Акатист на Свети Јоаникиј Ракотински

Акатист на Свети Јоаникиј Ракотински


Кондак 1
Избран и прекрасен отче наш Јоаникие, минувајќи го преподобно твојот живот, со постот како нов пустиножител се покажа, а со молитвите како телесен ангел заблеска. Оставајќи го светот, кон Христа се прилепи и со сострадална љубов духот го распна. Очистувајќи го срцето, гревот го победи и како чудотворец се објави, затоа и ние ти повикуваме: Радувај се, преподобен отче Јоаникие, ракотински чудотворче!

Икос 1
Ангелоподобен од мајчина утроба се покажа, подобен на оној што е најголем помеѓу родените од жена. Јован се нарече, и подвигот Претечев на рамо го понесе. Како тивок ветер од пустината на животот се појави, и спасението на родот наш го предвести. Повторно од Охрид духовна просвета се роди и радост небесна се објави. Восхитени од чудесната промисла Божја, Јоаникие, ти пееме вака:
Радувај се, телесен ангелу!
Радувај се, на Рајот жителу!
Радувај се, на сопственото срце пустиножителу!
Радувај се, на трпението апостолу!
Радувај се, светило што во духовен мрак свети!
Радувај се, ветру што за љубовта во Бога пееш!
Радувај се, духовни нечистотии миеш!
Радувај се, телесни похоти скротуваш!
Радувај се, претечо на духовната обнова!
Радувај се, предвеснику на нашето исцеление!
Радувај се, преподобен отче Јоаникие, ракотински чудотворче!

Кондак 2
Од мудроста на свети Климент напоен, и со монашката ревност на свети Наум задоен, Бог од Охрид те изведе и кон север, во Скопје те доведе. Оттаму посака Нему да Му служиш и на родот Негов утеха да му пружиш. Занемени од Божјата љубов што кон тебе се изли, низ солзи и ние кон Христа пееме: Алилуја!

Икос 2
Како некогаш богобојазливиот старец Никодим, така и сега преподобниот Јоаникиј преку молитвата со Христа тајно беседи. Жеден за вечноста, од суетата на светот се откажа и секоја земна наслада како ништожна ја покажа. Монашки подвиг возљуби и светот го отфрли. Не наоѓајќи збор во својата уста, преподобен отче, за твојата ревност да ја воспееме, тивко говориме:
Радувај се, охридски мудрецу!
Радувај се, ракотински пустинику!
Радувај се, минливите задоволства ги презре!
Радувај се, повикот на љубовта го возљуби!
Радувај се, Христов собеседнику!
Радувај се, на ангелите сослужителу!
Радувај се, на спасителниот закон исполнителу!
Радувај се, нов Христов проповеднику!
Радувај се, на народот наш утешителу!
Радувај се, огнен молитвенику!
Радувај се, преподобен отче Јоаникие, ракотински чудотворче!

Кондак 3
Христа до крај Го возљуби и откако светот го остави, во Нерези над Скопје, кон љубовна средба со Бога побрза. Во манастирот на славниот исцелител Пантелејмон, исцеление за душата своја пронајде, и во тајните на третото небо прозре. Името на великот Јоаникиј го понесе, и во подвигот на големите пустиножители рамен се покажа. Зачудени од твојот подвиг, Бога Го славиме: Алилуја!

Икос 3
Монах смирен, на ангел подобен. Во послушанието прв, во смирението најбрз. Кроток по срце, свет по душа. Најмал во потстригот, најголем во подвигот. Тивкиот Јоаникиј со мудрост божествена хранет и од убавината на горниот Ерусалим насладуван, кон Бога се искачува и утеха за сите станува. И ние сега, прекрасниот подвижник, со песни непрестајни го славиме и смирено говориме:
Радувај се, смирен страдалнику!
Радувај се, тивок подвижнику!
Радувај се, Христов тихувателу!
Радувај се, небесен патнику!
Радувај се, на монасите заштитнику!
Радувај се, на послушните покровителу!
Радувај се, непоколеблив исповеднику!
Радувај се, на тишината љубителу!
Радувај се, на понизените сострадалнику!
Радувај се, на изнемоштените утехо!
Радувај се, преподобен отче Јоаникие, ракотински чудотворче!

