Само еден пат води до спознанието на Вечната Вистина: тоа е Љубовта...


 

Само еден пат води до спознанието на Вечната Вистина: тоа е Љубовта




 Човекот само преку практична љубов стекнува вистинско спознание за Бога и самоспознавање.

 Сакајќи го Бога и луѓето, човекот емпириски знае дека неговата душа е Христова и бесмртна.

 Искуството на практичната љубов како метод на теогноза и антропогноза е едно од Евангелијата што Богочовекот му ги дал на човечкиот род.

 Користејќи го овој метод, човекот брзо го наоѓа и Бога и себеси.

 Додека е на патиштата на омразата, човекот лесно ги губи и Бога и себеси.

 Откако Богочовекот го вовел и употребил, овој метод на познавање на Бога и самоспознавање станал и дефинитивно останал метод на Православната епистемологија.

 Во Богочовекот Христос има нешто неспоредливо поголемо од Вистината, Добрината, Убавината.

 Тој е сето ова во апсолутна смисла и во исто време нешто многу повеќе од овие.

 Сè што е најдобро за човечката душа, Христос привлекува кон себе со некој неодолив магнетизам на љубовта.

 Тој ѝ го дава на човечката душа она што не може да и го даде ниту апсолутната Вистина, ниту апсолутната Добрина, ниту апсолутната Убавина.

 Само еден пат води до спознанието на Вечната вистина: тоа е Љубовта.

 Стекнувајќи ја Љубовта, која е самиот Бог, човекот вистински се соединува со Бога и на тој начин доаѓа до вистинско спознание за Вечната Вистина.

 Љубовта го исполнува човекот со Бога.

 Човекот го познава Бога по мерката на исполнување со Бога.

 Исполнет со Бога, човекот се просветлува, се осветува, се обожува и на тој начин доаѓа до вистинско Богопознание.

 Прифаќајќи ја и живеејќи ја првата и голема заповед, човекот станува содружник на Божествената природа (2. Пет. 1,4).

 Божествената енергија на љубовта го воведува целиот човек на патот на обожението: го обожува неговото срце, душа, ум, волја и се што е човечко;  тој живее за Бога, го чувствува Бога, мисли за Бога, го сака  Бога.

 Освен тоа, тајната Божја им го открива Светиот Дух на луѓето, бидејќи никој не ги видел Божјите работи освен Божјиот Дух (1. Кор. 2, 11).

 А Светиот Дух е Духот на љубовта и Духот на мудроста и разумот, односно Духот на знаењето.


 Свети Јустин Поповиќ


Comments