Господи, ја просиме Твојата добрина

 Секогаш се молам за мир, но мир нема во животот, зашто гревот се шири и не дава спокој на никого. Каде да бегам од Тебе, Господи? На која страна да се скријам од Твоето лице? Небото е Твој престол; земјата Твое подножје; морето е Твојот пат; во адот – Твоето господство! Ако веќе е близу крајот на светот – тој крај нека не биде лишен од Твојата милост и добрина. Знаеш Ти, Господи, дека нашите неправди се многу и големи; зачнати во беззаконие и родени во грев, ние го носиме игото на својата злоба; ако не се Твоите милости и добрини, ние би загинале во своите беззаконија: не нè оставај Господи, Господи, зашто ние сме вкусиле од Твојата плот и крв. Кога делата на секого ќе се подметнат на испитание пред Тебе, Господи на сè, во тоа време не го одвраќај Боже, Твоето лице од оние, кои Го исповедуваат Твоето свето име. Оче, Сине и Духу Свети, спаси нè и запази ги нашите души. Господи, ја просиме Твојата добрина, прости ни ги прегрешенијата; презри ги нашите беззаконија; отвори ни ги вратите на Твојата милост; дај ни, Господи, мирни времиња; според Својата милост, милостиво прими ги нашите молитви; Ти секогаш ги отвораш вратите на небото за оние, кои се каат; Те молиме, не нè оставај без внимание, кога и ние затропуваме од срце на таа врата за милост и избавување!

 Свети Ефрем Сирин


Comments