Кондак 4
Гледајќи ги поздвизите со кои душата своја ја красиш, Бог од манастирот на славниот исцелител те изведе, и кон поголеми нешта те приведе. Од Нерези, во Бањани те прати, и во манастирот на славниот пророк Илија те насели. Во твоето срце небесна љубов кон прекрасниот пророк всади, и под негова закрила те даде. Покриван од пламената вера на чудесниот Илија, ти Бога Го воспеваше: Алилуја!

Икос 4
Огнено пребивајќи во молитва, го предвкуси Рајот. Со духот, ревноста на Илија ја надминуваше, и смирено пред славниот пророк, своите молитви ги приклонуваше. Без зборови проповедаше, и со подвизите воспитуваше. Твојата ревност на Бога Му омиле, па затоа твојата вера со оган ја испита и твојата љубов пред тешки искушенија ја постави. Гледајќи на твоите подвизи, и ние извикуваме вака:
Радувај се, на нашето време огнен пророку!
Радувај се, на Илија соподвижнику!
Радувај се, саду на Божјата благодат!
Радувај се, пребивалиште на Божјата милост!
Радувај се, на Рајот предвкусувачу!
Радувај се, неглаголив проповеднику!
Радувај се, Христов молчанику!
Радувај се, Божји избранику!
Радувај се, со покајно крштение се удостои!
Радувај се, низ солзите до небото се искачи!
Радувај се, преподобен отче Јоаникие, ракотински чудотворче!

Кондак 5
Завидувајќи на твојата непоколеблива вера, завидливецот, ѓаволот, испрати во манастирот неверни Арнаути за да го разграбаат и опустошат твоето молитвено прибежиште. Но, гледајќи го монашкито срце и слушајќи ги твоите чисти молитви, Бог не им дозволи на неверните злобници да ти наштетат или да те расколебаат. Избавен од нечесната рака, ти отче преподобен, Бога Го славеше и пееше: Алилуја!

Икос 5
Бидејќи повеќе не можеше да останеш во Бањани, ти на Бога Му се предаде и во Неговата чудесна промисла не се посомнева. И сега Бог не те остави, и откако во светот твојата вера ја испита, во Марковиот манастир на великиот маченик Димитриј те прати. Мислејќи дека твојата голгота тука завршува, ти пред Бога се смири и во тихование се повлече. А ние, следејќи како Бог кон светителски венец те принесува, ти пееме вака, отче Јоаникие:
Радувај се, Божји избранику!
Радувај се, смирен послушнику!
Радувај се, пастиру добар на словесното стадо!
Радувај се, крину на чесното свештенството!
Радувај се, грозду на вистинската лоза!
Радувај се, плоду на спасоносното дрво!
Радувај се, мирисен темјану!
Радувај се, златосјајно кандило!
Радувај се, престојнику во благодатта Божја!
Радувај се, душегрижнику кој постојано плачеш!
Радувај се, преподобен отче Јоаникие, ракотински чудотворче!

Кондак 6
Како блескаво злато низ оган трипати прочистено, Бог сакаше да ја покаже твојата света душа. Па затоа кон нови страдања те приведе и на тешки маки те предаде. И во Марковиот манастир злобните Агарјани не те одминаа и твојата светост не ја поштедија. Бидејќи во твојот лик водач духовен видоа, од твојата беда богатство бараа. А ти, понизен останувајќи, тивко Бога Го славеше: Алилуја!

Икос 6
Одминувајќи ја повторно злобата агарјанска, со молитва за вечен спокој, манастирот го напушти и на Божјата промисла се препушти. Бог, гледајќи колку твоето срце кон спокој копнее и твојата душа за пустина духовна жеднее, кон крајот на голготата те доведе и во мирното Ракотинци те испрати. А ние, гледајќи колку Бог ја возљубил твојата смирена душа, Јоаникие, ти пееме вака:
Радувај се, на совршената љубов проповеднику!
Радувај се, на вечниот спокој велегласнику!
Радувај се, извору на исцеленија!
Радувај се, бисеру на Божјата светлина!
Радувај се, ѕвездо на незаодниот Исток!Радувај се, изгонителу на бесовската темнина!
Радувај се, радост на прогонетите!
Радувај се, надеж на обесхрабрените!
Радувај се, брз помошнику на верните!
Радувај се, нов учителу на монасите!
Радувај се, преподобен отче Јоаникие, ракотински чудотворче!

