Недела на Страшниот суд (Месопусна)

Недела на Страшниот суд (Месопусна)



Оваа недела вниманието на Црквата е свртено кон Евангелието за Судот Божји (Мт. 25, 31-46) на кој што недостигот на дела на љубов ќе нѐ покаже виновни пред Бога. Ден претходно, во саботата месопусна си спомнуваме за сите претходно упокоени отци и браќа наши. Во деновите што следат по оваа недела (по 19 февруари), од трпезата го отстрануваме месото. Во среда и петок јадеме млеко и јајца.


Воведни напомени


 Месопусна недела (наречена уште и «Недела на Страшниот Суд») се нарекува „месопусна“ бидејќи после неа, за време на сите денови кои следат (до Пасха) Црквата пропишала ограничен пост – воздржување од месо. Оваа недела е третата подготвителна недела од Посниот Триод, литургиска книга која се користи за службите во Великиот Пост. Неделата на Страшниот Суд следи по Неделата на блудниот син, а пред Прочка.

Неделата месопустна се нарекува и Недела на Страшниот суд, според литургиското Евангелие кое се чита тој ден (Матеј 25,31-46). Во месопустната сабота, која се нарекува и Сабота на вселенските родители, Црквата си спомнува за сите упокоени од Адама до денес, кои на Бога Му служеле верно, отци и браќа наши, и за сите наши ближни и роднини, за секој човек. И соодветно, Црквата проси за сите нив добар одговор на Страшниот Суд, и радосно добивање на десната страна од Него, за оние кои се покажале достојни за Царството Негово.

По своето човекољубие, во месопустната сабота Црквата особено се моли за оние кои што се упокоиле и биле погребени без соодветна црковна молитва: кои не ги добиле „востановените псалми и песни за спомен“, оние кои „вода ги покри, бранови ги однесоа, земјотрес ги покри, и убијци ги убија, и оган ги изгори“. Се моли и за оние кои надвор од својот разум ги завршиле своите животи, оние кои ненадејно се упокоиле „од мака и радост ненадејни“, и оние на кои не им се знае крајот.

Мислите за крајот на нашиот живот, при споменувањето на упокоените ги отрезнуваат нашите души, душите на нас кои забораваме на вечноста, а душата ја прилепуваме кон телесните и минливи нешта.

Месопустната недела е посветена на сеќавањето на сеопштиот последен и Страшен суд на живите и мртвите (Матеј 25,31-46). Ова сеќавање е неопходно, за луѓето кои грешат да не се предадат на безгрижност и мрзеливост за своето спасение во надежта на неизреченото милосрдие Божјо. Во стихирите и тропарите на службата за оваа Недела, Црквата ги изобразува последиците од беззакониот живот, кога грешникот ќе застане пред [за него] непријатниот Суд Божји.

Спомнувајќи си за последниот Суд Христов, Црквата истовремено го покажува и вистинскиот смисол на самата надеж на милосрдноста Божја. Бог е милосрден, но Тој е и праведен Судија. Во богослужбените песнопеења Господ Исус Христос се нарекува правосудлив, а Неговиот Суд – праведен и непоткуплив. И закоравените грешници, и оние кои својата надеж ја полагаат на милосрдието Божјо, треба да бидат свесни за духовната одговорност за својата морална состојба, додека Црквата со сета своја служба тој ден се стреми да ги насочи кон осознавање на нивната огревовеност.

На какви дела на покајание и исправување на животот се обрнува особено внимание? Пред сè и воглавно, на делата на љубовта и милосрдието, затоа што Господ ќе го произнесе Својот Суд воглавно по делата на милосрдието, кои притоа биле возможни за секого; секако, неспомнувајќи ги другите добродетели, кои не биле исто достапни за секого подеднакво. Никој од нас не може со право да рече дека не може да му помогне на гладниот, да го напои жедниот, да го посети болниот. Овие дела на милоста својата вредност ја имаат тогаш, кога тие се пројавувања на љубовта која владее во срцето, и е соединета со духовните дела на милоста, преку кои им помагаме на ближните.



Евангелие и Апостол



Евангелието кое се чита оваа недела се сеќава на Христовата парабола за Страшниот Суд (Матеј 25,31-46). Ова Евангелие ја надополнува сликата која се создава со Евангелијата од претходните недели, и поучува дека не е доволно да се види Христос, да се видиме себе си какви сме и да се вратиме во домот на Бога како блудни синови. Напротив, Црквата учи дека дополнително, секој од нас треба да биде син Божји преку следењето на Христа , Неговиот Единороден Син, и воочувањето на страшната вистина дека Христос е во секој од нас, и Му служиме преку ближниот.

