Да бидеме како Господ кротки и понизни...
Да бидеме како Господ кротки и понизни
Кога Господ го напушти храмот, отиде во куќата на Симон и таму ја исцели неговата баба. И на зајдисонце, сите, што имаа болни од разни болести, ги доведуваа при Него; а Он, возлагајќи раце над секого од нив, ги исцелуваше.
Од мнозина излегуваа бесови со викање, и велеа: „Ти си Христос, Син Божји!” А Он забрануваше и не им позволуваше да кажуваат, оти знаат дека е Он Христос.
(Лк. 4, 40-41).
Не само што Христос овде забранува неговите чуда да бидат познати на сите, тоа го среќаваме многупати во Евангелието, гледаме дека во скоро сите случаи Господ постапувал така. Зошто?
Ова ни го објаснува Евангелистот Матеј: за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели:
Ете Го слугата Мој, Кого Го избрав, Мојот возљубен, што е по волјата на Мојата душа. Ќе го положам Духот свој над Него и на народите ќе им објави суд;
нема да се кара, ниту ќе вика, и никој нема да го чуе гласот Негов по раскрсниците.
Трските прекршени нема да ги докрши, ниту запалените светила ќе ги угасне, дури не го изведе судот кон победа.(Мт. 12,17-20).
Затоа Господ е модел на кротост и смирение. Оној кој е Вистинскиот Бог, Бог Словото, слезе од небесата и стана човек, беше толку смирен што меѓу луѓето нема понизен од Него. Но Сам Себе се понизи, откако зеде обличје на слуга и се изедначи со луѓето;и по вид се покажа како човек(Фил. 2:7).
Живееше како роб меѓу нас и ни даде пример на понизност. Христос вели: и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши (Мт. 11, 29).
Ако сакаме да најдеме одмор за нашите души, мора да бидеме како Него кротки и понизни. Зошто Христос не дозволил неговите чуда да бидат објавени? Затоа што беше понизен, затоа.
Тој беше целосно туѓ на суетата, не сакаше да го фалат и не бараше слава од луѓето.
А ние, што правиме? Нели секогаш бараме од луѓето слава и пофалби? Нели сме полни со гордост? Кој од нас се обидува да ги сокрие своите добри дела, како што направи Господ Исус Христос?
Кој ја презира човечката слава и бара слава само од Бога? Ретко кој. Речиси сите од нас ја имаат оваа страст. Многу е тешко да се ослободите од суетата. Од тоа се ослободуваат само Светителите. Сите ние, почнувајќи од мене, сме полни со гордост.
Свети Лука Кримски
Comments
Post a Comment
Напиши коментар