Кондак 7
Учител благ, совршен пример, во твоето богопросветено лице виде нашиот изнамачен народ, кој во Ракотинци живееше и кон Бога копнееше. Во твоето лице спокојот го гледаа и во твојата монашка нарав Вистината ја спознаа. Од твоето присуство се насладуваа и така од третото небо предвкусуваа. Не можејќи од тебе да се разделат, за свој учител и свештеник те измолија и на Бога Му пееја: Алилуја!
Икос 7
Повторно Бог под закрила на огнениот Илија те предаде, и во ракотинскиот манастир на славниот пророк со неискажлива благодат те обли. Наоѓајќи го мирот по кој постојано копнееше, во духовната пустина се насели и на највисокиот молитвен столб се искачи. Погледна онаму каде што и ангелите се плашат да погледнат и слушна работи што човечко уво не може да ги слушне. Затоа и сега од нас слушаш вака:
Радувај се, светилнику на нашиот народ!
Радувај се, бисеру на родот православен!
Радувај се, огнен пророку!
Радувај се, тајновиден проповеднику!
Радувај се, славо на монасите!
Радувај се, украсу на свештениците!
Радувај се, поткрепо на подвижниците!
Рдувај се, бедему на молитвеницте!
Радувај се, избранику на Божјата Мајка!
Радувај се, чедо на божествениот Илија!
Радувај се, преподобен отче Јоаникие, ракотински чудотворче!

Кондак 8
Откако видовме како преподобниот Јоаникиј, бивајќи избавен од нечестивата рака, станува жител на духовната пустина на огнениот пророк, со умот кон небото да побрзаме и во тајните на третото небо да погледнеме. Да видиме како чудесниот подвижник во прегратката Авраамова се радува и со ангелите славословија принесува. Бога да Го величаме и да пееме: Алилуја!

Икос 8
Љубовно жариште и тивко пристаниште за сите верни, и исцелител и молитвеник за сите болни си бил, отче Јоаникие. Во тебе страдалниците спасение гледаа и обесхрабрените надеж бараа. Од тешкото иноверно ропство во твоите молитви слобода наоѓаа и во твое присуство Христа Го живееја. Со тебе јаремот беше благ и бремето лесно. Живеејќи во твојот жив спомен и ние ти довикуваме:
Радувај се, заштитнику на христијаните!
Радувај се, исцелителу на болните!
Радувај се, плоду на Црквата Православна!
Радувај се, украсу на верата Христова!
Радувај се, тивко пристаниште на утехата!
Радувај се, тајно прибежиште во надежта!
Радувај се, познавачу на човечките души!
Радувај се, јаснозрителу на небесните тајни!
Радувај се, љубовно жариште на кротоста!
Радувај се, сладок извору на смиреноста!
Радувај се, преподобен отче Јоаникие, ракотински чудотворче!

Кондак 9
Пламено горејќи во срцето и постојано гледајќи кон Бога, како во прво време преславниот отец наш Климент, отвори училиште во кое невините детски души на љубов кон Христа ги поучуваше. Со смирение и кротост ги воспитуваше, во молитвата бодри да бидат ги учеше, во постот послушни да останат им проповедаше, и повикуваше непрестајно на Бога да Му пеат: Алилуја!

