Сакам да ви кажам една поучна приказна: Имало
некој цар во некоја земја, мошне добар и дарежлив, кој ги сакал сите еднакво,
како свои деца, и за сите се грижел еднакво, но се грижел и за нивните души. Но
и таа земја изобилуваше со блага, како што рече Давид: „Кај нив се намножија
плодовите од пченица, вино и елеј“. А делото на тој цар беше да им дава на сите
што имаа потреба. Тој даде и заповед: оние што имаат да им даваат на оние што
немаат, како што пишува во Дела (апостолски): „Сите беа како една душа“. И на
сите им даваше според нивната потреба. Таква беше таа земја и таков беше царот.
А тој цар имаше седум мошне убави ќерки. Сакајќи да ги провери своите луѓе, тој
даде заповед да дојдат сите и да им оддадат почит на неговите ќерки, откако ги
подреди по возраст – најмалата подалеку, а најголемата – до себе.
Едни им оддадоа почит на сите еднакво и му
угодија на царот, а други постапија лошо: на најмалата ѝ оддадоа почит добро, а
другите – само ги поздравуваа и ги одминуваа. Кога добриот цар го виде тоа, својата
милост ја претвори во гнев, и на слугите им нареди да ги тргнат од пред
неговото лице. Но не само тоа, туку нареди и да ги предадат на мачители, за да
ги мачат. Дали царот постапил неправедно?
Возљубени, сакате ли да дознаете кој е тој
цар? Оние што имаат бистар ум веќе разбраа, но заради мнозинството ќе кажам
јас. Царот е добриот Бог на сите. А земјата, која изобилува од сите богатства,
е Црквата. А сите вие знаете колку добра има во неа. Душите на целиот свет се
спасуваат во неа. Тука се Законот и Пророците и Самиот Господ, Кој заради нас
слезе и стана човек, заради нас се распна, умре и воскресна. Потоа ги испрати
Своите апостоли. Преку нив нè повика во Своето царство. Он постојано повикува
преку светите евангелисти: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас
ќе ве успокојам“. И пак: „Оној што доаѓа при Мене, нема да го испадам надвор“.
Има ли нешто поголемо од оваа добрина?
А седумте ќерки се седумте недели од светиот
пост, коишто Господ заповеда да ги почитуваме повеќе од сите денови во годината,
со пост, молитва и милостина. Затоа, ако ѝ оддадовме добра почит на првата
седмица, најмалата, која е подалеку од Царот, како ќе ги одминеме сите други?
Што ќе Му одговориме тогаш на Господа на страшниот ден суден? И како ќе се
оправдаме што не сме сакале да ги држиме чисто и другите посни денови? Но, ве
молам, браќа, не мислете и не говорете дека не можете сето тоа да го примите
така. Ова оправдување е лошо и е полно со вина. Ако ја поминавме во пост првата
седмица, по толку прејадување и препивање, тогаш колку повеќе, откако сме
свикнале со доброто, ќе можеме да го минеме целиот пост и да Му угодиме на
Бога, да ги спасиме своите души и да ги осветиме! Јас не ве принудувам да
постите и да бдеете повеќе од своите сили, туку секој според своите можности и
сили.
Но воздржувајте се најмногу од животни грижи и
од пијанство, од завист, од клевети, од злопамтење, од блуд и од алчност. А
вие, богатите, двајте милостина повеќе отколку во другите денови, та со чиста
совест да пристапите до Христовите тајни и да го примите пречистото тело и
вечниот живот. Давајте им добар дар на бедните, кои непрестајно Му се молат на
Бога за сите. Овие работи не се тешки, ако сакаме. Само да не бидеме мрзливи и
небрежни, за да не го загубиме трудот, што го примивме во првата седмица.
Comments
Post a Comment
Напиши коментар