Спасението и Страшниот Суд ќе зависат од делата на луѓето, не од нивните намери. Сета побожност и молитва се насочени кон целта да Му се служи на Христос преку неговите верни.


Верните слушаат:


Свето евангелие според светиот апостол Матеј

25:31-46


А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја,

и ќе се соберат пред Него сите народи; па ќе ги оддели едни од други, како што овчарот ги одделува овците од козите;

и ќе ги постави овците од Својата десна страна, а козите од левата.

Тогаш Царот ќе им каже на оние што Му се од десната страна: »Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот;

оти, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте;

необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене.«

Тогаш праведниците ќе Му одговорат и речат: »Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме, или жеден и Те напоивме?

Кога Те видовме странец и Те прибравме, или необлечен и Те облековме?

Кога Те видовме болен, или во затвор, и Те посетивме?«

А Царот ќе им одговори и рече: »Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле.«

Тогаш ќе им каже и на оние што се од левата страна: »Одете од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и неговите ангели.

Зашто, гладен бев и не Ми дадовте да јадам; жеден бев и не Ме напоивте;

странец бев и не Ме прибравте; необлечен бев и не Ме облековте; болен и во затвор бев и не Ме посетивте.«

Тогаш и тие ќе Му одговорат и речат: »Господи, кога Те видовме гладен, или жеден, или странец, или необлечен, или болен, или во затвор, и не Ти послуживме?«

Тогаш ќе им одговори и рече: »Доколку не сте го направиле тоа на еден од овие најмали браќа и Мене не сте Ми го направиле.«

И тие ќе отидат во вечна мака, а праведниците – во живот вечен.”

 


Апостол – Прво послание на светиот апостол Павле до Коринтјаните

8:8-13;9:1-2


Храната не нe приближува кон Бога, оти ниту што добиваме, ако јадеме, ниту нешто губиме, ако не јадеме.

Но пазете се, пак, таа ваша слобода да не стане некако соблазан за слабите.

Зашто ако некој те види тебе, што знаеш, како седиш на трпеза во идолопоклонички храм, нема ли неговата совест, бидејќи слаба, да се одлучи, та и тој да јаде идолски жртви?

И при твоето знаење ќе загине немоќниот браат, за кого умрел Христос.

И така, грешејќи против браќата и ранувајќи ја нивната слаба совест, вие грешите против Христа.

Затоа, штом храната го соблазнува мојот брат, тогаш нема никогаш да јадам месо, за да не го соблазнувам својот брат.

Не сум ли јас апостол? Не сум ли слободен? Не Го видов ли Исуса Христа, нашиот Господ? Не сте ли вие мое дело во Господа?

Ако на други не сум апостол, но на вас сум, бидејќи печатот на моето апостолство сте вие во Господа.

 


Химнографија


 



Кондак

глас 1


Кога ќе дојдеш на земјата со слава, Боже,


сета твар ќе затрепери, река огнена пред судот тече,


книгите се отвораат, и тајните се откриваат.


Тогаш избави ме од неизгасливиот оган и удостој ме


од Твојата десна страна да застанам, Судијо најправеден.


Егзапостилар


Помислувајќи на страшниот ден на судот сосема треперам,


Господи, и тресејќи се, со страв викам:


Кога ќе дојдеш на земјата со слава да судиш сѐ,


Христе Боже, избави ме од секакво измачување, Владико,


Ти Кој ме удостои да застанам десно од Тебе.



Синаксар во саботата месопусна




 Не спомнувај ги гревовите на умрените, Слове, Твоето милостиво срце да не држи лутина.


Во овој ден божествените оци озаконија да се прави помен на сите од века благочестиво упокоени луѓе, од следниве причини: прво, бидејќи има луѓе кои предвреме се упокоиле во туѓина, во мориња и непроодни гори, стрмнини и јами, во несреќи и од глад, пожари, ледови, бури и мразеви, и претрпеа и други видови смрт, како и други луѓе сиромашни и немоќни кои не биле придружени со потребните црковни молитви, божествените оци, научени од свештените апостоли, и движени од човекољубие, определија соборно да се прави заеднички помен, покажувајќи со тоа дека починатите имаат полза од молитвеното посредување на Црквата.