Икос 9
Каде се сега мудрите говорници на светот? Каде се оние што со слабостите се фалат и гревот за доблест го величаат? Молчат сега како неми риби безумните говорници, зашто во устата своја немаат збор со кој би можеле да ги опеат твоите подвизи, преподобен отче Јоаникие. Молчат тие, не знаејќи што да кажат за долготрпеливата твоја љубов, а ние смело говориме:
Радувај се, нектарен цвету на вечното знаење!
Радувај се, мирису небесен на мудроста Божја!
Радувај се, младите срца кон бесмртност ги носиш!
Радувај се, за изнамачените души спокој просиш!
Радувај се, молитвен наставнику на монасите!
Радувај се, совршен примеру на наставниците!
Радувај се, пред тебе светот молчи!
Радувај се, со тебе небото се радува!
Радувај се, ангелска пофалбо!
Радувај се, праведничка веселбо!
Радувај се, преподобен отче Јоаникие, ракотински чудотворче!

Кондак 10
Издигнат духовно до третото небо, со огнена кочија воведен во духовниот рај, прекрасен избранику на Божјата Мајка, отче Јоаникие, си постанал источник на небројни исцеленија и најголема слава на Ракотинци. Верните, гледајќи како преку тебе се слави името на Бога Вишниот, со неискажлива радост на Христа Му благодареа и пееја: Алилуја!

Икос 10
Знаејќи за тајните на вечниот Ерусалим, ти си постанал вистински чудотворец, преподобен Јоаникие. За секого си станал сè, само сите кон Христа да ги приведеш и кон спасение да ги доведеш. На болните лекару, на изнемоштените утехо, на натажените радост. Гледајќи како болните се исцелуваат, а демоните од твоето име избезумени бегаат, ти пееме и велиме:
Радувај се, тајновидецу на неискажливата слава!
Радувај се, гласноговорнику на невидливата сила!
Радувај се, она што е недостапно го гледаш!
Радувај се, она што е неискажливо го слушаш!
Радувај се, жителу на духовниот рај!
Радувај се, насладувачу на вечниот Ерусалим!
Радувај се, извору на вода жива!
Радувај се, изгонителу на секоја нечиста сила!
Радувај се, со твоето име бесовите се прогонуваат!
Радувај се, со тебе демоните се поразуваат!
Радувај се, преподобен отче Јоаникие, ракотински чудотворче!

Кондак 11
Непрестајно излевајќи исцеленија и секојдневно нудејќи утеха, отче наш Јоаникие, Бог ги преумножи годините твои на земјата. Гледајќи како огнено и во староста се трудиш на Господовата земја, Премудроста реши во прегратката Авраамова да те всели, та часот на смртта ти го откри. А ти, постојано благодарејќи Му за сите милости кои кон тебе се излеаја, пееше: Алилуја!

Икос 11
Бивајќи во мир отпуштен, како старецот и богопримец Симеон, сам си подготви почивалиште за сопственото тело, кое знаеше дека нема долго да остане во земјата. Зашто, очите твои го видоа спасението што Бог го приготви за Својот народ, и славата во која ќе се радуваат праведниците. А верните што околу тебе беа, духовно се веселеа бидејќи Бог преку тебе ги посетил, и ти повикуваа:
Радувај се, преку тебе Го познавме Христа Спасителот!
Радувај се, преку тебе ја видовме вистинската Светлина!
Радувај се, изгонителу на мракот духовен!
Радувај се, исцелителу на телесните болести!
Радувај се, покровителу на нашата земја!
Радувај се, заштитнику на светоотечката вера!
Радувај се, нова славо за Црквата Православна!
Радувај се, најголема пофалбо на Ракотинци!
Радувај се, смирен монаху!
Радувај се, мудар свештенику!
Радувај се, преподобен отче Јоаникие, ракотински чудотворче!

Кондак 12
Спокојно го напушти светов суетен, преподобен отче Јоаникие, но нас никогаш не нè заборави. Веселејќи се со ангелите небесни, нов жител на горниот Ерусалим стана и сослужител на вечната Тајна се покажа. Украсен со нетлена светлина, над новиот Исток блесна и како најсјајна ѕвезда над нашето небо светна. Преку тебе Бога Го познавме, и Нему, заедно со тебе, Му пееме: Алилуја!

