Молитви за Духовниот отец

 Молитва до Спасителот за духовен отец


О најсладок Исусе! Ти си неизмерно свет, неизмерно праведен, неизмерно милостив, со твојата светост освети го мојот духовен отец, со својата праведност оправдај го, со својата милост заштити го, исцели го од болести.

Господи, Ти нè соедини на земјата, не разделувај нè во Твоето Небесно Царство и со неговите свети молитви прости ми ги сите гревови, прости ги и на сите негови духовни чеда, како Добриот и Љубител на човештвото. Амин.


Молитва  до Господа за духовен отец


Спаси го, Господи, и помилувај го мојот духовен отец  (име),

не осудувај го и не измачувај го заради мојот гревовен живот.

Умножи ги во него духовните дарови, откриј му ги сите мои прегрешенија, исполни го со мудрост, со милост и со љубов, и заради неговите молитви дарувај му простување на гревовите, исправање на животот, преуспевање во добродетелите, и испрати му ја Твојата богата милост.

Запази го, Господи, во овој ден (во оваа ноќ) да го избегне гревот, совладај ги неговите телесни и бестелесни непријатели, избави го од видливи и невидливи непријатели и запази го од лукави и неправедни луѓе. Спомни го, посети го и зајакни го на многу години, заради нас грешните. О, Пресладок Исусе!

Господи, Ти си безмерно Свет, безмерно Праведен, безмерно Милостив! Господи, освети го со Твојата Светост мојот духовен отец (име), оправдај го со Твојата праведност, закрили го со Твоето милосрдие, и по неговите свети молитви прости ми мене, големиот грешник, и на сите негови духовни чеда прости им, зашто си Благ и Човекољубив. (Поклон)


Молитва до Пресвета Богородица за духовен отец


О, Пресвета Владичице моја, Дево Богородице, Царице  на небесата и на земјата. Чуј ги воздишките и грешната молитва на душата моја која ти ја принесувам за мојот духовен отец, многустрадалниот слуга твој (име). Биди му вечна Сопатничка, во секое време биди со него заштитувај

го со светите Ангели. Утврди го, бдеј, чувај го дури спие и теши го кога плаче: бодри го во очајанието и избави го од неволјите, ослободи го од клевети и подигни го во немоќта. Порази ги демоните кои стануваат против него и при смртна опасност биди му Помошничка. Направи го од ден во ден пострашен за видливите и невидливите непријатели, за да знаат дека тој е твој слуга, Богомајко: Ти која си Го родила Господ и Царот наш, Тебе која ти припаѓа чест и поклонение во вековите на вековите, Мајко Божја, омекни ги срцата на злите луѓе кои се креваат против него. Ти ја гледаш тагата и маката на мојот духовен отец и само тебе единствено ти се познати неговите страданија. Ти ги знеш сите тајни на неговата душа. Погледни на него од небото и олесни ги неговите страдања и покри го со милоста своја. Испрати благослов на делата негови и испрати му невидлива помош. По неговите свети молитви, дај ми и мене смирение, самопрекор, трпение, кротост, целомудрие, молчание, и заштити ме од сите искушенија од видливите и невидливите непријатели. Амин! 


Молитва на Свети Симеон Нов Богослов за наоѓање духовен отец



Господи, кој не ја сакаш смртта на грешникот, туку тој да се обрати и да живее; Ти, кој дојде долу на земјата за да го обновиш животот на оние што лежат мртви поради гревот и за да ги направиш достојни да Те видат Тебе, вистинската светлина, колку што тоа е можно за човекот, прати ми човек кој Те познава, за преку служењето кон него и покорувањето кон него со сета моја сила, како кон Тебе, и извршувајќи ја Твојата волја преку неговата, да Ти угодам Тебе, единствениот вистински Бог, така што дури и јас, грешниот, да станам достоен за Твоето Царство.


Comments