Источен петок – Балаклија
Се слави во петокот на Светлата седмица. Во Цариград во V век, во близина на таканаречената „Златна Порта“ постоело место полно со кипариси и чинари, уште одамна посветено на Пресвета Богородица. Во шумичката постоел извор, исто така одамна познат како источник на чуда. Со текот на времето местото обраснало со грмушки, а водата исчезнала во калта. Само влажноста на земјиштето навестувала дека постои извор. Еднаш војникот Лав Маркел минувајќи низ тоа место наишол на беспомошен патник, слеп човек кој го беше загубил патот не можејќи да се снајде. Лав му помогнал да се врати на патеката, и го одведел човекот, ослабен заради истоштеноста, под сенка да се одмори, а тој, пак, тргнал во потрага по вода за слепиот. Одеднаш слушнал глас кој му велел: „Лав, не барај вода некаде далеку. Таа е тука блиску.“ Лав, вчудоневиден од таинствениот глас, почнал да бара наоколу, но вода не можел да најде. Додека стоел така, натажен и замислен, истиот глас повторно му се обратил: „Цару Лав! Појди во сенката на шумичката, нацрпи од водата што ќе ја најдеш таму и подај му од неа на жедниот. Стави му врз очите од калта во изворот. Тогаш ќе узнаеш Која сум Јас, Која е Таа што толку долго време го благословува ова место. Набргу ќе ти помогнам да подигнеш тука црква со Моето име и на сите што ќе притекнат овде и со вера ќе Ме повикаат ќе им бидат услишани молитвите и потполно ќе се исцелат од нивните болести“. Лав поитал кон назначеното место, зел кал од изворот и ја ставил врз очите на слепиот, давајќи му и вода да се напие, и на овој веднаш му се вратил видот. Без водач тој пристигнал во Цариград, славејќи ја благодатта на Пресветата. Овој настан се случи за време на цар Маркијан (391-457). Царот Маркијан го наследил Лав Маркел (457-473). Тој го запамтил јавувањето на Пресветата и наредил изворот да се исчисти од тињата; изградиле насип за да се оддели овој од другите извори во близината, а водата ја затвориле во голем тркалест камен базен, над кој изградиле црква посветена на Пресвета Богородица. Царот Лав го нарекол изворот „Животодавен Извор“, зашто таму била објавена чудотворната благодат на Пресветата. Стотина години по Маркијан, владеел царот Јустинијан Велики (527-565), човек длабоко посветен на православната вера. Многу време тој страдал од водена болест, не наоѓајќи помош кај лекарите и сметајќи се себеси веќе за осуден на смрт. Еднаш на полноќ тој слушнал глас: „Ти, цару, нема да оздравиш с? додека не се напиеш од Мојот извор.“ Царот не знаел за кој извор му зборувал гласот, та паднал во очајание. Тогаш, дента, Богородица му се јавила велејќи му: „Стани, цару, појди до Мојот извор и напиј се од него, па ќе бидеш здрав како порано.“ Болниот ја послушал Пресветата Владичица. Го нашол изворот, се напил од неговата вода и наскоро му се повратило здравјето. Во близина на црквата изградена од Лав, благодарниот цар подигнал нова велелепна црква, каде што подоцна бил основан голем манастир. Во петнаесеттиот век царскиот град паднал во рацете на муслиманите. Прочуената црква на Животодавниот Извор била уништена, а градежниот материјал бил употребен за изградба на џамија на султанот Бајазит. Местото каде што порано стоела црквата било покриено со земја и кршен камен, така што и од самите нејзини темели немало трага. Прекрасната околина била претворена во муслимански гробишта. Турската стража, поставена при урнатините на црквата, им забранувала на христијаните не само да се собираат на тоа место, туку дури и да пријдат таму. Со текот на времето забраната станала не толку строга и на христијаните им било дозволено да направат малечка црква на тоа место. Но, во 1821 г., и таа била урната, а самиот извор бил затрупан. И повторно христијаните ги расчистиле урнатините, го откопале изворот и повторно црпеле вода од него. Дури и при овие остатоци од некогашното величествено свето здание, Пресветата, како и порано, со Својата благодат им помагала на оние што притекнувале при Неа. Подоцна, меѓу скршените парчиња кај еден од прозорите била пронајдена, веќе полураспадната од времето и влагата, плоча на која биле запишани 10 чуда што се беа случиле при Животодавниот Извор меѓу 1824 и 1829 година. За времето на владеењето на султанот Махмуд, православните добиле малку слобода за извршување на богослужбите. Тие го искористиле ова да подигнат, по трет пат, црква над Животодавниот Извор. Во 1835 г., со големо велелепие, Вселенскиот патријарх Константин, во сослужение со 20 епископи и во присуство на мноштво верници, ја осветил црквата којшто и до ден денес стои. Во близина била изградена болница и прифатилиште за сиромашни. Дури и муслиманите зборуваат со голема почит за Животодавниот Извор, како и за Богородица, Која преку него ја излева Својата благодатна моќ. „Голема меѓу жените Света Марија“, вака тие зборуваат за Пресветата Дева. Водата од Животодавниот Извор ја нарекуваат „вода на Светата Марија“. Невозможно е да се наведат сите чуда источени од Животодавниот Извор преку кои беше излеана благодат врз цареви, патријарси, врз големци како и врз обични луѓе. Силата на благодатта до денешен ден дејствува преку изворската вода. Таа сила лично ја имаат доживеано не само православни христијани, туку и католици, Ерменци, па дури и Турци.
Кондак
Богоблагодатна Дево, од Твојот извор кој тече непрестајно, Ти ми даваш вода од Твојата благодат неискажливо. Затоа Ти се молам Тебе, Која надумно Го роди Словото, пороси ме со благодатта, за да Ти повикувам: Радувај се, водо спасителна!
Comments
Post a Comment
Напиши коментар