Икос 12
Од Охрид подигната, над Скопје пренесена, во Нерези родена, преку Бањани и Марков, во Ракотинци донесена, светилка што на врв планина свети и не може да се сокрие. Јоаникие славен, просветени од љубовта што низ тебе блеска, на Бога Му благодариме, што како незаодна ѕвезда во овие краишта те прати, за народот преку тебе кон вечното Сонце - Христос да се врати. И сега, стоејќи пред твоите свети мошти, со радост воскликнуваме и пееме вака:
Радувај се, незаодна ѕвездо на вечното Сонце!
Радувај се, красно светило на љубовта божествена!
Радувај се, на Охрид утешителу!
Радувај се, на Скопје воспитанику!
Радувај се, на Нерези славо!
Радувај се, на Бањани пофалбо!
Радувај се, на Марков радование!
Радувај се, на Ракотинци веселие!
Радувај се, озарителу на нашите срца!
Радувај се, наследнику на ветените блага!
Радувај се, преподобен отче Јоаникие, ракотински чудотворче!

Кондак 13
О, чудесен молитвенику и чудотворецу, преподобен отче наш Јоаникие, прими го ова мало молење, кое сега од нашите нечисти усти ти го принесуваме, и не гнаси се од нас, кои со телесни страсти за земјата сме врзани. Застапи се со твојата слобода пред Бога за спасение и мир на родот православен, за да бидеме избавени од секоја душевна мака, ние кои тебе те славиме и на Бога Му пееме: Алилуја!
(Овој кондак се чита трипати, а потоа повторно Икос 1 и Кондак 1)



М О Л И Т В А
Преподобен отче наш Јоаникие, исцелителу на сите телесни болести и ослободителу од сите духовни тешкотии, не оставај ме во тагата на моите гревови да загинам, посрамен од многуте прегрешенија на моето срце. Ослободи ме од уздите на телото и заштити ме од страстите на похотата. Не дозволувај да подлегнам на сладострасните искушенија на кои сум постојано изложен. Отклони ги од моето срце сите стрели на лукавиот, кој ја сака единствено мојата погибел. Заштити ме со своето застапништво пред Бога, и не само од телесните, туку и од сите духовни немоќи ослободи ме мене окајаниот.
О, велик чудотворецу, пред тебе се поклонувам и само тебе ти е молам, заштити ја нашата Татковина од наезда на иноплеменици и зачувај ја нашата Црква од иноверните непријатели. Утврди ја православната вера во нашиот народ, водејќи го кон покајание и оставање на гревовите, бидејќи ти најде милост пред Бога и во тебе се прослави силата Божја. Свештениците и монасите не оставај ги без твоето застапништво, утеши ги со ветените вечни блага, и вразуми ги за правилно да го водат кон спасение повереното им од Бога стадо на словесните овци. Подвижниците укрепи ги во подвигот, почуј ги молбите на сите болни и побрзај да им помогнеш на изнемоштените. А најпосле, спомни си и за мене грешниот слуга Божји, кој недостојно стојам пред твојот свет лик, и не знам со кои зборови да ги искажам многубројните гревови на мојата душа.
Тајнику на душите човечки, кој се удостои да гледаш во длабочината на човекот, погледни и во моето острастено срце, кое стои далеку од Бога. Загреј ја мојата скаменета душа со љубовта Христова, та преку молитвата да напредува во верата Православна, заборавајќи на сите погибелни задоволства од овој свет. Молитвенику за сите обременети, избави ме од бремето на гревовната тага, кое повеќе неможам да го носам. Со своето застапништво, помог ни ми да ги отргнам пороците на моето тело, за да можам да се развеселам во покајниот плач на спасението. Ти кој со солзи изгради скала до небото, моли Го Бога од моето срце да потечат непресушни реки на покаен плач, во кои ќе го измијам мојот ум и ќе го очистам моето срце, та духовно зарадуван, да Му воздавам слава на Бога, сега и секогаш, во овој и во сите векови. Амин!

Comments

  1. На. Помош. СВЕТИ. ЈОАНИКИЈ. ИСЦЕЛИ. Ги СиТЕ БОЛНИ. Исцели и мене. Телесно. И. Духовно. Верка. Воведиме. Во. Божјиот пат. Моли. БОГА За. Спасение на. Нашите. Души. Амин

    ReplyDelete

Post a Comment

Напиши коментар