успението, преку видение заповеда да те погребаат во родниот крај и така и нас нé научи родината да си ја сакаме. Радувај се, Трифуне, брзи помошнику на сите што со вера и љубов ти пристапуваат.
Кондак 12
Не им беше само на земјата, свет маченику, застапник и закрилник на сите на кои им беше потребна твојата помош, ами и по смртта не престана да ги избавуваш од неволји оние што со вера и љубов ти се обраќаа, како што го избави од царскиот гнев болјаринот Трифун, кога ненадејно му се појави на коњ и му го покажа одлетаниот царски сокол. А тој, пак, на местото каде што ја доби твојата помош, како благодарност дека го избави ти подигна свет храм што го носи твоето име, маченику Трифуне. Ние, пак, кои си спомнуваме на твоите добрини, Му вознесуваме на Бога благодарствена песна: Алилуја.
Икос 12
Ги опеваме твоите најразлични чудеса, твојата восхитувачка и брза помош, зашто никого кој усрдно ти се обратил со вера, љубов и надеж никогаш не си го отфрлил, туку сите што ти приоѓаат и пред светата икона твоја смирено те молат, од ненадејни несреќи и маки ги избавуваш, а другото време од животот кон доброто ги насрчуваш, од болести ги лекуваш, тагата им ја згаснуваш и кој во неволја и мака ти се обраќа - помош и олеснување му даруваш, та затоа со благодарност вака те восфалуваме: Радувај се, зашто молитвите и просбите наши ги примаш; Радувај се, ти кој пред престолот Божји за нас се молиш; Радувај се, ти кој од Бога милост за нас без престан испросуваш; Радувај се, ти кој си наше несомнено избавување од неочекувани несреќи и зла; Радувај се, ти кој си брзо прибежиште наше од несреќите и нападите што нé навасуваат заради гревовите наши; Радувај се, ти кој ги избриша солзите наши од мака пролеани; Радувај се, ти кој секоја наша тага ја згаснуваш; Радувај се, зашто секој што пред твојата света икона застана без помош од неа не остана; Радувај се, зашто секој што те побара под закрила и застапништво свое го прими; Радувај се, ти кој си брзо исцеление на оние кои се за здравје страдни; Радувај се, ти кој си брзо и бессребрено исцеление на оние што лекарите ги отфрлиле и заради неизлечиви и тешки болести смртта си ја чекале; Радувај се, зашто и сега си, како и порано, кога беше жив, непресушен извор на неброени и најразлични чудеса. Радувај се, Трифуне, брзи помошнику на сите што со вера и љубов ти приоѓаат.
Кондак 13
О свет маченику Трифуне! Прими ја оваа наша мала, но од благодарни и љубов полни срца просба што ти ја принесуваме, вознеси ги кон Господа Бога топлите твои молитви за нас недостојните: болните исцели ги, ужалените утеши ги, заблудените вразуми ги, на несреќните помогни им и сé што ни треба за здравје телесно и за спасение душевно измоли од Бога Штедродавецот, а најмногу, пак, избави нé од лукавите бесови, та помнејќи ја секогаш твојата чудесна закрила, да го прославиме Бога Кој ни дарува ваков молитвеник, исцелител и чудотворец и да Му воскликнеме: Алилуја.
(Овој кондак се чита трипати, потоа Икос 1 и Кондак 1)
МОЛИТВИ КОН СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТРИФУН
Молитва прва
О свет маченику Христов Трифуне, брз помошнику и брзопослушен застапнику на сите што тебе ти се обраќаат и се молат пред светата икона твоја! Услиши ги сега и во секој час просбите од нас, недостојните слуги твои, кои го почитуваат светиот спомен твој во овој сечесен храм, и застапувај нé пред Господа на секое место. Зашто ти, угоднику Христов, кој со големи чудеса заблеска и кој им даруваш исцеление на оние што итаат кон тебе со вера и ги застапуваш оние на маки што се, самиот си се ветил пред исходот твој од овој минлив живот да се молиш за нив на Господа и си го испросил од Него овој дар: ако некој има каква било потреба, ако е во тага и болест душевна или телесна, и ако почне да го повикува името твое, избавен да биде од секоја понуда на злото. И како што некогаш ја исцели царската ќерка во градот Рим, која ја измачуваше ѓавол, така и нас од подлите негови сплетки исчувај нé во сите дни од животот, а најмногу во денот на нашата последна издишка застапувај се за нас. Биди ни тогаш помошник и брз прогонител на лукавите духови, и кон Царството Небесно предводник. И бидејќи ти сега со светиите до Престолот Божји стоиш, моли Го Господа да нé удостои и нас да бидеме сопричесници на вечното веселие и радост, и со тебе заедно да Го прославуваме Отецот и Синот и Светиот Дух Утешител во вечни векови: Амин.
Молитва втора
О свет маченику Христов Трифуне, услиши ги сега и во секој час молитвите наши, на слугите Божји (имињата кажете ги) и застапувај се за нас пред Господа. Ти некогаш си ја исцелил ќерката царска, која во градот Рим од ѓавол измачувана била: така и нас од лукавите негови стапици исчувај нé во сите дни на животот, а најмногу во денот на последното издивнување наше застапувај се за нас. Моли Го Господа да ни даде чест и нам сопричесници да бидеме во вечната веселба и радост, та со тебе заедно да се удостоиме да Го славиме Отецот и Синот и Светиот Дух Утешител во вечни векови. Амин.
Comments
Post a Comment
Напиши коментар