Средбата на Свети Василиј Велики со Свети Ефрем Сирин

 Средбата на Свети Василиј Велики со Свети Ефрем Сирин


Кога Свети Ефрем ја посетил Кесарија, тој посака да го запознае големиот Василиј, основачот на Православната догма и првенец на побожноста. Свети Ефрем, кој беше прозорлив, многу го почитуваше Архиепископот на Кесарија, кого го гледаше со очите на својата душа. Во едно видение, го виде Свети Василиј со гулаб којшто блескаше светлина посјајна од сонцето и стоеше од десно на јерархот, шепкајќи му на уво. Потоа Свети Ефрем виде како Свети Василиј им го кажува на луѓето она што ќе го слушнеше од Божествениот гулаб. И преподобниот Ефрем беше просветлен од овој ист гулаб дека тоа што се случуваше е преку благодатта на Сесветиот Дух и се радуваше во Духот. 


Видението на Свети Ефрем беше уште посилно запечатено со вести за многуте чуда на Свети Василиј. Затоа, Ефрем му се молеше на Бога да му открие каков е овој светија. И Ефрем сведочи дека видел огнен столб којшто се издигнувал на небото, и слушнал глас како му вели: „Ефреме, Ефреме, каков што е овој огнен столб, таков е и великиот Василиј!“ Тогаш без двоумење, Ефрем си зеде со себе преведувач кој го знаеше и грчкиот и сириските јазици и отиде во Кесарија. Беше тогаш празникот на Богојавление. Тој влезе во Црквата и го виде Свети Василиј облечен во прекрасни и скапи одежди, како со голема смелост ја слави Светата Литургија. Тогаш Ефрем се прекори себеси и му рече на преведувачот:


„Попусто се мачевме, брату, бидејќи овој човек, иако го гледаш во ваква слава, не е онаков каков што го видов“

Св. Ефрем Сирин


Светиот јерарх, откако беше известен во духот за овие зборови изговорени од Свети Ефрем, повика еден од своите ѓакони и му рече: „Оди кај западните порти на црквата и ќе видиш двајца монаси како стојат таму: еден е без брада, висок и слаб, а другиот има црна брада. Обрати му се на безбрадиот монах и речи му: „Дојдете пред олтарот, бидејќи Архиепископот сака да зборува со вас“. Ѓаконот замина и со напор успеа да си пробие пат низ мноштвото. Му ги пренесе зборовите на Свети Василиј на праведниот Ефрем, кој преку преведувачот му одговори: „Грешиш брату, ние сме туѓинци и непознати. Како може Архиепископот да нè познава?“ Не знаејќи што да одговори, ѓаконот се врати кај Архиепископот. Му ги пренесе зборовите на Свети Ефрем на својот свет јерарх, кој повторно го испрати, упатувајќи го: Оди и речи: „Господине Ефрем дојдете кај олтарот, бидејќи Архиепископот ве вика.“ Така ѓаконот појде одново. Правејќи метанија, тој му ја пренесе пораката на јерархот на преподобниот монах. За возврат, праведниот Ефрем, се поклони пред ѓаконот, велејќи: „Навистина, големиот Василиј е огнен столб, бидејќи знае дека го барам за да зборувам со него насамо“. Кога Свети Василиј заврши со служењето на Божествената Литургија, го повика Свети Ефрем. Откако се поздравија со свет целив, тој разговараше со отецот на пустината за длабоки духовни теми и божествени тајни и замисли. Потоа, го охрабри Ефрем да му каже дали има било каква скриена желба во срцето. 


Праведниот Ефрем му се обрати преку преведувачот, велејќи: „Ќе ве замолам за една услуга, Ваше Преосвештенство, слуго Божји“. Свети Василиј го прекина: „Барај што и да сакаш, бидејќи сум обврзан кон тебе заради трудот што го вложи за да дојдеш до мене ништожниот“. Свети Ефрем продолжи: „Знам, свет оче, дека ако се помолите за нешто на Бога, Он ќе ви го даде. Па, еве, би сакал да му се помолите на Бога да научам да зборувам грчки, бидејќи не го знам овој ваш јазик“. Свети Василиј одговори: „Твоето барање, свет оче, е над моите сили. Но, бидејќи го побара ова со вера, ајде и двајцата да Му се обратиме на Бога, бидејќи Он е единствениот што може да го исполни твоето барање, зашто дури и пророк Давид кажал:


„Тој ги исполнува желбите на оние кои се бојат од него, ги слуша нивните повици и ги спасува“ (Псалм 145,20)


Откако Свети Василиј го кажа ова, тој долго време стоеше заедно со Свети Ефрем на молитва. И кога ја завршија својата молитва, светиот повика со силен глас: „Благодатта на Светиот Дух нека е со тебе, прозбори грчки!“ И како што Свети Василиј ја кажа оваа заповед – о, чудо! – Свети Ефрем ја отвори својата уста и зборуваше грчки, исто така како Свети Василиј и Христијаните во тоа место. 


Потоа, како што се вели, светиот јерарх го потстрижа преподобниот Ефрем за ѓакон, а неговиот преведувач за свештеник. Св. Ефрем остана со Св. Василиј три дена и стекна голема полза од неговото учење. На крај, си замина повторно во дивината, славејќи и благословувајќи Го Бога… 


Светиот Василиј беше голем почитувач на Свети Ефрем и беше восхитен од неговата елоквентност, иако Ефрем не бил формално образован. Нешто подоцна, Свети Василиј го повика преподобниот химнограф да дојде во Кесарија со намера да го издигне во свештенички чин, но Ефрем беше решен да не прими такво достоинство и почна да се прави безумен. Одеше низ улиците непристојно, наметнат со шарени облеки и јадеше леб, лигавејќи се. Испратените од Свети Василиј беа ужаснати од неговото однесување и го известија дека неговиот кандидат е вистински лудак. Свети Василиј извика: „О, скриен скапоцен бисеру, кого светот не го познава! Вие сте луди, а тој е свет!


Извор: bigorski.org.mk

Comments