Второ, бидејќи наредниот ден (недела) е посветен на Второто Христово пришествие, погодно е да се прави помен и за душите на починатите, молејќи Го страшниот Судија да биде милостив кон нив. Во оваа недела се потсетуваме и на изгонувањето Адамово од рајот. Споменувањето на Страшниот суд има уште за цел да ни ја претстави сликата на Судот, за да покаже дека постот е богоугодно дело. Во сабота правиме помен за душите уште и затоа што сабота на еврејски значи покој, одмор. Оттука и секоја сабота е ден определен за спомнување на умрените, а во оваа сабота, пак, правиме заеднички (соборно) помен, молејќи се за секој благочестив. Затоа божествените отци, знаејќи дека правењето помени за умрените, односно милостините и службите, донесува големо олеснување и полза, откако го примиле тоа од апостолите, ова и го довериле на Црквата. За ова зборува и Дионисиј Ареопагит и многу други – дека починатите имаат полза од молитвите и давањето милостина за нив. За ова дознаваме и од кажувањето на свети Макариј (Велики): имено, некој нечестив Елин, одејќи, на патот нашол еден сув череп и го прашал: „Дали во адот имаат некакво чувство на утеха!” Тој одговорил дека тие имаат големо олеснување кога некој се моли за нив. Свети Григориј Двоеслов, со својата молитва го спаси царот Трајан, но од Бога го слушна и тоа дека никогаш повеќе да не се моли за безбожник. Според кажувањата, и царица Теодора го спаси од маките проколнатиот цар Теофил, по молитвите на светите исповедници. За тоа дека умрените имаат полза од добрите дела направени за нив зборува и свети Григориј Богослов, во надгробното слово на неговиот брат Кесариј. И свети Јован Златоуст, во своето толкување на Посланието до Филипјаните, вели: „Да помислиме на ползата што ја имаат оние што си заминале (од овој свет); да им ја дадеме потребната помош, односно милостината и приносите, бидејќи тоа им носи големо олеснување, добивка и полза. Всушност, оваа одлука не е донесена ниту случајно ниту попусто од страна на семудрите ученици (апостолите) и е предадена на Црквата Божја, односно, дека за време извршувањето на страшните тајни (Литургијата) свештеникот да ги споменува оние што се упокоиле со вера”. И уште: „Во упатаствата што им ги даваш на твоите деца, како и на другите наследници на твоето семејство, нека има од тебе еден запис, со името на судијата, и во него да не отсуствува сеќавањето на бедните, а јас ќе бидам жирант”. И свети Атанасиј Велики вели: „Ако некој што е набожен починал и веќе е расеан во воздухот, не престанувај да палиш кандило и свеќи на неговиот гроб, призивајќи Го Христа Бога, бидејќи тоа му е благопријатно на Бога и надоместува многу давања. Ако умрениот е грешен, ти ќе придонесеш да му се простат гревовите. Ако бил праведен, наградата ќе му биде зголемена. Ако станува збор за туѓинец и е сиромав, и нема кој да се грижи за него, тогаш Бог, Кој е праведен и човекољубец, ќе се погрижи за него, бидејќи Он својата милост ја покажува кон секого, според потребата. Впрочем, и оној што принесува дарови за таквите, учествува во наградата, бидејќи покажува љубов за спасението на ближниот, како што и оној кој друг помазува со миро, прави од самиот него да излегува благопријатен мирис, а оние што не го прават тоа, ќе бидат судени при Второто Христово пришествие”. Сè што правиме за починатите, па и најмало добро, тие имаат полза од тоа, како што велат божествените отци, особено оние што не направиле многу додека биле меѓу живите. Ако во Светото писмо и има некои работи што служат како предупредување за мнозина (а тоа е неопходно), сепак во повеќето случаи Божјото човекољубие победува, бидејќи, ако вагата на добродетелите и на пороците дојде до израмнување, тогаш победува човекољубието. Ако мерката на лошите дела малку и натежне, сепак победува врвната добрина. Нека се знае дека таму сите се знаат меѓусебе, било да станува збор за познанства, или никогаш да не се виделе, како што вели божествениот Златоуст, толкувајќи ја параболата за богатиот и за Лазар. Сепак, тие нема да се препознаваат според телесниот изглед, бидејќи сите ќе бидат на иста возраст, а природните познанства на секого ќе исчезнат за сметка на еден многу поостроумен поглед на душата, како што вели свети Григориј Богослов во своето надгробно слово за Кесариј: „Тогаш ќе те видам, светол и славен како што ми се јави на сон многупати, најсакан брату мој Кесариј”. А Великиот Атанасиј, иако не зборува вака во словата до кнезот Антиох, во словата за упокоените вели дека, се до Општото воскресение, на светите им се даде еден-друг да се познаваат и заедно да се веселат; грешните, пак, и од тоа се лишија. А на светите маченици им се даде да го надгледуваат и она што ние го правиме и да не посетуваат. Тогаш, пак, сите еден-друг ќе се познаат, и скриените нешта на сите ќе се откријат. Треба да се знае и тоа дека сега душите на некои починати светии се на едно место, а на грешните на друго: првите радувајќи се со надеж, другите, пак, тагувајќи, бидејќи и самите светии се уште не ги примиле ветените добра, како што говори божествениот апостол: „Бог предвидел за нас нешто подобро, за да не можат без нас да се усовршат”. Треба да се знае и тоа дека не сите кои паднале во јами, во оган, во море, несреќи, студови и глад, по заповед Божја, страдаат: ова се Божји судови, од кои едни се по Божјо благоволение, други по Негово допуштање, а трети заради предупредување и поука. Впрочем, Бог во Своето предзнаење знае сè, познава сè, и тоа се случува по Негова волја, како што вели светото Евангелие во врска со птиците. Ова се случува вака, не затоа што Он предодредил да биде така, освен во некои случаи, ниту пак дека тоа станува случајно, ако некој се удави, друг умре како старец или како дете, туку Он еднаш засекогаш го определил соборното време на човекот, како и толкуте видови на смрт. Во толкуте овие времиња, внатре, различните видови смрт се случуваат не затоа што Бог така определил однапред. Иако Он го знае животот на секој поединец, советот Божји го скратува и времето и видот на смртта. Но за тоа дека постои некакво предодредување за животот, свети Василиј гледа некаква алузија за тоа во зборовите: „Земја си и пак во таа земја ќе отидеш”. За тоа сведочи и апостолот кога им пишува на Коринтјаните: „Поради тоа што се причестувате недостојно, меѓу вас има мнозина болни и немоќни и некои спијат, односно мнозина умираат”. И Давид говори: „Не земај ме на половината од моите денови” и „Си ги измерил моите денови”. А Соломон: „Сине, почитувај ги таткото и мајката за да живееш долго”. Или уште: „Да не умреш предвреме”. И во книгата на Јов, Бог му вели на Елифас: „Јас би ве истребил, да не е мојот слуга Јов”. Тоа покажува дека животот не е ограничен. Ако, пак, некој вели така, тоа за мене значи дека границата доаѓа од Бога, од Неговата волја, бидејќи Он тогаш некому додава, а некому одзема, уредувајќи сè и секому според негова потреба. А кога Бог сака, го уредува и времето и начинот на смртта. Значи, границата на животот на секого е волјата и советот Божји, како што вели свети Атанасиј: „Со овој збор и со длабочината на Твоите судови, Христе, Ти исцелуваш”. А Василиј Велики: „Смртта настапува кога ќе завршат пределите на животот, а ние за предел (граница) на животот ја сметаме волјата Божја”. Оти, ако постои предел (граница) на животот, зошто тогаш Го молиме Бога, а и лекарите, и се молиме за децата? Треба да се знае и ова, дека крстените деца се насладуваат во рајот, додека некрстените и децата на паганите нема да одат ниту во рајот, ниту во пеколот. Кога душата излегува од телото, таа повеќе не се грижи за овдешни работи, туку за работи од оној свет. Ние правиме помен на починатиот во третиот ден, затоа што во тој ден човекот го менува изгледот. Во деветтиот ден – затоа што во тој ден се распаѓа телото, освен срцето; а во четириесеттиот – затоа што се распаѓа и срцето. Така станува и при раѓањето на човекот: Во третиот ден се оцртува срцето, во деветтиот ден се формира телото, а во четириесеттиот ден се изобразува конечниот облик. Поради тоа, Владико Христе, упокој ги душите на починатите раби Твои во места каде што почиваат душите на праведниците, а нас помилуј нè, како Единствен Бесмртен. Амин.



Игумен Петар Миштеринов


Најкратката проповед во Неделата на Страшниот суд


 Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Каква среќа што ќе ми суди Бог, а не луѓето.

Амин.


Извор: mpcaus.org

Comments